Корејска загатка

09.04.2013 07:47
Корејска загатка

Во свет каде што обично северот асоцира на развиеност и напредност, Корејскиот полуостров е интересен исклучок. Таму, северниот дел од полуостровот не само што не е развиен и напреден, туку тој е тотално уназаден и воопшто не е на патот кон развој. Иако северниот дел е само два пати помалку населен од јужниот дел, гледајќи го БДП, тој е околу четириесет пати економски помалку развиен. За разлика од својот јужен сосед кој е меѓу 15-те најразвиени економии во светот, Северна Кореја и покрај големите издатоци за воени намени, има редовен недостаток на храна и голем број на смртни случаи поради глад. Овие разлики се должат на разликите во политичкиот систем и општествениот развој на двете држави на полуостровот. За разлика од демократскиот систем воспоставен во јужниот дел, севернокорејскиот режим е диктаторски режим. Разликата меѓу диктатура и демократија е тоа што, во демократски систем, кога си претседател воените сили ти се подредени, додека во диктаторски режим кога војската ти е подредена, тогаш ти си претседател. Општествените разлики пак меѓу државите се должат на слободата која им е понудена и дозволена на граѓаните. Вистинскиот тест за тоа дали одредено општество е слободно или не, е тоа дали кога на граѓаните им е дозволено да ја напуштат земјата тие решаваат да се вратат назад. Знаеме дека на Севернокорејците не им е дозволено да ја напуштат земјата, а оние малкуте кои ќе добијат таква шанса, како што беше и примерот со фудбалските репрезентативци на последното светско првенство, се трудат на секој можен начин да не се вратат назад во својата татковина. Последните ексцеси на меѓународната сцена од страна на севернокорејскиот режим се должат токму на овие два фактора, задоволување на војската и национално обединување на граѓаните против надворешна закана со цел легитимизирање на режимот.

И покрај големиот степен на острина и шокантност во изјавите и заканите на севернокорејскиот режим, за прекинување на примирјето од 1953 со кое беше завршена корејската војна, објавување на воена состојба и закани за напади и бомбардирање на Сеул и на американските воени бази во пацификот (на Окинава и Гуам), малкумина од странските функционери и експерти од оваа област им дадоа посебно големо значење. Сепак, последните случувања се добро потсетување за светот дека ситуацијата во тој регион е несигурна и дека доколку не се најде некакво решение за нормално коегзистирање на државите во регионот, поради мали инциденти и недоразбирања, може да дојде до сериозен конфликт.

Заканите од страна на младиот 30-годишен диктатор Ким Јонг-Ун, кој дојде на власт во 2011 по смртта на својот татко, имаат истовремено внатрешнополитичка и надворешнополитичка цел. Внатрешнополитичката цел, како што веќе напоменав, е да покаже дека и покрај неговата младост и неискусност, тој е подеднакво суверен како и неговиот татко и затоа треба да ја добие целосната поддршка на војската. Исто така една од целите е и да создаде чувство на параноја и страв поради надворешна закана и така да обезбеди национално обединување во земјата. За одржување на диктаторскиот режим, ваквата ситуација на страв од надворешен непријател е неопходна бидејќи ниедна тиранија не може да се осврне само на брутална сила за својот долгорочен опстанок. Надворешнополитичката цел е, пак, да покаже незадоволство со последните остри санкции кои ги донесе Советот за безбедност како одговор на последните севернокорејски нуклеарни тестови, но исто така и незадовлство со заедничките воени вежби на Америка и Јужна Кореја кои се одржуваат секоја година. Исто така, Ким Јонг-Ун го проверува и својот маневарски простор и степенот на толеранција на новите естаблишменти во Јужна Кореја, Кина и Јапонија. Доста веројатно е и дека се труди да си обезбеди и што подобра преговарачка позиција во случај на повторно оживување на мултилатералните преговори.

И покрај константноста на ваквите турбулентни случувања на полуостровот низ историјата, сепак во последните години почнаа да се појавуваат и одредени промени во однесувањето на засегнатите актери од регионот. Најважна од сите е промената во однесувањето на Кина, од чија поддршка херметичко затворениот севернокорејски режим е тотално зависен за трговија, нафта и храна. Кина покажа незадоволство со последните нуклеарни и ракетни тестови на Северна Кореја и иако се трудеше и работеше на тоа да што повеќе да ги омекне и да го намали нивниот ефект на обичните граѓани, таа ги поддржа и гласаше во Советот за безбедност за новите санкции предложени од страна на Америка. Една од причините за повлекување на бескомпромисната поддршка е и притисокот од промената на јавното мислење во Кина. По одржувањето на севернокорејските нуклеарни тестови недалеку од кинеско-корејската граница, голем број граѓани почнаа да покажуваат загриженост околу радијацијата и незадоволство со поддршката на севернокорејскиот режим на кинеската социјална мрежа Веибо. Друга причина е и стравот од ширење и развивање на нуклеарно оружје во другите држави од регионот (во Јапонија и Јужна Кореја) како реакција на нуклеарните тестови во Северна Кореја, коешто не ѝ одговара на ниту една нуклеарна држава (а најмалку на Кина во случајов) поради тоа што така се намалува значењето и вредноста на нивниот нуклеарен арсенал. Дополнителна причина за неодобрување на агресивната политика на Северна Кореја е и тоа што таквата политика доведува до поголемо американско воено присуство во регионот, што сигурно не е во интерес на Кина и нејзината желба за доминација во регионот. Тоа што ја одржува поддршката на Кина за Севернокорејскиот режим е стравот пред можното обединување на корејскиот полуостров и создавањето на унитарна корејска држава - сојузник на Америка, со што постои веројатност за стационирање на американски воени сили на самата кинеска граница, што не е во безбедносниот интерес на Кина. Затоа Кина сè уште претпочита одржување на ваквата статус-кво состојба, каде Северна Кореја игра улога на одбранбен штит на нејзината граница со земјите од источна Азија.

Друга важна промена во регионот е доаѓањето на власт на новата претседателка Парк Геун-Хаи во Јужна Кореја и нејзиниот умерен пристап кон односите со нејзиниот северен сосед. Нејзината нова доктрина на ’труст-политика’, која претпоставува градење на однос на доверба меѓу двете земји, и нејзината одлука за одделување на прашањето на хуманитарна помош од преговорите за нуклеарното оружје се чекори во вистинска насока. Сепак, ова не е никаква гаранција за успех, бидејќи сепак не можеш да воспоставиш мир без согласноста на противникот, во овој случај Северна Кореја. Многу малку е веројатно дека Северна Кореја ќе одговори позитивно на ваквиот нов пристап од страна на нејзиниот јужен сосед, бидејќи во суштината на диктаторскиот режим и неговата политика на давање приоритет на војската и воената моќ, е антагонистичкиот однос до јужниот сосед и неговите сојузници.

Ги испоставувам овие промени бидејќи сметам дека Америка треба да ги земе предвид и да се прилагоди на новонастанатата ситуација при креирањето на нејзината понатамошна политика во регионот. Продолжување со истата политика на санкции, блокади и покажување воена моќ, а притоа очекување различни резултати ми се чини тотално бесмислено.

Најпрво мислам дека не треба да им се дава преголемо внимание и значење на севернокорејските закани и треба да се даде максимум за одржување на мир во регионот, бидејќи сепак лош мир е подобар од лоша војна. Претпоставките дека севернокорејскиот режим е луд и нерационален се погрешни, бидејќи самиот факт што режимот успеал да се одржи на власт повеќе од 60 години оди во спротивност со таквите претпоставки, а и знаеме дека лидерите се спремни да донесуваат тешки одлуки, но не и самоубиствени (каква што е започнувањето на нуклеарна војна со САД). Долгорочно, сметам дека проблемот мора да биде решен помеѓу двата соседи на Корејскиот полуостров, бидејќи сепак медијаторот не може да сака договор повеќе од самите засегнати спротивставени страни. Тоа секако нема да биде лесно, но како што знаеме, неуспех се јавува секој ден додека не е постигнат успех. Главната задача на Америка е соработката со Кина околу решавање на ова прашање и обезбедување на нејзин притисок врз Северна Кореја. Решавање на ситуацијата на Корејскиот полуостров е невозможна без соработката и согласноста на Кина. Америка мора да се потруди да ѝ докаже на Кина дека таа нема да биде загрозена дури и ако дојде до обединување на двете држави и дека Америка нема да стационира свои воени сили на нејзината граница. Знаејќи за сличната таква ситуација во преговорите со Горбачов при распаѓањето на Советскиот сојуз и обединувањето на Германија, и неисполнувањето на ветувањето од страна на Америка за невклучување на Германија во НАТО и неширење на НАТО во источна Европа, веројатно Кина ќе биде скептична околу таквиот договор и Америка ќе мора да се потруди малку повеќе и биде поубедлива.

На крајот на краиштата, најлесна одлука која може да ја донесе Америка е да оди во војна. Нејзината воена сила е неприкосновена. Но, најмоќен си тогаш кога немаш потреба од користење на својата воена сила. Токму тоа и е уметноста на дипломатијата, да успееш да ја претвориш твојата моќ во консензус.

ОкоБоли главаВицФото