Сели Боулс

07.04.2013 10:19
Сели Боулс

Култниот роман, според кој е снимен уште пославниот филм Кабаре, излезе во новата Квир Сквер едиција! Пренесуваме дел од романот.

Едно попладне, во ран октомври, ме поканија на црно кафе во станот на Фриц Вендел. Фриц секогаш канеше на „црно кафе“, со нагласка на – црно. Многу си беше горд на кафето. Велеа дека е тоа најсилното кафе во Берлин. 

Фриц си беше облечен во вообичаениот костум за кафепиење – пуловер за едрење од мошне дебела плетка и фланелски панталони со боја на синевина. Ме пречека со сочна насмевка на бузавите усни:
„Здра‘о Крис!“
„ Здра‘о Фриц. Арен?“
„Фино.“ Се наведна над машината за кафе, а замазнетата коса небаре малтер му се одлепи од черепот, па му пафна над очите со штедро парфимирани кичури. „Проклетово нејќе да работи“, додаде.
„Ш‘о има старо-ново?“, прашав.
„Од лошо полошо“, ми се исклешти сиот набрчкан. „Искамчувам ли нов договор следниов месец, или готово - станав жиголо.“
„Или ... или ...“, го поправив, поттикнат чисто од професионална навика.
„Лош ми е англискиов, знам“, процеди Фриц, ептен самозадоволен. „Сели рече може ќе ме подучи.“
„Која Сели?“
„А, изумив. Не ја знаеш Сели. Моја грешка. Ама, ете, конечно, може ќе намине попладнево.“
„Згодна е?“
Фриц заврте со палавите црни очи, ја отвори ламаринената табакера и ми понуди пура попрскана со рум:
„Чу-де-сна!“, развлече. „Конечно, капак на сè, мислам и дека умот ми го има испиено.“
„Е која е де? Што работи?“
„Англичанка е, актерка: пее во Леди Виндермир – жив оган, веруј ми!“
„Право да ти кажам, вака па баш и не ми изгледа дека е Англичанка.“
„Па конечно, има и нешто француско во неа. Мајка ѝ е Французинка.“
По некоја минута, ете ти ја и Сели.
„Фриц, страшно ли доцнам, душичке?“
„Едно пола саат, мислам“, развлече Фриц, а зрачеше од сласт, небаре газда на азно. „Ќе дозволиш ли, госпоѓице Боулс, да те запознаам со господин Ишервуд? Инаку, попознат е како Крис.“
„Па, не баш“, реков. „Фриц е веројатно единствениот кој некогаш во животов ме ословил Крис.“

Сели се насмеа. Облечена беше во црна свила, со куса наметка преку рамениците и со каскетче немарно навлечено накриво од едната страна на главата:
„Ако да се јавам на телефон, душичке?“
„Се разбира. Само ти бркај си работа.“ Фриц фрли поглед кон мене. „Крис, ела малку во другата соба. Да ти покажам нешто.“ Му се гледаше дека едвај чека да чуе каков ми е првиот впечаток за Сели, неговата принова.
„О господе златен, па ве молам не оставајте ме сама со човеков!“ залелека. „Преку телефонов ќе ме заведе. Просто е неиздржливо колку е ужасно страстен.“
Додека го бираше бројот, забележав дека ноктите ѝ се лакирани смарагдно зелени, сосем несреќно избрана боја, оти привлекуваше внимание врз рацете, чалдисани од цигари и валкани како на девојче. Доволно црнгалеста да помислиш дека му е сестра на Фриц. Тенка и издолжена во ликот, напудрена мртовечки бледо. Крупни костенливи очи ама некако недоволно темни да ѝ се вклопат со косата и со моливот за веѓите.
„Алооо“, загугута, и ги напупи усните во ласкав црешов цут чиниш ќе ја бакне слушалката: „Ти ли си, душичке?“ Устата ѝ зјапна во будалесто слаткаста насмевка. Си седевме со Фриц и го гледавме целиот тој нејзин театар. „Што би сакал да правиме, утревечер? Ох, прекрасно... Не, не, вечерва ќе си седам дома. Да, да, навистина сакам да си седам дома... Догледање, душичке...“

Ја спушти слушалката и се сврте кон нас победоносно.
„Спиев со него вчеравечер“, ни објави. „Чудесен љубовник е. Невидено надарен за бизнис и ужасно богат –“, ни пристапи, седна на софата до Фриц, со воздишка се нурна во перничињата:
„Може ли да ми сипеш малку кафе, душичке? Горам од жед.“
И наскоро се фативме со омилената тема на Фриц: темата која тој ја изговараше – љубоф.
„Во просек“, ни рече „на секои две години ми се случува по една голема врска.“
„Што значи, кога точно ти била последната?“, праша Сели.
„Точно пред една година и единаесет месеца!“, ѝ фрли Фриц најпакосен поглед.
„Чудесии!“, Сели си го напрчи носот и закикоти ѕвонлив потсмев: „И ај сега кажи ни – каква беше таа последната?“
Ова, се разбира, го втурна Фриц во исповедно житие. Си добивме прикаска како бил заведен во Париз, потем подробности од флертот во Лас Палмас, за четирите клучни романси во Њујорк, прокобата во Чикаго и покорувањето во Бостон; потем назад во Париз на куса оддишка, прекрасна епизода во Виена, па по утеха во Лондон и, најнакрај, Берлин.
„Знаеш што, мил мој Фриц“, рече Сели со нос вперен кон мене, „да ти кажам, проблемот кај тебе е што досега не си ја сретнал вистинската жена.“
„Може си во право -“, сериозно се задума Фриц. Црните очи му ги налеа тага: „Можеби сè уште талкам по идеалот...“
„Ама еден ден ќе си ја најдеш, потполно сум сигурна дека ќе ја најдеш.“ Со поглед, Сели сакаше да ме вклучи во подбивањето со Фриц.
„Мислиш?“, лигаво се исклешти Фриц, искричаво втренчен во неа.
„А вие, се согласувате ли?“, ме прозва Сели.
„Сигурен сум дека не знам“, реков. „Оти никогаш не можев да сфатам кој му е идеалот на Фриц.“

Не знам зошто, ама ова му се допадна на Фриц. Го сфати како некој вид пофалница: „А ете, Крис многу добро ме познава“, пак се вмеша, па забандори, „што значи, ако Крис не знае, е тогаш, претпоставувам дека никој не знае.“
На Сели веќе ѝ беше време да си замине.
„Во пет треба да се сретнам со еден човек кај Адлон“, ни објасни. „А веќе е шест! Ама нема врска, нека почека малку тоа дрто крмачиште, нема да му штети. Сака да му бидам љубовница, ама му реков проклета нека сум ако му бидам сè дури не ми ги плати сите долгови. Зошто се мажите секогаш такви ѕверови?“ Ја отвори чантата, и одново наврапито си ги потцрта и усните и веѓите: „О, ќе заборавев, Фриц душичке, ќе бидеш ли ангелче да ми позајмиш десет марки? Скршен динар немам за такси.“
„Се разбира!“ Фриц ја пикна раката в џеб и ѝ исплати без двоумење, јуначки.
Сели се сврте кон мене: „А да ве прашам, би дошле ли некогаш на чај со мене? Дајте ми телефон. Ќе ви се јавам.“
Веројатно, си помислив, си мисли дека сум парајлија. Е па добро, ова ќе ѝ биде лекција, ќе ѝ го дотерам умот еднаш засекогаш. Бројот ѝ го запишав во нејзиното кожено тенко тефтерче. Фриц ја испрати.
„Ете, тоа е!“, со потскокнување се враќаше во собата и расположен ја затвори вратата: „Што мислиш за неа Крис? Ти реков дека е згодна?“
„Кажа, и не излажа!“
„Колку повеќе ја гледам, толку повеќе се затрескувам во неа!“ Страсно воздивна, па си се послужи со цигара: „Уште по едно кафе, Крис, а?“
„Не, фала ти ептен.“
„Слушај Крис, ми се чини дека и тебе ти фрли око, да знаеш!“
„А бе ај не збори глупости!“
„Жими се ти викам!“ Фриц се развесели. „Конечно, отсега натаму многу често ќе ја гледаме!“
Кога се вратив кај фројлан Шредер, толку бев зашеметен што морав да прилегнам барем на полсаат. Пак ме отру црното кафе на Фриц.
По ден-два, ме однесе да ја чујам Сели како пее.
Леди Виндермир (сега, како што чув, веќе не постои) беше префинет „лежерен“ бар, недалеку од улицата Тауенцин, а очебијно беше дека газдата се трудел да го направи колку што може посличен на баровите од Монпарнас. По ѕидовите висеа опсежните листи на барската понуда, карикатури и потпишани театарски фотографии – („За неповторливата Леди Винтермер.“ „За Џони, од сесрце.“) Обожавателот, пак, лично, четирипати поголем од вистинската става, беше изложен над шанкот. Имаше и големо пијано, поткачено на бина среде просторијата.
Љубопитен бев да видам како ќе се вклопи Сели во сето ова. Си ја замислував, не знам зошто, со претерана трема, ама не беше така, трема немаше ни најмалку. Гласот ѝ беше изненадувачки длабок и сипкав. Пееше лошо, безлично, рацете виснати отстрана – а сепак, на некој посебен начин настапот ѝ беше успешен поради нејзината впечатлива појава и поради ставот дека ама баш ич не ѝ е гајле што мислат луѓето за неа. Рацете бесцелно ѝ се мавтаа наваму-натаму, од насмевката ѝ се читаше земи-или-остави, а пееше:
Учи ме мајко карај ме
Криво право покажи ми
За него сепак давај ме
Барем ти добро мисли ми

Аплаузот ечеше. Пијанистот, убаво момче со руси кадрици, стана и свечено ѝ бакна рака. Сели потем отпеа уште две песни, едната на француски, другата на германски. Не беа толку добро прифатени.
Кога сврши пеењето, уште малку ѝ бакнуваа рака па сите нагрнаа кон шанкот.
Сели чиниш ги знаеше сите во местово. Со сите беше на ти и на мили-драги. За некој што се труди да биде дел од овој полусвет, не ми личеше дека има ни доволно трепение ни усет за зделка. Многу време поарчи да му се додвори на еден постар господин кому очебијно ќе му беше подраго да си помуабети со шанкерот. И така, една чашка по друга, најпосле сите ептен се испијанивме. Сели мораше да оди на некој прием, па дојде газдата и седна со нас на маса. Со Фриц зборуваа за англиското племство. А Фриц си беше во елемент. Решив, како многупати претходно, никогаш веќе да не стапнувам на вакви места.
Потем Сели ми заѕвони, како што ми вети, да ме покани на чај.
Живееше сосема на крајот од Курфирстендам на зафрлениот тмурен потег извишен кон Халензе. Во мрачната полунаместена соба ме воведе дебела растрбушена газдарица со ќесесто провисната жабешка гуша. Во едниот ќош имаше пропадната софа и избледена слика на некоја битка од осумнаесеттиот век, ранетите потпрени на лакти во благородни страдалнички глетки, восхитени од фодулниот танцов скок на коњот на Фридрих Велики.
„О, здра‘о, Крис душичке!“ се умилкуваше Сели уште од прагот. „Прекрасно што намина! Се чувствував ужасно осамена. Ì се исплакав на фрау Карпф на градите. Нели така, фрау Карпф?“ Ì се обрати на жабестата газдарица, „на градите ви се изнаплакав.“ На фрау Карпф боските ѝ се занишаа од жабешки крекет.
„Што би сакал повеќе Крис, кафе или чај?“, си продолжи Сели. „Имаме и тоа и тоа. Само, чајот баш и не би ти го препорачала. Не знам како го прави фрау Карпф; може сите помии од кујната ги претура во еден бокал и после ги вари со ливчиња чај.“
„Па тогаш, кафе.“
„Мила фрау Карпф, ќе бидете ли ангелче да ни сварите два филџана кафе?“ Сели не само што зборуваше испревртен германски, ами си зборуваше потполно по свое. Секој збор го изговараше со кенкање, на посебен „јабанџиски“ начин. Воочливо беше дека намерно го зборува туѓиот јазик со самосвоен израз. „Крис, душичке, ај биди ангелче и повлечи ги завесите?“

Ги повлеков, иако сè уште беше виделина. Во меѓувреме Сели ја чкрапна ламбата на масичето. Дури се повлеков од прозорецот, вешто се беше склопчила на софата небаре мачка, ја беше отворила чантата и пипкаше по цигари. Ама сцената не ќе беше целосна ако пак не скокнеше на нозе:
„Сакаш Прериска Острига?“ од орманчето под рашрафениот мијалник извади чаши, јајца и шише Вурстер сос: „Ова ме држи жива.“ Вешто скрши по едно јајце во чашите, додаде сос и ја промеша смесата со дршка од налив-перо: „Еве, колку-толку“. Се врати на софата, префинето склопи нозе под себе.
Го носеше истиот оној црн фустан, ама без каскетот. Сега носеше малечка бела јака и бели манжетни. Тоа правеше некаков театарски целомудрен впечаток, како калуѓерка од гранд опера. „Што се смешкаш, Крис?“, праша. „Не знам“, реков. Ама не можев да престанам да се клештам. Во тој миг имаше нешто исклучително смешно во изгледот на Сели. Оти навистина беше ем прекрасна, со црното главче, со крупните очи и со фино заоблениот нос – ем ептен будалесто свесна за сите тие својства. Загнездена пред мене, самодоволно женствена божем гугутка, со самосвесна глава во рамновесие и со префинето склопени дланки.
„Крис, свињо една, кажи што се смееш?“
„Жими сè, врска немам.“
Тука и таа прсна во смеа: „Е луд си, да знаеш!“

Збогум, Берлин, роман првпат објавен во 1939 година, е збирка на полуавтобиографски записи водени во почетокот на триесеттите години во велеградот на Вајмарската република.Своевидниот Берлински дневник ја доловува атмосферата во Берлин непосредно пред нацистичкото преземање на власта. Разјаден од економската криза и политичките судири Берлин станува проголтан од нацистите, чиешто првично дивеење маестрално е опишано во романот на Ишервуд.

Одломка од романот „Збогум, Берлин“, издание на Темплум, едиција Квир Сквер
Фотографиите се од филмот „Кабаре (1972)
Превод: Виктор Шиков

Слични содржини

Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото