Пивот кон Азија

01.04.2013 08:58
Пивот кон Азија

Со голема почит посветено на Никола Младенов (1964-2013)

Распадот на Советскиот сојуз и крајот на студената војна ја остави Америка како единствена светска сила. Подемот на Кина изгледа ветувачки околу менување на целата оваа, веќе 20-годишна, униполарна слика во светот. Историјата вели дека земјите во подем се стремат кон барање на поголема улога во меѓународните политички односи, додека земјите кои се во релативен пад одбиваат да се прилагодат на новите околности. Ваквите ситуации многупати завршувале со директен конфликт.

Правилото вели дека за да станеш светска сила најпрво мора да бидеш регионална сила. Токму поради тоа, Монроевата доктрина, која претпоставува неприкосновена доминација на САД во западната хемисфера, зазема важно место во креирањето на американската надворешна политика. Знаејќи го сето ова, Кинезите покажуваат негодување кон американскиот „пивот кон Азија“, кој тие го гледаат како обид за спречување на Кина да ја заземе својата природна позиција на доминантна сила во Азија.

„Пивотот кон Азија“ е нова доктрина во американската надворешна политика, која претпоставува пренасочување на фокусот на американските дипломатски и воени сили од Европа и Средниот-исток кон Азиско-пацифичкиот регион. По десетгодишното, безмалку целосно, фокусирање на Средниот исток и војните во Ирак и Авганистан, новата администрација на Обама сфати дека долго занемарениот Исток заслужува поголемо внимание. Завршувањето на војните во Ирак и Авганистан, а и предвидената енергетска независнот која САД треба да ја достигне до крајот на оваа деценија, ја намалуваат важноста на средниот-исток и зависноста на САД од тој регион. Но, и покрај тоа, случувањата во тој регион како што се Арапската пролет, војната во Сирија, нуклеарната програма на Иран, а и блиските односи со Израел, Турција и Саудиска Арабија нема да ѝ дозволат на Америка целосно да го напушти и запостави тој регион. Сепак, бидејќи повеќето одлуки при креирање на каква било политика се состојат од приоритетизирање, Американците конечно сфатија дека средниот-исток е минато кое постојано само ја влече Америка назад, додека Азија е иднината која ја влече напред.

Но, што е тоа во новата доктрина на „пивот кон Азија“ што толку ја загрижува Кина? Еден дел од „пивотот“ е дипломатски, кој претпоставува подобрување на односите на САД со сите земји во азиско-пацифичкиот регион. Посетите на Обама во Мјанмар, Камбоџа и Тајланд, веднаш по победата на претседателските избори во ноември 2012 и добивањето на втор мандат, ја отсликуваат промената во фокусот на надворешната политика на Америка. Обама беше првиот претседател кој отишол на официјална посета во Мјанмар и кој денеска активно ја помага воената власт при процесот на демократизација и ги прекинува трговските санкции за таа земја. Мјанмар е добар пример поради тоа што, таа беше целосно зависна од трговските односи со Кина.

Другиот дел од „пивотот“ претставува военото пренасочување на Америка кон пацификот. Тој претпоставува присуство на 60% од американската морнарица во пацифичкиот океан, зголемување на бројот на војници кој моментално изнесува околу 320.000 и поголема воена соработка со државите-сојузници од регионот (Јапонија, Јужна Кореја, Филипини, Виетнам, Индија, Австралија и Тајланд). Иако една од главните причини за ваквиот воен потфат е растот и модернизацијата на кинеската воена моќ, ставено во контекст, кинескиот буџет за одбрана претставува 7% од буџетите за одбрана на сите земји во светот, додека американскиот претставува околу 43%. Згора на тоа, администрацијата на Обама дури и вети дека, и покрај намалувањето на американскиот буџет за одбрана во наредните десет години, делот наменет за пацификот нема да трпи никакви кратења. Можеби на американските функционери и коментатори не им е јасно зошто Кина е загрижена и се чувствува загрозено бидејќи тие не можат ниту да замислат сценарио во кое некоја друга светска сила би го направила тоа во нивното соседство во соработка со државите од Јужна и Централна Америка. Пример за тоа е воената соработка на Советскиот сојуз и Куба која во 1962 година го доведе светот на чекор од нуклеарна војна.

Дел од вината за ваквиот развој на настаните е и на страната на Кина, која не сфати дека дипломатијата и воената моќ се меѓусебно исклучувачки во нејзините односи со соседите од југоисточна Азија. Во моментот кога Кина ја замени својата агенда на мирен развој и „насмеана дипломатија“ со покажување на агресивност и „намуртена дипломатија“, земјите од нејзиното соседство дотрчаа до единствената држава (САД) која може да го спречи таквиот, за нив недозволив развој на настаните. Тоа е причината зошто зголемувањето на военото присуство на Америка во регионот е прифатливо за останатите земји, кои ја гледаат Америка како неопходен дел во балансот на моќ во регионот. Главна причина за нарушувањето на добрите односи меѓу Кина и нејзините соседи се споровите околу јурисдикцијата над јужното и источното кинеско море и неколкуте мали острови, каде се претпоставува дека лежат големи количества на природни ресурси. Додека мнозинство од државите од југоисточна Азија бараат мултилатерлано решавање на територијалните спорови, каде што Кина не би можела да ја злоупотреби нејзината надмоќност, Кина преферира билатерално решавање на споровите со секоја држава поединечно. Тоа ги доведе повеќето азиски земји да ги подобрат и зацврстат релациите со „непријателот на нивниот непријател“.

Иако Кинезите се плашат од повторување на политиката на задржување и ограничување, која Америка ја користеше во односите со Советскиот сојуз и против ширењето на комунизмот за време на студената војна, моменталната ситуација и меѓузависните односи на САД и Кина одат спротивно од таквото сценарио. Додека за време на Студената војна Америка и СССР немаа скоро никакви трговски и социјални односи и затоа државните пропагандни стратегии имаа големо влијание и на двете страни, денеска американскиот пазар претставува најголем странски пазар за Кина, двете држави се дел од Светската Трговска Организација каде ги решаваат сите трговски спорови, секоја година околу 125.000 кинески студенти се запишуваат на американските универзитети... Односите меѓу Кина и САД се премногу „топли“ за студена војна.

Голема опасност претставува сè понационалистичкото однесување од страна на државите од југоисточна Азија, особено новата десничарска влада на Шинзо Абе во Јапонија, поради поддршката и безбедноста што тие ја чувствуваат со присуството на САД. Станува сè поверојатно и Комунистичката партија во Кина, со намалувањето на растот на економијата и зголемувањето на незадоволството кај граѓаните, да ги искористи таквите провокации како повод за користење на исто такво националистичко однесување со цел легитимирање на партијата и одржување на еднопартискиот систем.

САД не смее да дозволи нејзините држави-сојузници во регионот да сметаат на нејзината поддршка како безусловна и со тоа да се доведат во ситуација, против своја волја, да влезат во конфликт со Кина иако тоа не е во нивен интерес. Исто така, преголемото американско воено присуство може да делува како повод за градење на уште поголема воена моќ од страна на Кина, што ќе доведе до уште поголемо трошење за воени намени од страна на САД, односно да доведе до магичен круг од кој нема излез, каде не ја знаеме причината и последицата и сè повеќе расте недовербата.

Неопходно е, исто така, поправање и подобрување на дипломатските односи меѓу Кина и останатите држави во регионот, со што би се намалил нивниот страв од подемот на Кина. „Мека моќ“, којашто некои ја дефинираат како „интимност без љубов“, би била добар инструмент за Кина во нејзините односи со соседните земји.

Без оглед на сè друго, сите засегнати страни пред сè не смеат да заборават дека надворешната политика, како и медицината, мора да се води по принципот „Прво, гледај да не направиш штета“.

Слики: Duwayne Washington

ОкоБоли главаВицФото