НАСА со амбициозен проект за фаќање астероиди

03.04.2013 09:54
НАСА со амбициозен проект за фаќање астероиди

Американската вселенска агенција НАСА планира роботска мисија за фаќање астероид и негово донесување во орбитата на Месечината. Овој амбициозен проект го развиле научниците од Keck Institute for Space Studies во Калифорнија, а се очекува дека НАСА ќе го најави на прес конференција оваа недела. Се проценува дека „ловот“ на астероиодот ќе чини околу 2,6 милијарди долари, што речиси ја достигнува цената на роботот Кјуриосити кој успешно го истражува Марс.

Роботската мисија за астероидот е нова и пореалистична верзија на планот од предложен во 2010 година од страна на американскиот претседател Барак Обама. Планираната мисија на астероидот би се одвивала во неколку етапи. Најпрво би се лансирало беспилотно летало во вселената со помош на ракетата Atlas V, а нејзината цел би била мал астероид, со дијаметар околу седум метри и тежок околу 500 тони.

Патот до астероидот би траел околу четири години, а потоа 90 дена би биле доволни за „брзинско“ истражување и „фаќање“ на вселеснското тело и негово сместување во „торба“ со димензии од 10х15 метри. Потоа би следел пат до Месечината, кој би траел помеѓу две и шест години.

Роботската мисија на астероидот би требало да биде лансирана помеѓу 2020 и 2025 година и би претставувала важен тест на технологиите кои би можеле да се користат за да се заштити Земјата од удари на потенцијално опасни астероиди. Еден таков, со дијаметар околу 17 метри, во средината на февруари екслодираше над градот Челјабинск во Русија и така го предупреди човештвото на ранливоста од удари од вселената.

„Роботската мисија ќе им го отвори патот на идните мисии со човечки екипаж на астероиди, но и други одредишта во длабоката вселена“, изјави Чарлс Болден, првиот човек на НАСА. Болден неодамна го привлече вниманието на медиумите со својот коментар за потенцијална опасност од удар на астероид.

НАСА следи 95% од најголемите вселенски тела кои треба да поминат покрај Земјата. Меѓутоа, до сега се откриени само 10% од околу 10.000 потенцијални помали астероиди со дијаметар од 50 метри кои се наречени „убијци на градовите“, бидејќи секој од нив може да уништи еден голем град. Таквите астероиди удираат во просек на секои 1.000 години, а вселенските тела како она кое експлодираше над Челјабинск паѓаат на Земјата еднаш во сто години.

Извор: jutarnji.hr

ОкоБоли главаВицФото