Полуден град

07.04.2013 19:39
Полуден град

Скопје денес: Спој на идеологијата на Туѓман, вкусот на Керум и партиско-корпоративниот модел на Санадер

 

Ништо - ниту фотографиите во весниците кои сте ги виделе, ниту статиите кои сте ги читале - не може да ве подготви доволно за глетката која тој ден се простираше пред мене - глетката на новото, историцистичко Скопје.

Тоа тополо доцномартовско попладне стоев покрај Вардар, во средиштето на градот кој некогаш, во едно друго време, прилично добро го познавав. Стоев во центарот на градот кој е повторно изграден после земјотресот во ’63 и кој во времето кога јас го паметам беше град-образец на рационалното социјалистичко планирање - град на едноставен бетон, елегантна геометрија, високи згради, трговски центри, концертни сали со рудиментарна јаснотија.

Наместо тоа Скопје, тој ранопролетен ден пред мене стоеше еден друг град. Тој град би можел да се опише како смеса од Лас Вегас и Пјонгјанг, но со елементи на Халикарнас, Ашкабад и стиропорниот Рим од филмовите на Чарлтон Хестон. Тој град беше полуд од најлудите замисли на туркменскиот диктатор Сапамурат Нијазов. Тој град кој стоеше пред мене беше толку надреален, што со неверување ги триев очите.

Ништо - повторувам - не може доволно да ве подготви за тоа ново Скопје, кое според проектот наречен „Скопје 2014“, во екот на светската рецесија и за само неколку години, го соѕидаа македонската владејачка партија ВМРО и нејзиниот лидер - наводно идеатор на проектот - човекот со име Никола Груевски.

Иако по фотографиите приближно знаев што ме очекува, сепак тоа попладне со часови сосема запрепастен одев низ центарот на еден некогаш сосема рационален град, со зината уста од неверување, со чувство како да сум влегол во онаа заумна лавиринтна тврдина од Борхесовиот „Бесмртник“ во кој главниот јунак го избезумуваат слеаните ходници и скалите кои не водат никаде. Среде тоа лудило се наоѓа - нормално - таа коњичка статуа која не се вика така, ама сите знаат дека е Александар Велики. Стои тука, качен на комична височина, опкружен со водоскоци, антички воини и ѕверилник од цицачи. Околу него се, на некогаш чистиот и минималистички кружен плоштад, како џуџиња распрснати скулптурите на историски фигурни. Насобрани се од сите ери и нации: Филип Македонски, Самоил, Јустинијан, Карпош, Скендербег - Византијци, Грци, Албанци, Бугари, Сите наместени и распоредени во урбаната констелација на една националистичка идеологија.

Но, уште поневеројатни од статуите се зградите. Пред вас на брегот на Вардар одеднаш излегува некаква монструозна класицистичка бонбониера за која се испоставува дека е министерство за надворешни работи. Покрај неа веднаш е стаклено-металната имитација на храмот Свети Петар во Монторио во кој - којзнае зошто - ете ја финансиската полиција. Трета во низата е необарокната „каша“ во која се наоѓа - цитирам грижливо - „Музејот на ВМРО, борбата за македонска државност и жртвите на комунизмот“. На спротивниот крај на кружниот, некогаш апсолутно рационалистички Плоштад Македонија ќе излезете пред вистинска римска триумфална порта, достојна на Ceasar's Palace во Лас Вегас. Зградите кои се пред вас се откачени, статуите се откачени, но најлуди се - мислам - деталите.

До седиштето на финансиската-што-и-да-е води нешто што се вика „мост на уметностите“, квазибарокно мовче со канделабри кои го имитираат Pont Neuf. На страните по должината на мостот има по четиринаесет фигуративни статуи, алегории на уметниците. Така, бронзениот диригент со стапче му се заканува на небото, писателот (или е тоа архитект) има некаков свиток, а бронзениот сликар штафелај и четка со која му мавта на трпеливиот, шумлив Вардар. Горостасниот коњаник е опкружен со слапови вода кои пак ги обрабуваат старогрчки копјоносци, а нив пак, лавови. Триумфалната порта е приказна за себе. Ни во најбујната фантазија не мислев дека некогаш ќе видам триумфална порта со коринтски столбови кој на еден од касетираните релјефи прикажува - партизани! За да биде работата полоша, сè е изведено безнадежно несмасно, занаетски бедно. Мојата сопруга - која студираше на ликовна академија - го гледа така седечкиот Јустинијан со кабасти екстремитети и неприродно вкочанетa поза и вели: „Со вакво нешто на студии по вајарство би паднал во прва година“. И тогаш сфаќам: новото Скопје, тоа е град каков што (ако има пари) во Сплит би можеле да направат здружени Керум, Филип Радош, Муцало и Мирко Јеремаз. Тоа е триумф на лузерите, волшебно место на кое со волшебно стапче петпарачките антиталенти можат да станат Мештровиќ, Алберт Шпер и Ваубан, државни скулптори и државни архитекти. Го гледам тоа ново, полудено Скопје и си мислам: оној што го смислил ова треба да биде испратен на психијатриско вештачење.

Извор: Јутарњи лист

Слични содржини

Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото