1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Мислам само на наједноставниот облик, којшто колку-толку денес сите граѓани го разбираат, а тоа е парламентарната демократија: тоа е демократија со големи проблеми, како што се претставувањето на потребите на другиот, подносливиот јавен настап, основното граѓанско почитување, професионалноста, одговорноста – да не должиме премногу. Накратко, бар она што е очигледно дека недостасува. Од друга страна, токму тој минимум парламентарна демократија, со сите вградени грешки и неволји што ги предизвикува, ни беше претставен како да е вистинска демократија, и тоа во време кога се распаѓаше социјализмот, а ние моравме да ги прикажеме достигувањата на демократијата во облиците барани од ЕЗ. По повеќе од 20 години преиспитување на демократијата сфатена на тој начин, на најголем дел од граѓаните веќе не им е до неа, и спремни се да западнат во пасивност поради незадоволството предизвикано од препознавањето на механизмите или во замката на некои очебијно провидни лаги. Веројатно најголем дел од граѓаните уште не се спремни да ја прифатат сопствената безначајност во системот на одлучување како божјо правило и да го разберат стремежот за демократија, правда, односно еднаквост како смртен грев, како што веќе ни го сервираат услужните сервисери за укинување на демократијата. Но, мнозинството е едноставно доволно добро информирано за тоа дека најголем дел од припадниците на класата експлоататори и водители имаат психолошки профил што експретите го одредуваат како социопатски. Во многу развиени земји, особено во САД, тој вид знаење стана општопознато, благодарение на продорноста на популарната култура и медиумите: ако ги изземеме фантазмагоричните ликови на сериските убијци-социопати од малите екрани, таквото знаење може да помогне во секојдневието да го препознаеме обичниот социопат, како дома така и на истакнатите позиции. Овие вториве наштетуваат на особено голем број луѓе.
Не би било погрешно да се каже дека внатрешните проблеми на минималната парламентарна демократија отворија простор за постапките и механизмите на управниците коишто мислат дека и таа минимална парламентарна демократија е премногу. За секој оној што за демократијата размислува пред сè во рамки на секојдневното нервирање, прашање е дали воопшто вреди да се залагаме и бориме за таква демократија со средствата коишто таа ги налага, значи преку политичките партии. Непосредната демократија постои денес во различни облици, од традиционалните во мали групи (африканските примери), до оние заснованите на спојот на новите електронски медиуми и нивната достапност (градските примери Њуарк и Сан Франциско во САД). Нејзината ефикасност е најчесто релативизирана. Но постои, како што постои и задолжителното гласање. Можните комбинации на првото, второто и третото би можеле да ја доведат демократијата во ЕЗ на некое друго ниво. Од друга страна, ЕЗ со исклучок на најголемите внатрешни дилеми (знак на социопатија?) денес ги заменува владите без избор: можеби мотивите се добри, но објаснувањата сигурно не се. Замените на владите одвнатре не се невообичаени во парламентарната демократија, но тоа би можело да стане честа и злоупотребувана постапка, особено ако се објаснува со – штедењето. Изборите се скапи...покрај тоа, медиумите, особено оние без долга и славна традиција на слободно изразување, па и државните институции, му подметнуваат на народот лажна слика за демократијата како „урамнотеженост“: се повикуваат познати екстремисти, расисти и борци против човекови права за да учествуваат во јавни дебати, дури и на собраниските расправи (токму тоа се случи во словенечкиот парламент). Во медиумските приредби, особено на т.н. јавни расправи, тоа обично значи дека мнозинството будали меѓу учесниците е неизбежно. Со други зборови, малку памет и секогаш малку жени, и резултатот е јасен: гледачите конечно ќе поверуваат дека не постојат паметни жени.
Ако сите вакви процеси продолжат, може да се замисли систем во којшто нема да бидат потребни скапите избори, па ни референдуми, во којшто трошките локално одлучување ќе им се делат на граѓаните преку интернет, и во којшто медиумите ќе го потхрануваат постојаниот лажен избор меѓу главно бесмислените можности. Ќе се обидам да не го препознаам овој систем ниту во моделот на австроунгарското одлучување, ниту во моделот на меѓународна парламентарна диктатура, ниту во моделот на самоуправната идеобирократија – значи во ниту еден од најблиските нарации на колективно сеќавање. Ќе го замислам во рамки на ЕЗ и нејзиниот бирократски стил – бидејќи моделот уште не е успешно прочитан, ако воопшто и постои. Значи, владите ги поставува урамнотежено репрезентативен европски парламент, сведен на претставници-службеници, коишто не мора да се состануваат, освен во кантината. Ограните на ЕЗ го одредуваат буџетот на земјите, потрошувачката и она што останува во водењето на политиката. Во подобар случај, ЕЗ воведува некој вид уравниловка на личните приходи и го огранучува неолибералното лудило, што овозможува некакво уредување на социјалниот статус на граѓаните. Тоа секако подразбира уште поостра контрола врз доселувањето: ЕЗ постепено станува претежно бела, стара, болна и неплодна, што дополнително се уредува со намалувањето на здравствените грижи. ЕЗ може да одлучи на тој начин да го намали бројот на жители, а може и да ја подобри грижата за старите лица со селективен увоз на работна сила. За големите работни задачи во инфраструктурата, ЕЗ увезува работници на гости и по завршените задачи ги транспортира назад во нивните татковини. Сообраќајот станува поускладен и поредовен, железницата и автобусите конечно разумно ја покриваат европската територија. Јавниот сектор цвета и постепено го истиснува приватниот. Професиите што бараат физичка спремност и подвижност исчезнуваат – пилотите, возачите и слично, и постепено се заменуваат со страницте што за тие професии мора да се образуваат во ЕЗ: тоа е големата трака за населување. ЕЗ и понатаму произведува повеќе храна отколку што е потребно за до темел променетата инфраструктура на населението, па може да ја продава надвор од ЕЗ, а сепак да ја сочува куповната моќ на населението внатре во заедницата и уште по некои работно место за младите. Во таков вид стабилност, европските услуги стануваат главен мотор на општеството, а пристапот до средства не е ограничен со конкурсите, туку и онака намалените фондови се однапред поделени. Секојдневието е уредено во зависност од бирократијата и тоа на секое можно ниво. Забавата е под надзор, црквите се мирни со отсуството на политика, умереноста е основно барање. На заедницата ѝ остануваат доволно пари за да ги засили сите механизми на контрола, како полициско-жандармериските, така и електрониските. За чувари на редот може да се ангажираат и работниците на гости, на коишто посветеноста и дисциплината може да им овозможат подолг ангажман. На крајот, не би било нелогично поради приврзаноста на широките маси и симболичката стабилизација да се утврдат некои престоли, или да се устоличат еден или пар европските владетели. Образованието, науката и културата, со малку дисциплина и внимание, успешно опстојуват, без грижи за преживување. Тоа не е свет што им угодува на младите, ниту свет којшто ја прогласува младоста за привилегирана состојба: напротив, младите се добро покриени со основно образование, рано се определени за извршување тешки работни задачи, со значителното намалување на слободното време и органичен пристап до забавата: мора да се испланираат покорни граѓани за блиска иднина, кога денешните старци умираат како бројно важен дел од населението.
Колку луѓе денес би се одрекле од парламентарната демократија во име на просветен бирократски апсолутизам? Мојата цинична процена е околу 80% или повеќе. Мнозинството граѓани, во голема мера и поради популарната култура, ја гледаат иднината како постапокалиптичен ужас. Другата, уредена и дисциплинирана визија на светот веднаш би се здобила со бројни приврзаници, за коишто зборовите „ред и мир“ се магични. За тоа мнозинство, прашањето на слободата е апстрактно, од неолибералното безобѕирно размафтување па сè до уметничката слобода. А за тоа со колкава брзина читањето, кога е овозможено, донесува нова револуција, не би требале да се грижиме. Можеби, едноставно, дваесеттина години без непотребните и дрски лаги веќе би биле лековити.
Извор: pescanik.net
Слики: Буди Сатриа Кван