Кандидат за градоначалник вети: кафуле за бегање од часови до секое училиште

05.04.2013 11:07
Кандидат за градоначалник вети: кафуле за бегање од часови до секое училиште

Скопје, 5 април 2013

Два дена пред да се одржи вториот круг од локалните избори во Горно Зналевци, кандидатот за градоначалник од ОНМ (Обединети научници за Македонија) Кецко Бандеровски, вети дека покрај секое училиште ќе изгради кафуле каде учениците ќе можат да бегаат од часови.

Бандеровски вели дека програмата ја составил контактирајќи директно со граѓаните и информирајќи се за нивните проблеми, па така ја добил и идејата за изградба на кафулиња.

„Луѓето ми се пожалија дека нивните деца мрзнат на студ или се приморани да седат надвор на дожд, ветер и силно сонце кога бегаат од часовите што се досадни или кога не се подготвени да одговараат, а тоа се случува често“, вели Кецко Бандеровски.

Денес, спроти училиштето „Усаин Болт - Сиктер“, на големо задоволство на локалните жители, беше поставен и камен темелник за кафулето „Училница“ со капацитет до 60 ученици, а Бандеровски вети дека следната учебна година тоа веќе ќе биде во функција.