Таа е таа е таа

05.04.2013 12:48
Таа е таа е таа

На Саемот на книгата (09-15 април, Скопски саем) Темплум ќе ја претстави новата едиција, Квир Сквер.
Еден од првите три наслови во едицијата е извонредната дебитантска книга на младата словенечка авторка, Уршка Стерле.
Од таа книга издвоивме расказ за Окно.

Таа е таа е таа

Можеби ѝ се допаѓам. Никогаш не ме брка и не изгледа дека моето седење во фотелјата покрај нејзиното биро ја вознемирува. Можеби е само љубезна. Понекогаш се преправам дека ѝ се допаѓам. Така, малку, ми се чини, па би можела да ѝ се допаѓам. Но ни приближно колку што таа ми се допаѓа мене. А потоа, кога затвора во седум и заедно си одиме, туку исчезнува некаде, никогаш не вели ништо, никогаш не доаѓа со нас. Секогаш прецизно ѝ навестувам каде ќе бидам следните неколку часа. Понекогаш доаѓа да се потпира на шанкот во Монокел.

Кога ненадејно ќе си отиде, ми се чини дека цело попладне била многу љубезна и дека можеби најрадо би ме игнорирала. Многупати ја фаќам како некого лаже. Вели дека таа и таа книга за салати е одлична, а знам дека сигурно не ѝ се допаѓа. Но и покрај тоа, со воодушевување нешто објаснува и кима и се смешка и си мислам, што ако е таква и со мене. Како да знам дека не е само љубезна? Потоа си мислам, добро, можеби всушност ѝ одам на живци и само се преправа додека јас седам тука наоколу. Само... а што ако малку ѝ се допаѓам?

А можеби ништо од тоа што се случува не е вистинито. Можеби само си игра.

Денес беше многу убава. Седеше пред компјутерот и повремено на столот се вртеше кон вратата. Надвор можеби светеше сонце или месечина, од каде да знам. Нешто светеше од зад стаклото и ги врамуваше нејзините темни локни.

Се чувствував како да ме изгорела од внатре. Како неколку години да горела во мене и ја поцрнела мојата внатрешност. Моето тело е како урна за душата. Изгорување, изгорување.

Кога конечно ми посвети малку внимание, се чувствував тапо, уморно, така исцедено, што не можев повеќе да се радувам. Меко. Исто така. Можам само да седам во близина како вреќа брашно.

Само да можам да бидам во близина. Не можам вечно да ја ловам по разни чудни краишта. Ако угодувам, угодувам. Ако не, се повлекувам некаде на работ, од далеку малку набљудувам и се обидувам да преживеам. Понекогаш се извлекувам. Се плашам дека таа не е таква. Неа секогаш ја следам со поглед.

Можеби еден убав ден сосема ќе полудам. Се надевам наскоро. Се надевам дека тоа ќе биде убава голема експлозија и дека никој нема да преживее. И потоа мир... или немир?

Напишав три раскази. Ќе го најде ли својот? Во овој момент навистина не можам да си замислам понепосреден израз на љубов, без да ми откаже срцето од страв. Ѝ ги пратив расказите. Тоа е најубавиот облик на комуникација.

Доаѓа на чај. Кај мене. Навечер. Одлично се чувствувам. Танцував низ станот. Доаѓа на чај. Денес. Наскоро.

Се чувствувам грозно. Срцето ќе ми застане.

Би требало да ја бакнам. Ми се чини дека сака. Бакнеж. Но јас, сосема полудувам од неа на столот пред мојот прозорец. Меѓу ѓубрето на масата остави стуткана кутија од цигари. Би требало да ја бакнам. Но, седна далеку. Колената ми беа меки и бев сосема отрпната. По секоја втора реченица по малку посакував таа да си оди дома. Бидејќи знаев дека не можам да се наведнам и да ја бакнам и дека и понатаму ќе седиме предалеку.

Кога сме заедно, и двете сме некако на пола отрпнати. Сакам да ја ставам раката некаде на нејзината дланка или на образот или на косата, под маицата, долго, долго да патувам со прстите. Никогаш да не заврши. На крајот секоја од нас секогаш заскитува на својата страна. Којзнае дали некогаш се врти и погледнува назад како исчезнувам во далечината? Понекогаш брзо се вртам и крадам поглед или ја наведнувам главата и момчешки кривуличам со нозете. Многу сум своеглава во тој момент кога бегам од неа. Многу сум своеглава и сум сама без неа. Најрадо би се свртела и би се стрчала по неа, но понекогаш ми се чини дека не смеам. Дека тука постојат некои други приказни, кои не се мои и каде што јас немам пристап. Тука мора да постојат и други приказни. Без тоа не оди. Животите се полни со некои други животи. Приказните се полни со други приказни. Никогаш не ги менувам туѓите приказни. Запирките ги преместувам само во она што самата ќе го напишам. Главните ликови може да бидат исти. Тоа воопшто не е проблем. Сосема се извиткувам според обилиците на светот, сосема сум мека. Сакам светот да почне да разбира дека е целосно бесмислено да се нишани некаде во средината.

Некои други нешта почнаа да навлегуваат тука. Некои мотиви од други приказни и тоа ме исфрли од колосек. Секој расказ го пишувам со љубов. А книгата сосема подиве. Од една страна на друга скокна нешто што сега ми го менува текот на расказот. Тоа не смеам никогаш да го избришам. Премногу е проклето важно за некој друг расказ. Останав да висам некаде помеѓу. Можам да се свиткам, но не можам да се растегнам преку границите на мојата еластичност. Сега сè се оддалечува и бега на своја страна. Толку многу сум престрашена. Нека се врати назад. Нека се врати назад на своето место помеѓу кориците. Во животот има многу приказни. Сите се важни. Секоја поинаку се раскажува. Ова не е роман. Ова не е роман.

Денес важните зборови повторно се вратија во своите пасуси и мојот расказ пак има смисла. Малку земав здив, но нешто ме загрижува. Кога работите почнуваат да преминуваат меѓу пасуси, мораш веднаш да ги пуштиш дизгините од раце, да ја оставиш писалката. Тоа е од животна важност, тоа, да престанеш да ги надгледуваш страстите. Нека се пишува само. Сè е во ред. Само да не лета на сите краеви и страни. Само да не ме раскине. Но сега изгледа во ред.

Сосема ме запали со напишаното. Беше многу непосредна. Воопшто не спиев и постојано спиев и во спиењето одев по градот и по станот. Мене в раце ми го турна управувањето со времето.

Требаше да ги запишувам датумите, но не можам да дејствувам така. Времето поинаку ми тече и никогаш не сум сакала да мешам зборови и бројки.

Од густата магла на спомени може на видело да извадам кога ѝ светеле очите како црни бисери и може сосема прецизно да си спомнам што рекла, до последниот збор, сè. Само не датумите, ниту часовите. Во мене сите некако пловат и постојано ме будат и ме укотвуваат во точно одредени денови. Потоа секогаш некаде се губам. Понекогаш ми се чини дека животот може да го отсонувам. Сè друго нема смисла.

Си реков, добро, може да си играм со некои непрецизни бројки и да го мерам времето. Понекогаш може некој да ме намами меѓу дваесет и четирите парчиња од денот и јас, како во слаткарница, одбирам кое парче ќе биде наше. Гладни сме за близина.

Од близу, близу ја дишев со длабоки вдишувања. За сите минати изгубени моменти. Сакав да бидам посебно нежна. Таа го извлекува тоа од мене. Нежност.

Го напнуваше своето долго тело и јас тука полудував. Струните во мојата глава се кинеа. Една по една. Сè одекнува. Сè одекнува. Сè одекнува.

Сакав некое туѓо тело, некоја надворешност, здив воздух, пред повторно да потонам меѓу сланата. Ми се чини дека долго, долго нема веќе да дојдам на површината. Тоа ќе биде последно вдишување за неколку часа.

На бензинска купив весник. Да читам што пак лажат за светот, си реков. Но хартијата никогаш не е доволна да ме повлече во реалноста. Потоа барав луѓе кои не се читаат по редовите и колоните.

Некое време слушав туѓи приказни и морав да си ги замислувам туѓите граматики. Едвај, едвај издржав. Потоа трчав дома, назад меѓу чаршафите да го ловам нејзиниот мирис.

Страв ми е. Се дигнал некој виор и јас не сум го забележала собирањето на облаците. Бев сосема неподготвена. Каде сега да барам засолниште? Ме фати на чистина.

Ветрот кинеше страници од книгата. Сите мои приказни напишани со љубов полетаа во воздухот. Стравови. Моите најголеми стравови.

Таа штотуку си отиде. Радо би ја следеле и мене ме насука на гребенот. Да стивне ветрот. Само ветрот да стивне. Потоа ќе видам каде исчезнуваат едрениците.

Ништо не знам. Сета исчезнав во една ситна точка. Ништо не разбирам. Фигурите можам да ги движам по плочата само ако сето тоа е игра. Ова не се игри. Јас не си играм. Ова е многу вистинско и е над фрлањето коцки и вртењето карти. Оваа игра не ја знам и не можам да погодам седмица.

Приказните почнаа да се пишуваат сами, да се преплетуваат и заплетуваат и мислите скокаа од една страна на друга. Настана цел хаос. Морав сè да испуштам од раце и само уште да читам. Ноќе си шепотам, нека не ме раскине, нека не ме раскине сето тоа.

Крвави денови. Покрај неа се опивам и читам што се напишало во меѓувреме. Работите сè уште се искршени по дворовите и крововите на овој град. Некои станови сега се малку попразни и мојот скут е полн со нејзината љубов. Никогаш не би напишала таков заплет. Но, приказните сега се пишуваат сами и во таквите моменти мора да ги пуштиш дизгините и да ја оставиш писалката. Тоа е од животна важност. Инаку може сите да исчезнеме.

Ја црпиме близината. Ја складираме во големи дрвени буриња. Однатре се премачкани со некоја леплива материја. Ги има колку цел подрум. Катакомби на љубовта под овој претесен град. Живееме целосно еден покрај друг, а и покрај тоа се триеме до крв. Каде се големите градови и масите без лице? Ќе се мотав меѓу туѓите тела за кои не се знае каде итаат и немаше да ми биде гајле каде ме носи текот.

Наместо тоа како дрогирана се сопнувам на познатите ќошиња. Сè ме лути. Фатена во некои кафези, ги уривам преградите и бегам и се губам. Ова е еден голем лавиринт. Не можам вака, само колку пред носот да гледам што се случува. Ми требаат страшни далечини и ситни точки на хоризонтот, кои се менуваат во шарени моменти.

Таа е тука. Заедно сме мирни. Јас малку бегам. Ништо не гледам пред себе. Само ги следам свијоците и ги избегнувам препреките и чекам.

Потоа ме погалува и пак сум под површината, мирна.

Таа се одбива и кине од сите нишки и бара нови патишта и нови начини. Ништо не разбирам. Ова не се мои приказни. Само знам дека е многу немирна и дека ми го мами погледот.

Ветрот како малку да стивна. Пред нозете останаа да ми лежат некои листови од мојата книга со убави приказни. Некои ги препознавам и ги редам на куп, којшто потоа го стискам под пазува и го влечам со себе. Дизгините лежат на земја, исто и моето пишувало и никој не исчезнал. Никој никогаш и нема да исчезне. Сите приказни меко минуваат низ јамките на времето.

Испразнетите станови повторно се полни. Се зборува за некоја привременост.

Кога вака лутаме по градот ми текнува дека сега може секој да ме распарчи. Сè на мене ме боли. Ме голта немир. Одиме дома, меѓу четири ѕида, и кога сме во собата, сакам надвор на улица, а потоа не сакам. Би требало цело време голи да лежиме во постела и да разговараме. Ми се чини дека во овој момент само тоа има смисла.

Понекогаш ми се чини дека намерно ништо не разбира. Ништо не сакам да ѝ кажам и сè би сакала да ѝ кажам, ама не сакам. Затоа што поради неа плачев. Некогаш одамна. Таа е за мене пламен кон кој секогаш одново се враќам. Секојпат си ги подгорувам крилата. Со што потоа човек да лета?

Ништо не се труди да разбере. Може да ги прескокнеме сите нешта и потоа таа може само уште да биде прекрасно луда и нормална и необична и обична и таа е таа.

Потоа е јасно дека освен моментите нема ништо. Ништо не можам да кажам за неа. Би можела да лажам и да набројувам некои својства од некој момент, каква била и потоа јас, вака, растегнувам сè и велам дека е претпазлива или пак бурна. Ако некој праша, можам да излажам. Се менува од момент во момент. Дури ни јас, ми се чини, не внимавам толку на себе. А потоа може да сплетам мисла во која таа е збир од некои моменти. Таква е отсекогаш, таква беше пред воопшто да ја познавам, но и во меѓувреме кога ја гледав на зборови на далечина, и сега, кога лежи тука во мојата постела и ја галам долго и долго.

Таа е таа е таа. И е мир. Таа љубов е мир.

Уршка Стерле е авторка на куси раскази, преведувачка, а се занимава и со визуелна уметност и перформанси. За нејзиното книжевно деби, збирката раскази „Ред за ручек“, во 2007 г. беше номинирана за наградата „Фабула“ што во Словенија се доделува за најдобра збирка куси раскази. Истата година ја доби наградата „Златна птица“ за достигнувања во модерната уметност. Освен што пишува и преведува (Сара Шуман, Џуна Барнс, Одри Лорд) таа изведува политички ангажирани стенд-ап комедии, а оствари турнеја и со нејзината монодрама „Лезбејски бајки, бајки за лезбејки“. Таа е жена која сака жени. Оттаму, за неа љубовта е вистинскиот порив за да му пркоси на типизираниот начин на живот. Но во моментите кога товарот од тој потфат станал преголем за нејзините плеќи, таа почна да пишува.

Превод: Ана Пејова
Фотографии: Кристијан Вогт

Слични содржини

Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото