Мегафоните од фиреровиот сокак

29.03.2013 13:34
Мегафоните од фиреровиот сокак

По повод четиригодишнината од тепањето на студентите пренесуваме два текста. Едниот е објавен веднаш по насилството на плоштадот, а вториот е објавен на првата годишнина од настанот. По повод првиот текст од страна на Драган Павловиќ Латас против Никола Гелевски беше поведен судски спор, којшто Гелевски го изгуби и мораше да плати казна за клевета и навреда.


Јанко Јадибурек е најнепосредниот поттикнувач на новиот фашистички изблик, кога во саботата толпа лажни христијани и вистински тепачи маваа и бркаа педесетина студенти излезени на најавен мирен протест. Само заради тоа мора да се отстрани од јавната сцена таа страшна медиумска фигура која со години шири најсоголена национална, верска и родова омраза. (Еве го неговиот јавен повик на неговиот блог, вечерта пред најавените протести: „Утре во 12 часот, на плоштад во Скопје, најверојатно, збирштина од геј и атеисти ќе се обидат да шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против изградба на црква.“)

Следниот дел Бичиклиски и Латас продолжија да повикуваат на линч на неистомисленици и со најнавредливи зборови да го кршат елементарниот уставен поредок на земјата. (Ако Фрчкоски, за вистината што ја изрече за поврзаноста на Груевски и Окта, доби онолкава финансиска казна од судот, колкаво обештетување треба да добие Соња Исмаил, затоа што јавно е изложена на линч, само затоа што е ќерка на Ѓунер Исмаил?! И не само што јавно е изложена на Линч од официјалната гебелсовска пропагандна машинерија на Груевски туку е изложена на лавина најчудовишни навреди по блоговите. Како реакција на тоа, стотици млади деновиве, обесхрабрено, зборуваат за азил од темниов вилает. Малцинство се, да! Десет пати ги има помалку од опиените грујовисти! И заради тоа треба да бидат затепани како изроди! Неверници, предавници, педери и лезбејки! И иселени не само од сопствениот град туку и од православна античка Македонија!)

Бичиклиски, Јадибурек, Латас, Неделко, Томиќ итн. не се проблем заради својата јасна политичка агенда: земјава да ја претворат во тоталитарна касаба на малиот црни Грујо и неговите гуланфери, гелиптери и автобускиот башибозук што го развезуваат наоколу во проектот „Братимење на г(р)адови“ за дисциплинирање на неистомислениците (тепачи од Гостивар доаѓаат да тепаат 50 студенти собрани на сопствениот градски плоштад за јавно да го изразат своето мислење... Кога следниот пат ќе дојдат автобуските тепачи на ВМРО Скопјани богами ќе се организираат малку подобро, ако ништо друго за да ги заштитат своите деца; а мечката на насилството ќе заигра и пред портите на поттикнувачите од типот на Латас, Бичиклиски и Јадибурек).

Јадибурек и компанијата не се проблем само зашто новинарството и јавната работа ја сведоа на спин сервис на една политичко-мафијашка дружина во операција на растурање на Република Македонија, туку се проблем затоа што најдиректно и најсоголено го кршат највисокиот и сè уште на власт правен документ на оваа земја: Уставот. Еве што вели Уставот во член 16:

СЕ ГАРАНТИРА СЛОБАТА НА УВЕРУВАЊЕТО, СОВЕСТА, МИСЛАТА И ЈАВНОТО ИЗРАЗУВАЊЕ НА МИСЛАТА.
СЕ ГАРАНТИРА СЛОБОДАТА НА ГОВОРОТ, ЈАВНИОТ НАСТАП, ЈАВНОТО ИНФОРМИРАЊЕ...
Еве што вели член 21:
ГРАЃАНИТЕ ИМААТ ПРАВО МИРНО ДА СЕ СОБИРААТ И ДА ИЗРАЗУВААТ ЈАВЕН ПРОТЕСТ БЕЗ ПРЕТХОДНО ПРИЈАВУВАЊЕ И БЕЗ ПОСЕБНА ДОЗВОЛА. КОРИСТЕЊЕТО НА ОВА ПРАВО МОЖЕ ДА БИДЕ ОГРАНИЧЕНО САМО ВО УСЛОВИ НА ВОЕНА И ВОНРЕДНА СОСТОЈБА.

Разочарува и улогата на полицијата. Бев на плоштадот во сабота и сведочам: полицијата ниту им овозможи на малата група студенти да го изразат својот најавен протест, ниту доволно ги заштити кога толпата тргна да се пресметува со нив. Но, најстрашното, екстремно партизирано, однесување на полицијата следеше потоа, кога низ соопштенијата вината за нередите беше ставена врз жртвите.

Сево ова недвосмислено зборува за фашистичката природа на власта на Никола Груевски и на неговите фаланги за застрашување. И не е прв пат. И, за жал, нема да биде последен пат, зашто фалангите активно работат на разгорувањето на граѓанска војна во Република Македонија. (Истово од саботата лично го дожиеав и во Струга, пред околу два месеци: толпа пијани и политички инструирани хулигани нè нападнаа и спречија во обидот да организираме граѓанска трибина.)

Сè помалку се двоумам околу главната констатација на нашиот современ политички миг: единствената реална агенда на Груевски е растурање на нашата земја. Истата агенда што ја имаше и Милошевиќ во однос на Србија и која денес ја признаваат дури и најнапалените десничари во Србија сведувајќи го страшниот историски национален пораз на наивна конспирација: „Милошевиќ беше американски човек“. А речиси цела Србија стоеше зад тој „американски човек“ во војните против сите други народи на бившата СФРЈ, заклучно со војната против САД 1999 година!

Недвосмислено расистичката и екстремно националистичката политика на Грција во Груевски го има својот идеален сојузник. Нема посоодветен партнер од Груевски за одржување на високата национална температура во Грција. Тоа не значи дека премиерот не произлегува од длабоките слоеви на современата македонска бит и дека не е автентичен политички претставник на сегашниве историски премрежиња. Напротив. Тоа само зборува дека гробот сами си го копаме и дека патот кон пеколот пословично е поплочан со добри намери. Сите оние кои денес безрезервно стојат зад сосема поместениот политички проект на Груевски за десет години ќе велат дека, ах, се зезнавме, тоа беше прекрупна игра за нас, Груевски нè завади, нè растури на верници и неверници, на предавници и на хипермакедонци, на Хунзи и Славјани, на урбани и сељаци...

Несомнено дека Груевски и неговите мрачни фаланги ќе паднат. И несомнено дека тој пад ќе предизвика сериозни, дури тектонски поместувања на нашата јавна сцена. Работата сè уште е во тоа да го спречиме крвавиот расплет, можната граѓанска војна, и да го направиме тоа што побрзо, оти секој ден на владеењето на Груевски за Македонија значи тешка и неповратна историска регресија. Јас не планирам азил.

„Утрински весник“, 31.03.2009.

 

 

 

28.03.2009.

Помина една година од сега веќе историското тепање на граѓаните (главно студенти) што се обидоа да протестираат против изградбата на верски објекти на главниот скопски плоштад. Ако некој дотогаш сè уште имал некакви дилеми во однос на природата на власта на Груевски, дилемите тогаш се распрснаа; се покажа недвосмислено грдото тоталитарно лице на власта: не само што насилнички беше оневозможен мирен протест, туку организаторите на протестот дополнително беа судски гонети (и самиот добив судска покана, но не за присуство на протестот - иако во режимот на ВМРО и тоа е мошне сомнително - туку за текст објавен неколку дена по протестот; поради тој текст кој повикува на одбрана на Уставот и на заштита на граѓаните од повиците на линч, ме тужи за навреда новинарската Тупаница на режимот и еден од најозлогласените новинарски платеници во регионов). Тогаш, на 28 март 2009, во најсоголена можна форма видовме дека партијата се поистоветила со државата и дека навистина сака да контролира сè: и живо и мртво и насмеано и смуртено и религија и историја и сегашност и споменици и гулаби и кучиња и глутници и локално и централно и опозиција и медиуми и граѓански здруженија и судство... - буквално и тотално сè.

Дури неодамна дознавме што бил влогот и зошто реакцијата на власта беше толку ирационална и насилничка; за тајниот проект „Скопје 2014“, како што неодамна призна десната рака на премиерот, Мартин Протоѓер, пари од буџетот се одвојуваат уште од 2006 година. Во тоа интервју за „Утрински весник“ (од 13.02.2010.) Протоѓер вели дека е замислено проектот да трае од 2006 до 2014 и во тој период за него да се одвојува по половина процент од буџетот секоја година (девет години, значи, по 20 до 30 милиони евра годишно; некои владини извори подоцна зборуваа не за половина процент од буџетот туку за цел еден процент; а завршувањето на проектот го проектираа не во 2014 туку во 2018).

Ние што излеговме да се буниме против изградбата на верски објекти на плоштадот, на 28 март минатата година, поим немавме за проектот „Скопје 2014“. Како што поим немаа и сите други граѓани во земјава, освен Груевски, Протоѓер и евентуално уште некој. Не е јасно зашто е таен проектот за радикално менување на центарот на главниот град. Инаку, делумно е јасно дека тој проект е дел од исто така тајниот (кровен?) проект наречен антиквизација (никогаш консекветно изложен, ако не ги сметаме бизарните истрчувања на владината новинарска Тупаница која уште пред две години занесено ни објаснуваше што сè владата ќе преименува и изгради во антички дух, за инает на Грците). Антиквизацијата, пак, е единствената стратегија (а, велам, и таа е полутајна и никогаш јасно изложена) што власта ја применува во однос на најважното македонско политичко прашање: проблемот со Грција околу името. Знаејќи ја тезгарско-трговската политичка природа на Груевски, може да се претпостави дека антиквизацијата има и меркантилна природа: Грците нам ни даваат зелено светло за НАТО и ЕУ, а ние, т.е. бескрајно конструктивната и отворена политика на македонската власт, за возврат ќе го промениме името на градскиот стадион во Скопје, името на аеродромот, автопатот итн. Не е битно што ваков план не би поминал ни кај дете од трето одделение. Битно е што, повеќе-помалку, тоа е единствената стратегија што во однос на проблемот со името ја видовме од власта изминативе речиси четири години.

Денешните критички гледања на проектот „Скопје 2014“ се разнородни. Дел од критичарите мислат дека тоа е животниот проект на „пастирот“, особено со оглед на сосема неуспешниот четиригодишен мандат. И дека оттаму произлегуваат фанатизмот и ирационалноста со кои се брани проектот. Други коментатори велат дека проектот е мртвороденче во сите варијанти и дека е полигон за дополнително пљачкање. Трети велат дека станува збор за димна завеса, исто така во функција на понатамошното опустошување на буџетот, т.е. негова преселба во партиски и приватни џебови.

И покрај многуте отворени дилеми, се чини дека сè повеќе граѓани сфаќаат дека проектот „Скопје 2014“ е катастрофален, на речиси сите рамништа (економски, политички, законски, урбанистички, естетски, меѓунационални итн.). Тие мислења не продираат во „бункерот“, т.е. сè уште се третираат како „непријателска пропаганда“ на „соросоидите, предавниците и збирштините од геј и атеисти“. Ионака максимално нараснатите ровови меѓу граѓаните (кои Груевски неуморно ги копа од првиот ден на владеењето, и тука навистина е совршено доследен) изминатава година дополнително се проширија (антички против словенски, верници против атеисти, христијани против муслимани, педери и лезбејки против здравата заедница од маж и жена итн.). Тешко е да се претпостави зашто Груевски толку длабоко инсистира да го подели македонскиот народ, по сите шевови и речиси до степен на граѓанска војна (оти толку грубото игнорирање на буквално сите мислења и постапки кои излегуваат од гравитационото поле на партијата, не може да се нарече поинаку освен соголено насилство).

Одговорите на овие прашања, се чини, за среќа, ќе ги добиеме релативно брзо. Тоа значи дека - и покрај тоа што сме принудени да живееме во средина во којашто вистината, како во „Кралот Лир“, станала „пциште што мора да се прибере во дувлото“ - токму вистинското согледување на сегашниов политички ќорсокак конечно ќе ја оконча бескрајната транзиција и ќе ја постави Македонија на пат кон излезот, кон Европа.

„Глобус“, 30.03.2010.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото