Историски пандишпан

05.04.2013 13:57
Историски пандишпан

Гледате ли како Македонија ги редуцира големите приказни за себе: од антифашизмот и националното и државно конституирање, преку независноста и предизвиците на демократијата, до битката против последните остатоци на опозицијата пред дворот на велештрумфот Бранко. Од големите, принципиелни, би рекол, критики на изборниот процес и на монструозните режимски интервенции во обликувањето на политичката волја на луѓето во долината на реката Вардар, до спремноста на опозиционерските гугутки да чекаат да падне некоја трошка од богатата трпеза на боксерот во мува. Во вториот круг на пеколот.

Антиквизацијата е измислена како добра форма за кретенизација на нацијата. Приземна во мангупската поза да исмее два милиони луѓе. Кои потоа излегуваат пред гласачките кутии и во телевизиските анкети и тврдат дека се среќни. А илинденизацијата била и е проекција на актуелниот мрак во минатото. Што го осветлуваат рефлекторите на нашите неостварености.

Историјата ѝ понуди на Македонија да се самооствари како модерен феномен, но таа одбра да биде квасец кој ќе му помогне на вмровското тесто да ги истисне последните меури на слободата од националната тава чинкова и да ги подготви Македонците и Македонија за еден добар историски пандишпан.

Кремот се подготвува во посебен сад. Од отсечените мадиња на опозицијата, на интелектуалната заедница, на институциите какви што се МАНУ, „Светите Кирил и Методиј“, „Светиот Апостол Павле“ и другите светители на мракот, плус кристалниот маргарин од медиумски гниди и уметнички флеки. Во „долимано“ садовите на вечниот невкус.

Нашиот проблем не е во тоа што некоја партија победила на некакви избори, дури не е ниту тоа дека победила убедливо, туку во решеноста ние да се победиме самите себе. Да се харакираме со сабјата на демократијата. Мислам дека не заслужуваме таква смрт. Самурајската смрт за Македонецот би била повредна од неговиот живот.

Тажната политичка судбина на Црвенковски нема да биде заклучена со неговата оставка или со евентуалната смена на лидерската позиција во СДСМ, туку со надоаѓачкото време на општествената рамнодушност кон кое било решение на тој човек. И на неговата партија. Имам некое чудно претчувство кое ми вели дека кога на Бихаќка ќе се сетат да направат нешто паметно, сите нас ќе нè боли курот. Тие се во таа напредната фаза на општествената десубјективизација и на политичката нерелеванција. Бранко енд ко. Треба да го сменат името ако веќе не сакаат да го сменат лидерот. И себе си. Да престанат да бидат канали со шкопени крокодили пред дворецот на лудиот крал

Што може да биде нашата нова приказна, флуидот што ќе минува низ нас и околу нас и ќе нè спојува во една смисла? Врзете се, пропаѓаме?!:

1. Општа демитологизација. Културно-политичка акција која треба да му ги покаже на општеството предностите на конституцијата што се случува спротивно на митовите. Станува збор за старата парола на Хелер која вели дека треба да се конституираме спротивно на својата историја, а не со помош на таа курва.

2. Девмровизација. Хемиотерапија за националниот канцер. На мозокот, на дебелото црево, на лимфните жлезди, на панкреасот, на белите дробови, на тестисите... Македонската легитимација и конституција во вемерето е како партнерството меѓу животот и смртта, тежок тумор, како газела која се легимтимира преку својот лав, како корабски рис кој постои преку својот ловец, како јагниња кои се остваруваат на линијата за колење. Контрастот во нашиот случај произлегува од очигледноста дека газелата не може да биде и газела и лав. Тоа е драмата на нашиот човек. Тој не може да биде и вмровец и Македонец. Тој не може да биде и вмровец и слободен човек. Или така никако. Односно така или никако.

3. Одлепување од православниот формат и емпецеовската вулгаризација на верата и надежта. Ништо нè нема упропастено повеќе од нашата скапана вера и од таканаречената македонска православна црква, од трговците со стравот од смртта, што би рекол Алексеј Кишјухас.

4. Чистење на образованието од неразумот и од комерцијалните и верски постулати како критериум на општото добро. Образовниот модел треба да се решведицира односно да се рејугословенизира при што верата и религијата и партијата и идеологијата како глупаво ушанчување треба да исчезнат во сите ситуации освен во моментите во кои се јавуваат како културноцивилизациски феномени кои заслужуваат внимание во општата наука.

5. Радикална реформа на јазикот и на писмото. Повлекување на кирилицата за сметка на латиницата со реформа на азбуката и на правописот. Ослободување на јазикот кој бил и е доминиран од идиотските супериорности на посебноста. Граматичка, вокабуларна, синтактичка, општокултурна и секаква друга преобразба која нема да нè издвојува туку ќе нè поврзува со светот.

6. Јас знам дека за кретенизираниот Македонец ова не се ниту утопистувачки постулати. Но, историјата на светот не е ништо друго туку еден грандиозен и, главно, неуспешен обид да се допрат утопиите на духот. Таа проекција ме охрабрува повеќе отколку што идејата дека сè е загубено, ме обесхрабрува.

7. Општеството може да го покрене елита на просветени граѓани: носители на цивилни вредности и непоткупливи потпирачи на деомократските власти. Просветена елита која не ја прифаќа евтината култура, простачката распуштеност и безразборното уништување на општествените вредности.

Вака сум пишувал во 2008 година!

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња