Зошто Окно

25.03.2009 11:40
baner-2-.png

Работата со и во медиумите во Република Македонија е во голема криза. Умножувањето на бројот на медиумските играчи оди паралелно со снижувањето на сите можни информативни и културни стандарди.

Јавниот сервис веќе подолго време исчезнува или заради комерцијалниот притисок или заради негрижата пред сè на државата. Конкуренцијата е жестока, но непринципелна и без јасни правила на игра. Во држава со два милиони жители (кои, патем, имаат мошне скромни потрошувачки можности) постојат неколку стотици телевизии, на пример. Кои, се разбира, не го унапредуваат телевизискиот медиум, ниту придонесуваат за еманципирање и култивирање на просечниот гледач. Печатените медиуми се, исто така, во постојан слободен пад, повеќе од десет години. Тиражите се мизерни, а огласувачкиот колач сè помал и со сè повеќе предуслови кои директно ја загрозуваат слободата на информирањето. Слична надолна линија се гледа и кај радиото.

Нов феномен е тајкунизацијата и екстремната политизација на медиумската сфера. Контролата на јаките политички и финансиски центри е поголема од контролата за време на социјализмот! Новинарите имаат ограничена сфера на дејствување и главно се слабо платени и под постојани закани и притисоци.

Време е на таа ужасна ситуација да ѝ се пружи барем каков-таков отпор, кога веќе е невозможно таа од корен да се промени. Новите медиуми, пред сè можностите на интернетот, се идеална прилика за демократизација и еманципација на македонскиот контаминиран медиумски простор. Новите медиуми (всушност, нивниот микс во едно: интернетот нуди и радио и телевизија и печат на едно место) се можност да се поработи на долгорочното создавање на публика која ќе има повисоки информативни, културни и демократски стандарди од сегашната публика мошне подложна на евтини медиумски манипулации.

Медиумите се еден од најважните чинители на која било демократија. Славниот американски претседател од 19 век беше попрво спремен да се откаже од владата отколку од медиумите! Слободното, но едновремено и професионалното и култивираното новинарство е столб на демократијата. А демократијата, за жал, е најголемото искушение на нашата држава, нотирано и од Европската унија. Меѓу другото и затоа е битно да се работи на демократската кауза кај нас. Нашата идеја е еден комплексен интернетски портал, пред сè поврзан со сферата на културата, но сфатена мошне широко; па и како политика.

Ако бидеме претенциозни би можеле да кажеме идејата на нашиот проект е еминентно европска; дека станува збор за обид да се создаде и консолидира една активна европска граѓанскост, којашто, како што вели Етјен Балибар, е ослободена од мистиката на идентитетот, од секоја илузија за нужноста на историското течение и, а фортиори, од секое верување во непогрешивоста на власта. Осмислувајќи го нашиот проект, се раководевме, значи, со трите активни принципи на Балибар со кои се устројува граѓанскоста, односно демократската политика: тоа се еманципацијата, или колективното освојување на основните индивидуални права; општествената преобразба на структурите на доминацијата и односите на моќта; и најпосле, цивилноста, или произведувањето на услови и претпоставки, „теренски“ и „теориски“, за едно поинакво политичко дејствување воопшто да биде можно.

ОкоБоли главаВицФото