Програмер создаде асоцијална мрежа

02.04.2013 10:52
Програмер создаде асоцијална мрежа

Њујорк, 2 април 2013

Американскиот програмер со македонско потекло Сингл Осамеников-Намќор го промовираше својот најнов производ - асоцијалната мрежа СОЛО. Со својата уникатност, оваа мрежа претставува сензација и креаторот очекува да направи вистински бум со неговиот производ.

„Суштината на оваа мрежа е во тоа секој да се поврзе со самиот себе. Креирате профил, можете да ги пребарувате и прегледувате профилите на другите корисници, но не можете да се поврзете со нив. Кога некој ќе ве побара за пријател, никако не може да се поврзе со вас, а може да добие еден од подготвените одговори што ќе го изберете: ОТКАЧИ МИ СЕ, МРШ ДА НЕ ТЕ ГЛЕДАМ, ОСТАЈ МЕ НА РААТ, НЕ ШИРАМ ПОЗНАНСТВА, НЕ ВОЗНЕМИРУВАЈ, ГИТЛА и други. Исто така и самите корисници можат да напишат одговор за одбивање со свои зборови“, објаснува Сингл.

Кога станува збор за успехот на СОЛО, експертите за информатичка технологија се поделени. Едни сметаат дека мрежата е осудена на неуспех поради недостигот од интеракција со други корисници, додека другите успехот го гледаат токму во тоа.

„Времето на здружување и вмрежување на интернет е минато. Сè повеќе има луѓе на кои не им е гајле за другите и она што се случува околу нив. Да бидеме реални, и на оние мрежи на кои навидум постои дискусија или интеракција, никој во суштина вистински не го слуша другиот. Производот се појавува во вистинско време, кога игнорацијата и асоцијалноста се тренд“, вели Блажо Компјутероски од Foreveralone Soft.