Европско филе во кичевски бачила

04.04.2013 10:09
Европско филе во кичевски бачила

На почетокот беше одзивот. Се чинеше дека ќе го нема доволно, иако бојкотот на опозицијата се прекина. Но очигледно дека немаше доволно ентузијазам штом требаше и доза шовинизам кон Албанци и гастарбајтери, нарекувајќи една цела етничка заедница „дехаровци“. Ова изречено од човек облечен во панцир, кој му следува само заради премиерската функција, еден од најзаслужните што дијаспората има пратеници во Собранието и кој самиот два пати испреговарал политичко одложување на соединувањето на Кичево, беше во најмала рака - невкусно. Дека беше само во полза на сопствената штета говори и резултатот. Иако во Кичево и Струга имавме здружен сепаратизам, дури и со „гркот Бранко“, заеднички изборен штаб и увезени гласови пустечки, сепак излезе дека Албанците не се безимен народ кој некој може да го нарекува како сака.

Заради тоа што чудните бројки на прочистениот избирачки список без спроведен попис и само од биометриски причини, порастот на поништените и неважечки гласачки ливчиња, намалувањето на вкупните гласови и на двете македонски коалиции и порастот само кај ДУИ ќе бидат предмет на постојана анализа од страна на многумина, јас би сакал да застанам само кај некои општини во Македонија.

Најкратката општа анализа на тој дел би гласела вака: ДУИ победи зашто подобро и од Груевски ја користеше дпмнеовската изборна шема, на ДПА погрешно и’ проработе локаторот, а на Руфи Османи калкулаторот. Следствено на ова, пораките добиени од резултатите во првиот круг се дека гласачите сакаат права и национална опозиција од ДПА и затоа и’ ја даваат Струга која, двојно, не беше предвидена според локаторот на водството на ДПА. Така Зијадин Села има две илјади гласови повеќе од својата партиска листа. Тоа, освен предноста на личноста, укажува дека на некој начин Албанците гласаа и праведно, враќајќи за гласовите што ДУИ им ги одзеде со наметнатото Кичево. Руфи Османи го открија дека сакал национална партија само за локално да се осигура во Гостивар и токму таму го гласаа помалку. Да имаше ДУИ таму друг противкандидат, наместо старо-новиот Невзат Бејта, сигурно уште во прв круг ќе се чудеа на таа и толкава победа.

Не помалку чуден беше одзивот на гласачите, највисок досега за локални избори. Тоа придонесе партиите доцна да пресметаат и во првата вечер главно беа пред дилемата: како да се прогласат победи, со лица бледи?!

Несомнен победник на овие избори е ДУИ, а несомнен губитник СДСМ. Но тоа може да биде обратно токму за лидерите. Али Ахмети да е губитник, а Бранко Црвенковски победник. Тоа е така заради фактот дека ДУИ добива на албанство, а на Али Ахмети со искинатиот предизборен плакат токму Албанците му испратија порака дека не е тој „Албанецот“ за цела Македонија. Гласачите го вратија во Кичево, но тој и таму не може да биде Албанецот, па затоа ниту го спомена Кичево како победа во првата прес конференција после изборите. Исто така, тој самиот насетувајќи сè што се спрема по европското филе, сега би требало да објасни на албански и на сите Албанци, и надвор од Македонија, дека Штефан Филе не е само европски дипломат со словенско потекло, туку може да испадне дека има некоја чудна панславјанска логика, која Албанците ја одбиле и од еден многу појак од него: Сталин! Дури не излезе некој европски Викиликс ова сега изгледа вака неразговетно и чудно токму како европско филе во кичевски бачила, но ќе се знае и тоа некогаш, како што дури сега читаме што мислел Сталин.

Почудно од ова може да изгледа тоа Бранко Црвенковски да биде победник со толку поразен СДСМ. Тоа е заради фактот дека обидот за хаику политика „батали бојкот и отпори, не се бори, влези на избори“, не беше негов туку на општините и градоначалниците, кои мислеа дека сепак вредат и кога ќе ја нема Македонија, според зборовите на единствениот од нив, победник од прв круг: Зоран Заев. Така Црвенковски сега пред нив може комотно и најавениот мај до недоглед со години да го одолговлекува, пред своите и по свое, во вака непоставени временски и територијални рамки.

Затоа што на крајот на овие избори ако Тетово биде Европа со Теута Арифи, а со толку пустечки извезени гласови Пустец остане во Албанија, но во него победат Бугари, Карпош српска општина, а Центар да мора да наоѓа руски путиновски решенија за „Скопје 2014“, а Чаир, по број на жители на километар квадратен, сепак Бангладеш, вистинската Македонија ќе ја има само во Кичево. Тоа го виде и лично премиерот Груевски: од хеликоптер!

Слики: Дени Бонд

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото