Како умираше Скопје

05.04.2013 10:19
Како умираше Скопје

Со нехуманата урбанизација го скршивме духот на Скопје, ги разбивме и уништивме маалата во кои се создаваше скопскиот дух и каде што се раѓаа и со генерации се пренесуваа скопските легенди и приказни за војните, поплавите, земјотресите, за Пиколомини и пусто турско и за скриеното злато на мијаците по дебармалските куќи. Ги збришавме и јавните простори на кои цветаа липите и од каде опиени од нивниот мирис некаде во доцните мајски и јунски попладниња кога сонцето се криеше зад Шара татковците им ги вадеа помошните тркалца на точаците на своите деца, за тие прв пат да ја почувствуваат неограничената слобода и ветрот во лицето како незаборавно чувство кое влегува во генетскиот код и се пренесува од генерација на генерација... Некогаш мислевме дека во ова се состои вечноста и дека цикличноста ќе трае до крајот на светот. Мислевме дека розовите цветови на јапонските цреши на Пенов ќе ги мирисаме секој април а нашите деца ќе растат заедно со нив.

Е, ама не било така. Со квази барокот на Скопје му го искамшикувавме лицето, му ги искршивме сите фацијални коски и го направивме Квазимодо од град. Направивме ГРДО и безлично аморфно тело завиткано во завои како египетска мумија. Со недоквакани споменици го начичкавме како лице на пубертетлија со бубуљици. Ги исековме липите, ги прекопавме плочниците, бетониравме и мермериравме, направивме зло-дела. Земја за шлајка за џамлии за децата, бре, не оставивме! Дури и на божем заштитетеното Водно направивме сè што можеше да ни текне! Дури и на Вардар онаков никаков, постојано матен (заради 3-4 диви шљункари во Тетовско) - му плакавме мајката. Му ставивме бродови и подморници, а обичните врби ги заменивме со жални - онакви од милион евра. Ги избркавме рибарите од Вардар за да донесеме плажанти, ги исековме тополите и насадивме палми. Ставивме мост до мостот кај мостот меѓу двата моста. Едноставно фрливме во Вардар пари со кои богами можевме да ја направиме и Вардарска долина. Се изживуваме со реката и мислиме дека е готово - ама види чудо, таа уште тече. Можеби Вардар не е готов зашто е Гостиварец или Вруточанец, ама Скопје Е готово.

Скопје стана комплетно грдо. Му се сечат парчиња месо, се гори со вжештено железо и на месата од раните се ставаат кравји лепешки. Скопје крвари, а на раните ставаме сол и јод. Отфикароците од градското ткиво се расфрлани наоколу и оставени да скапуваат и смрдат, а од нив излегуваат црви. Луѓето поминуваат, се гнасат, плукаат и газат по сопствените плуканици ширејќи ја заразата. Секој ден нови удари на градот, со секој удар новите модринки се поголеми и поголеми. Булдожерските гасеници газат, го уништуваат секој лист, секое слободно островче, под тежината на механизацијата пукаат коските на градот, му влегуваме во утробата и му буричкаме по цревата.

Готово е. Скопје ќе умре, Скопје конечно ќе го убие споменикот на неговата најпозната жителка Мајка тереза. Мајко моја, каква иронија, како од роман, како од филм, како од песна на Забрањено пушење.

Идејата и изгледот на новиот споменик е последниот нож во грбот на Скопје, нож кој влегува доволно длабоко за летален исход, нож со кадифена рачка но забиен во срцето на градот. Не можам да се начудам, не сакам да поверувам, ги тријам очите, ја чукам главата, се штипкам да се свестам, да се разбудам и да сфатам дека сонувам, дека споменикот на најпознатата Скопјанка и светица Мајка Тереза ќе биде комбинација на пластичните куќарки на Барбика и купола од куќарка на грчки остров.

Не можам да поверувам дека моите сограѓани избрани од народот наседнале на мантрата на еден индиски криминалец, не можам да се начудам дека малку ни беше што ѝ направивме онолку грда куќа кај домот на АРМ, сега се спремаме да ѝ направиме уште погрд споменик, споменик доволно грд да го убие Скопје засекогаш.

Велат дека природата и градовите враќаат, дека како и секој организам трпат до одредена мера и потоа реагираат преку земјотреси, вулкани, катастрофи, возвраќаат и повраќаат, ја отвораат утробата и голтаат сè. Ако е така, дајте да му ставиме два прста во устата на Скопје и нека поврати, нека се рестартира, нека нè поврати и нас и во мајчина нека отидеме сите, кога дозволивме ова да му се случи на нашиот град.

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото