Како ќе се живее?

30.03.2013 17:37
Како ќе се живее?

Утрото по изборите многумина се чувствуваа како исцрпени херои што се бореле со море непријатели, сфаќајќи дека шаржерот е испразнет. Во недостиг од муниција хероите продолжуваат да се борат со голи раце, до смрт. Некои би да побегнат и да се сокријат некаде, лечејќи ги раните и размислувајќи што им се случило. Некои се надеваат дека ќе станат Брус Ли или Чак Норис. Некои можеби очекуваат зад брдото одеднаш да се појави засилување или верната дружина. Со громогласно – ура! Како на филм. Многумина се прашувавме и прашуваме: како ќе се живее, сега? Нашето јаве, за жал, не е филм. Во нашето јаве ја видовме немоќта обесена во статусите на Фејсбук, како пациент кога држи лист со тазе дијагноза која бара доживотен третман, а лек – ни за лек!

Одговор на прашањето од насловот ни самата не најдов никаде, а беа отворени безброј нови прашања. Се потсетив на реплика од автобиографијата на Григор Прличев, кога размислував за одлуката што ја донесе нашиот народ, мислејќи дека се спасил од најголемото зло! Кога бил дете мајка му и дедо му му велелe на Григор дека ако не заспие на време ќе дојдат желки-мачителки и ќе го мачат. Aко не слушал, го покривале преку глава за да се скрие и дедо му со рацете го гмечел јорганот, небаре желките доаѓале. Таа „игра“ го натерала Григор да се праша: „Чуму ми е живот кога имало желки мачителки, зарем малу ни се другите маки?”

Така еве веќе седум години нè плашат со приказните за заговори, предавници и шпиони, за цел свет што се ујдисал против нас - и тоа го прават токму тие, единствените народни мачители, притоа градејќи грозоморни бетонски оклопи на плоштадот и демонстрирајќи „фасадна сила и моќ“ - Хорор Шоу на македонски начин. И при сето тоа бараат да им веруваме дека млекото од пиле само што не протекло. И така срамно поткупен, исплашен, а лажно осилен, божем мнозинскиот народ гласа за нив и слави нови големи победи. Уште еден циркус преживеавме, а народецот слави оти не му го зеле лепчето. Спаси глава, избра „дела“, ама уште многу леб сите колективно ќе мора да јадеме, за да пораснеме заедно барем дотаму, за да не работиме во корист на сопствената штета.

Седумгодишната театарска претстава заврши со почеток на нова, поголема, во чија подела влегоа уште една тура актери. Додека селото гореше ние дискутиравме за тоа колку треба уметноста да се меша во политиката и обратно. Нашите јавни дебати беа јавни само за нас, за еден мал круг луѓе кои не учествувале ни во првата, а ниту во втората претстава. Независни критичари, мислечки луѓе, зашто и такви мора да има во едно општество, покрај оние што од ќар, плиткоумност или хлебоугодие викаат или научиле да викаат - ура!

Уметниците велат - тој што не станал актер, станува добар критичар - има доволно талент, но премногу ум. Ние не излеговме на сцена, не допревме до ткивото на народот и не поставивме одредници, ако ништо друго – барем за препознавање на „добра и лоша глума”. Навлегувавме и навлегуваме длабоко и детално во анализи на туѓите и на нашите сопствени искази и ставови, наоѓавме и наоѓаме влакна во сите интелектуални јајца (дури и оние неснесените). За тоа време државата ни се престори во циркус со циркузанти-аматери. Веќе не е време за меѓусебна трка во нашата штура интелектуалност и суета, туку време е тоа што го знаеме и што мислиме дека можеме да го направиме да го доближиме до оние кои сега аплаудираат бис на лоши претстави. Меѓусебниот интелектуален флерт и тапкање по грб треба да стане обид за разбирање на пошироките народни маси, без притоа да се очекуваат аплаузи.

Можеби уметниците не треба да се мешаат во политика, ама се директно одговорни за градењето културна стратегија и насока во земјава во која основен темелник на животните вредности е кичот. Нашиве писанија, дебати, интервјуа, не што не стигаат до народот, туку ни ја одзедоа силата нам, во меѓусебното докажување за тоа дали еден уметник-интелектуалец смее или не да се бави со политика, додека другиве од корен нè сотреа, делејќи кило масло, троа јајца, прашок за перење и некое илјадарче – и со тоа купувајќи гласови немилосрдно.

Прашувам, каде се тие силни менаџери , каде се тие политичари, експерти, бизнисмени да ни ја организираат државата, ако не можеле уметниците? Може има такви, но народот го научиле да не ги сака и да не им верува. Петко - лош, предавник, Станко - добар, наш! Јас во нашиот прв ешелон на сегашниов отпор гледам како на бекап за некои нови лидери. На Македонија во моментов првенствено не и’ се потребни анализи и барање причини за неуспехот и посипување со пепел. Анализи се потребни, се разбира, како и одговорност, но тоа не е најважното во моментов. Оти, да немаме илузии – дикатура не се симнува со купени, недемократски и нефер избори. И таму кај што опозицијата победува – измислуваат триста марифетлуци и мајмунлаци за измама, ништо не им е доста.

Овој режим се базира врз лаги и измами и затоа единствено оружје против него е вистината. Ние ја знаеме таа вистина, иако сме малкумина, но ние треба да ја обелодениме пред оние што се прават дека не ја знаат или не сакаат да ја знаат, а не да си ја шепкаме на увце. На Македонија и’ се потребни нови херои, необременети со минати кариери, кои ќе треба да предводат! Херои кои ќе зборуваат вистини! Но таквите не паѓаат од небо и не изникнуваат преку ноќ. Во обременетоста со себе не успеавме да посветиме внимание на младите кои треба суштински да учествуваат во општествените процеси, а не да чмаат в „зандана” или да бидат купувани од мизерни центри на моќ. Добрите лидери создаваат нови автентични лидери, а не послушници. За жал, до таму сè уште не стигнавме.

Ние, пред сè како родители ja истрошивме својата муниција пукајќи во воздух, наместо во целта. Сега таа нова младина, напумпана со лаги и евтино купени дипломи, си поставува свои репери за вредности, кои многу наши деца одамна ги отфрлија како лажни и немерливи во светски рамки и затоа останаа огорчени и осамени на маргините на општеството, барајќи го одговорот – зошто? Зошто, ако поседуваат толку  квалитети, ако ја сакаат својата земја, ако се добро воспитани и образовани, ако дарбата и талентот ги развивале до совршенство – НЕ Ѝ ТРЕБААТ НА СВОЈАТА ТАТКОВИНА? Зошто мораат да се спасуваат – заминувајќи одовде? Како да одговорам на ова прашање како мајка? Зар тоа за што цел живот сум се залагала одеднаш треба да го фрлам во вода, оти не се вклопува во реалноста на ова „сега“ изградено од режимот? Што ни преостанува на сите нас и на овие деца? Да му соопштиме на режимот: „Оваа земја не ја чувствуваме наша, оваа земја, простете, е туѓа?“ Можеби со тоа и ќе го израдуваме, барем да не се мачи со нас, „непослушните“.

Македонија се претвори во авет на духовна сиромаштија, создадена од парите на сопствениот народ - земени на вересија! Како бел ден се јасни методите на власта и цената на оваа срамна поткупливост што владее. Буквално сè стана предмет на алаш вериши, на тезги и трговија, заклучно со најсветите работи – слободата, интегритетот, припадноста. Пример за таа поткупливост и за инфлацијата на сите вредности токму е огромниот дел од македонските интелектуалци и уметници, кои од пуста суета и за некој денар, без срам застанаа рамо до рамо со власта, плукајќи на сопственото минато. Можеби олку лесно поткупливи луѓе и не заслужуваат сопствена држава, оти малкумина се спремни да гинат за неа!

Но нашиов народ таков си бил и од порано. И се чини дека ни порано не размислувал дека би можел и нешто друго освен кредити и долгови од секаков вид да им остави на сопствените деца. А желки мачителки, за гмечење на смачканото племе, имало и ќе има, зашто нашиов народот изгледа не може без нив. Навикнат е да го плашат, да го газат, да го гмечат, оти за друго не знае. Како деца растени со ќотек, кога сакаш да ги гушнеш – првин ќе се подистават да не божем ги удриш, а потоа ќе ти вратат со удар! Но желките на 24 декември, 2012, добија принови. Ќе ги има доволно и долго, зашто впрочем желките живеат долго. За и следните сто години да не дигнеме глава од гмечење. За и децата од нашите деца да не престанат да прашуваат: „Како ќе се живее?” Ама чинам, „не било туку така, да бидеме изложени на таков искус и на таква една мака”.

И затоа , во вториот круг на изборите и во деновите пред нас, колку и да сме навидум слаби и исправени пред мнозинството, да останеме верни на вистината. Секоја диктатура и секој режим изграден со поткуп, лаги, страв и омраза – ќе падне, само е прашање на време. За некои од нас тоа паѓање можеби ќе биде задоцнето, ама ова веќе не е заради нас, а е за некои идни, подобри времиња, за една поинаква, слободна, демократска и просперитетна Македонија каде вистината, квалитетот, и способноста ќе го имаат она место што го заслужуваат во општеството. За таква Македонија вреди да продолжиме да се бориме. И за тоа нема компромис.

Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото