Победа над поразените

03.04.2013 09:53
Победа над поразените

Машинеријата за перење мозоци и воздигнување на лагата победи на изборите. И не запира. Сака да ги прегази и оние малкуте преостанати островца на отпорот, не избирајќи средства. Проверената комбинација од гламурозни фасади, енергична реторика за „делата“, по некоја пара и услуга фрлени овде и онде, воинствените повици за горда, непокорлива и во секој поглед ограничена Македонија, жестоко против сите различни и поинаку мислечки во неа, проработи без грешка. Настап пред кој просечниот Македонец застанува во став мирно и со обожување ја следи моќта на водачот, препознавајќи го во неа тоа што тој го сонувал, но никогаш не верувал дека може да биде - така мал, сам и маргинализиран, а сепак силен и непобедлив. И тука ќе мораме да се согласиме - маленкоста, лековерноста и ранливоста на Македонецот, создавани со децении, конечно се наплатливи, од вештите јавачи на лажната надеж.

Но, овој пат победата не дојде сама. Таа парадоксално, како и сè друго, се извојува со огромна помош од поразените, со опозициското колебливо, неподготвено и превртливо водство. Дојде со раситнување и разбивање на редовите, од самобендисаност и чекање на Македонија да ѝ се „случи народ“. Дојде со истрошени реторики за грешките на другиот, за злосторствата на власта, за задолженоста, за неслободите и лошите прогнози, кои уште долго ќе се прекршуваат врз грбот на Македонецот. Дојде, во недостиг на решенија и без одговор на прашањето што сака за себе Човекот на овие простори.

А, човекот во Македонија, тоа е барем јасно, сè уште чека и се надева дека некој друг ќе му испорача подобар живот. За измамите и неправдите одамна знае, не треба да му се раскажува. Знае и дека лошо, и сè полошо живее, и тоа веќе не сака да го слуша. Желен е за убави зборови, макар и лажни, сака раздвиженост, акции, шарени глетки, макар скапи, невкусни, претрупани, не му пречи. Сака празнувања, сака да ги почувствува, да се пофали, да се слика... сака внимание и ветувања, макар и неостварени. Умее и да се мајтапи, ама и драго му е за 500-те денари покачена пензија, за бесплатната автобуска карта, или бања, за божем стипендијата, за божемните субвенции, кредити, макар и дошле предоцна, или воопшто не ги добил.

Затоа што најважно од сè му е да види дека некој мисли на него. Толку е маргинализиран и небитен, што не му е грижа што парите кои се трошат се негови, и дека за тоа најпрво него би требало да го прашаат, каде да се вложат. Сиромашен е, а широкоград. Нема за да преживее, а за расипништвото, задолжувањата на негова сметка, и за неговата иднина, не му е гајле. Не дека не чул или дека не знае за тоа. Туку, не сака, одбива да знае. Затоа што не верува во себе, уште помалку дека било што тука може ТОЈ да направи и поправи. А и навикнал да живее од денес за утре, не му пречи.

Сето тоа „победничката машинерија“ го знае и користи. И продолжува со „убавите, мали изненадувања“, за малиот, невидлив човек. Дури и кога тоа ништо нема да смени во неговиот мизерен живот, знае дека тој ќе продолжи да чека и да се надева. А доколку се посомнева, ја има вербата во бога, ќе се помоли сè добро да заврши, „ќе даде“, или „што даде“ господ, зашто животот никогаш и не бил во негови раце. Затоа Македонецот најмногу верува во среќа и судбина... Дури и кога вложува во својот живот, тоа се најчесто „игрите на среќа“. Само некој друг, или нешто друго, може да му го измени животот на подобро. И кога тој друг ќе се пронајде во енергичен, макар и погубен водач, кој троши од неговото и продолжува да го потценува и игнорира, но со широка, шеретска насмевка умее и да вети, а ветеното „секогаш го исполнува“, нема многу да размислува, нема да ги проверува неговите зборови, нема да му забележува, ниту пак да зема за зло кога ветеното ќе се изјалови, и неговиот живот ќе стане уште помизерен. Затоа што, токму тогаш, така осиромашен, беден, беспомошен и шутнат, уште попотребно ќе му биде тоа малку внимание, кое нема да сака да го ризикува.

Затоа, кога се градат патишта, училишта, болници, игралишта, кога се делат субвенции ТОЈ мисли БРАВО што некој воопшто се сетил на тие работи, како некој да вади од свој џеб. Не гледајќи повторно дека се тоа негови пари. Кога социјалната помош за најбедните, или стипендиите за најдобрите, макар и мизерни, никогаш не стасуваат на време, па животот и студиите се претвораат во голгота, и никој и не помислува да се жали, тој размислува дека треба да се биде благодарен за „доделеното“, колку-толку, и кога било, не е важно... Треба да се покаже благодарност за сè, и за она што отсекогаш на човека му припаѓало и било негово право. Така е и со вработувањата, со правдата, со љубезноста. За сè што му се случува на човека на овие простори треба да мисли дека му е подарено, или од бога дадено. Затоа е толку исцрпен, од силна благодарност и уште поголема обврска да покаже лојалност. Затоа нема снага да се спротивстави, уште помалку да одлучува. Затоа тој и сака цврста рака, некој кој ќе знае да решава и одлучува во негово име. Тоа го сака и посакува човекот од Македонија, за себе, денес, кога гласа за луѓе „водачи“.

А за долгорочно, тој никогаш и не размислувал. Не ни знае како се прави тоа, како се мисли за она што ќе биде за 10, 20 и 50 години од сега. Подјармен, застрашен, ограничен, но затоа снаодлив во преживување до утре и задутре, тој во иднината никогаш и не гледал нешто добро, а уште помалку можел да се види себеси како нејзин автор. Та тој не успева да доживее децата да си ги види згрижени, а камо ли да смисли да гради заедница, држава, или да размислува за интеграции, светски економии, и други фантазмагории.

Како тогаш да му се лутиме на нашиот човек и неговиот избор?

Нашиот човек и кога знае доволно и многу, не е прашуван за ништо, ниту некаде вистински учествува. Учен е само да гледа и слуша, а реагира само кога е лично засегнат. Повеќе сака да почека и да се надева, отколку да дејствува. И така заклучува, прави проценки и донесува одлуки. Се разбира дека тие без неговото активно учество не можат да бидат точни, а често се и сосема погрешни, но затоа и одговорноста, токму поради неговото неучество, не е негова. Тој одамна веќе не одговара за својот живот и за она што му се случува. Затоа гласа така како што гласа. И гласаше по сопствено убедување за водач и партија за кои сака да верува дека му мислат добро, или барем подобро од другите, кои само повторуваат дека е сè толку црно, што поцрно не може да биде, без да се сигурни што би направиле со тоа.

Во такви услови на лоши проценки и духовна заробеност, дури ни фамозниот 24 декември не може веќе да се види и процени како што е - како уривање на уставот и основното право, како демолирање на демократските основи на заедницата, како насилство без преседан и црвена линија зад која слободата и правото да се биде и опстане, се доведени во прашање.

Сето тоа, во само еден миг како да стана јасно, но тогаш. Сега веќе не е така. Опозицијата не издржа во обидот да покаже дека е жестоко во право кога излезе од парламентот и дека нема враќање назад. Не успеа да го издржи притисокот, не успеа да го спроведе тоа што беше неопходно да му се сплеткаат конците на водачот во набројувањето на неговите „дела“.

Опозицијата го пропушти мигот да му покаже на народот НА ДЕЛО, а не само да раскажува за цената на (не)слободите, за демократијата, за медиумскиот мрак и изолација. Опозицијата не беше подготвена за ризикот, а со него и да загуби, ако треба. Не успеа да се одлепи од себе и да види подалеку, дека ќе победеше, ако не се откажеше. Наместо тоа, почна да се колеба и премислува, силно да ветува, па да се повлекува. Избрза, немаше визија, или немаше каде, не знаеше како, се исплаши, се замори? Сеедно. Таа покажа дека боледува од истата болест на веќе поразениот човек од Македонија, кој и натаму останува со мнозинско уверување дека не може да опстане без посилниот и помоќниот од себе. Без овој да го води, подучува и дисциплинира, со сите можни средства и методи... Без да му каже кој е, што може и што треба да биде.

Извор: Глобус
Слики: Autogiro Illustration