Жерновски

08.04.2013 12:17
Жерновски

Се разбира дека тоа што стана градоначалник на „најцентарската“ и можеби најградска општина во Македонија, на Андреј Жерновски не му го дава правото да биде прогласен за „урбан топоним“. Па, дури ни фактот што таа победа е извојувана во една од највалканите анти-кампањи и во изборен процес кој не доликува ниту на земји што и самите не се декларираат за демократски, не е доволен за да биде нешто урбано или да не биде. За тоа не се доволни ни неговиот урбан изглед, доброто воспитување, сериозното образование, па ни потеклото. Сепак, Андреј Жерновски го доби своето место во оваа рубрика не како политичар, туку повеќе како своевиден урбан феномен, како човек што доби поддршка од малата, но најверојатно најурбаната овдешна популација, заедницата на твитерџиите.
Корисниците на социјалните мрежи, па и оние на интернет-порталите веќе се запознаени со поголемиот дел од, можеби, неколкуте стотини твитови посветени на Жерновски (http://i999y.blogspot.com/2013/04/103.html), а испровоцирани од масивната (и скапа) кампања против него и неговите наводни криминали. Урбаниот карактер на оваа, условно кажано, одбрана на опозициониот кандидат можеби е мотивирана (а можеби и не е) од политичките убедувања на твитерџиите или од незадоволството од резултатите на досегашниот градоначалник, но сигурно е мотивирана од два битни елемента – препознавањето на послабиот противник (во смисла на логистика и ресурси за користење) и, пред сè, на неправдата која со тие ресурси се постигнува. Фер-плејот, толеранцијата и чесноста се клучните одлики на урбаниот карактер.
Од друга страна, медиумот, односно формата на самите „твитови“ (пораките што се пуштаат на оваа социјална мрежа), во голема мера ја одредува и содржината. Текстуалната ограниченост на 140 словни знаци единствено трпи куса порака или афористичка содржина. Афоризмот, пак, ако веќе не е во состојба да содржи некоја умна животна филозофија, мора да се потпре на хуморот, цинизмот, сатирата... А социјалните мрежи и не се некое погодно тло за „истурање“ на „тешки“ животни филозофии и хаику поезија.

Во таа смисла, и некои од твитовите под „хаштагот“ (префикс на одреден збор при дискутирање на одредена тема, за полесно пребарување по темите) #Жерновски се несомнено духовити, цинични и саркастични („Жерновски седел сам на тросед“, „Мајка му на Жерновски имала болки болки при породување. Каков е тој човек што малтретира родилка?!?!?“, „Жерновски тепа од публика, ама стручното жири го им конечниот збор“), но голем дел од нив не се само тоа. Тие се културолошки! Станува збор за потсмевање на една културолошка матрица, стандарден тип однесување, кој како и секој културолошки стандард, во суштина, е тешко да се објасни. Значи, во прашање се досетки што ги разбираат само припадниците на тоа културолошко милје и на одредена животна средина. „Жерновски никогаш не давал лист од тетратка, лажел дека му е помината средината“, „Жерновски острел молив секој час“, „Жерновски не распознава кој е Дуле, а кој Коки“, „Жерновски еднаш побарал негазиран сок на роденден кај другарчето“, „Жерновски иако имал вошки, никогаш не спиел на покрив“...
Овие примери се толку типични за овдешното културолошко искуство, влезени во колективниот профил на нацијата (сфатена како политичко-територијална категорија) што им значат само на луѓето што ги препознаваат во нив сопствените културолошки кодови. Значи, речиси се непреведливи, па и неприспособливи за некоја друга културолошка средина. Во оваа смисла, твитерот игра улога на своевидна јавна психо-аналитичка алатка, со чија помош може да се дојде до некакво колективно само-препознавање. На тој начин се доаѓа и до препознавање на групи на интерес, создавање на вредносни системи на тие групи, па дури и на социјални, па, што да не, и на политички лидери. Жерновски, ете, беше препознаен како нов урбан лидер – како толерантен, образован и културен човек, кој може добрлонамерно да ја разбере и шегата, и критиката, и пофалбите. А најмногу како човек врз кого се врши неправда од позиција на власт (на сила) и затоа треба да му се даде поддршка.
Твитерот, иако не е толку масовна социјална мрежа како фејсбукот, сепак во смисла на создавање и негување на она што би можеле да го наречеме урбан дух има далеку позначајна улога. Додека, фејсбук, повеќе или помалку, го оправдува своето име – односно претставува некаков виртуелен споменар, каде што во најголем дел се објавуваат фотографии, лични и од семејството, некакви „мудри“ цитати за љубовта, животот и среќата, поздрави и честитки, твитерот многу повеќе го одразува духот на времето. Тој е брз, а поради тоа е информативен. Неговите пораки, како што веќе беше констатирано, се релативно куси, што значи дека мора да бидат „ударни“ (да се послужиме со новинарскиот жаргон), односно концизни и со задолжителна поента.

Токму од аспект на овие „урбани“ елементи, забележливо е избегнувањето на твитерот од страна на политичарите, подеднакво и од позицијата и од опозицијата (чест на исклучоците). За волја на вистината, врвните претставници на политичките елити имаат свои твитер профили, ама очигледно им се администрирани од некои нивни приврзаници или партиски апаратчици. Нивните пораки најчесто се пишувани во трето лице еднина („Премиерот Никола Груевски беше во посета таму и таму...“). Како што забележува Филип Стојановски во својата статија „Македонија: Твитер-хаштаг за премиерот – „#Ж“ во „Global Voices“ (http://mk.globalvoicesonline.org/03/13/13277/), премиерот во својот твитер-профил (или неговите административци) не го користи ни веќе усвоениот хаштаг за него „#Ж“, што дефинитивно го изолира од останатиот дел на твитер-заедницата и на тој начин драстично го намалува неговото влијание врз урбаниот дел на овдешната популација.
Од друга страна, урбаниот елемент на твитерот овозможува следење и на една сериозна општа, а пред сè политичка особина, а тоа е – одговорноста. Имено, токму поради цинизмот и сарказмот, твитер-заедницата може да биде (а често и е) немилосрдна кон некоја личност, само поради една изјава или некаков несмасен гест. Во таа смисла, ниту Андреј Жерновски не е сфатен како некаков архетип на лидер што треба да се следи. Напротив. Примен е како „еден од нас“. Не во смисла на „човек од народот“, туку во смисла на „нашето друштво“, како еден од луѓето што има слични или исти интереси, сличен или ист вредносен систем, како човек со кого сме можеби на слична бранова должина. Затоа и неговото опстојување на виртуелната социјална сцена, барем со овој позитивен набој што го доби меѓу двата изборни круга, ќе функционира сè до оној момент додека го препознаваме како таков. Веќе следниот момент ќе се појават илјадници твитови со некаква поинаква содржина. Ете, тоа е урбано.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Општество
Општество
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото