А да го стаиме и Туѓман кај нас?!

09.04.2013 10:40
А да го стаиме и Туѓман кај нас?!

Некни во Дневникот на ХТВ имаше прилог за идејата во Сплит да му се изгради споменик на Фрањо Туѓман, првиот претседател на самостојна Хрватска. Идејата за тој споменик е на Жељко Керум, популистичкиот градоначелник на Сплит. Како и за повеќето работи, граѓаните на Сплит се поделени околу реализацијата на идејата. Но, две нешта ми оставија впечаток во телевизискиот прилог: дури и застапниците на идејата Туѓман да добие споменик се повлекоа кога ја слушнаа цената за споменикот, која треба да се плати од градскиот буџет; а цената, имено, изнесува 800.000 куни, т.е. 100.000 евра. „Тоа е многу скапо, особено ако се плаќа од даночни пари“, коментираат приврзаниците (а не противниците!) на споменикот.

Зборувам, инаку, почитувани читатели, за најрадикалниот хрватски град, Сплит, кој многумина го сметаат како упориште на најзабеганите националистички политики (впрочем, Сплит и во времето на комунизмот се истакнуваше како најкомунистички град - белки тоа е до медитеранскиот бурен темперамент). И во таков град, под водство на еден од најисмејуваните градоначалници во овој дел од Европа, со месеци трае дебатата околу еден единствен споменик и околу неговата, за македонски услови, смешна цена од „мочани“ сто илјади евра.

Нам, на пример, вчера во Скопје ни истоварија десетици споменици од кои речиси секој е поскап од виртуелниот сплитски споменик (патем, мошне елегантен, во уметничка смисла, за разлика од мизерните груевистички споменици кои личат на „стиропорниот Рим од филмовите на Чарлтон Хестон“). Но, кај нас не само што е убиена секоја дебата околу лудачкиот проект на еден лилипутански водач со помрачен ум (заради лилипутанството и инфериорноста заправо скопските споменици имаат толкави постаменти), туку ни веста за десетици споменици во еден ден - веќе не е ни вест. (Иако, на странските новинари им е забавно. Токму еден хрватски новинар пред неколку дена во „Јутарњи лист“ егзалтирано констатираше: „Скопје би можел да се опише како смеса од Лас Вегас и Пјонгјанг, но со елементи на Халикарнас, Ашкабад и стиропорниот Рим од филмовите на Чарлтон Хестон. Тој град е полуд од најлудите замисли на туркменскиот диктатор Сапамурат Нијазов. Тој град кој стоеше пред мене беше толку надреален, што со неверување ги триев очите.“)

Кај нас, велам, вест не е ни кога се фалсификуваат избори, кога се лажира народната волја. За лажирањето на народната волја во нормални земји се прогласува вонредна состојба или граѓанска непослушност. Дури и мрачната Србија под Милошевиќ се дигна на нозе кога „вождот“ се обиде да ги фалсификува изборите на кои Ѓинѓиќ стана градоначалник на Белград. Кај нас тоа е вест за десетта страна. „Фалсификувале?! Е, доброутро, откриваш топла вода. Куче каснало човек. Иди бркај ми вест за човекот што каснал куче!“ Така размислуваат македонските уредници на медиумите. „Груевски тиранин?! Досадно, бе, луѓе, народ тоа не го интересира. Дај нешто пожестоко. На пример, Жерновски прегазил полицаец. Лежечки полицаец, ама сепак!“

Хрватска само од туризмот заработува повеќе пари отколку што е целокупниот македонски БДП. Претпоставувам дека Сплит има буџет барем колку скопскиот (Загреб има буџет десет пати поголем од скопскиот, над една милијарда евра). И покрај тоа, во една од најсиромашните европски земји, Хрватска, незамисливо е локалната или централната власт да потрошат сто илјади евра на споменик!

Кај нас, во земјата отаде зоната на самракот, такви суми не можат да стигнат ни до медумите, а камоли да предизвикаат граѓанска реакција. Кај нас тоа се бош муабети. „Смараш, бе, пријател. Ај сеа кажи нешто за фашизмот на Грујо. Бранко потрошил скоро милион евра последнава година, главно за глупости, митинзи, кафе, локум, развезуење народ. Што не се бавиш со тоа, бе, пријател?!“

А, сепак, и покрај досадата, упорен сум: само Аце Македонски на плоштад чини колку сто Туѓмани. Само Аце чини колку 130 Скендербези. Еден лав на „Гоце Делчев“ чини седум Туѓмани. Четири лава - околу триесет парчиња од хипотетичниот хрватски претседател. Музејот на ВМРО чини барем двесте Туѓмани, а театарот барем 400 Туѓмани, до сега.

Затапевме, сосема. Огуглавме. Нит на мртво плачеме нит на живо се смееме. Само се клештиме, се кривиме, се грчиме. Една пријателка, психолог, која живее во странство, прецизно ми го објасни механизмот: нашата затапеност, нашата рамнодушност е реакција на траума. Нашата реакција на теророт, изненадувачки, покажува дека всушност се браниме од насилството. Само со одлепување од реалноста едно петгодишно девојче, на пример, може да ја преживее секојдневната сексуална злоупотреба на големиот чичко. Додека било злоупотребувано девојчето - а ова е скорешен реален случај - си замислувало дека се ниша на прекрасна лулашка, додека блескаат сонцето и зеленилото. Но, проблем е што тој механизам на справување со траумата продолжува и понатаму, кога веќе не е потребен, кога опасноста ја нема - коментира мојата пријателка. Така се создава човек со траен посттрауматски синдром, мултипла личност со дисоциран идентитет...

Психолошките студии покажуваат дека и во главата на силувачот се случуваат слични инверзии. Силувачот не мисли дека силува, туку дека пружа љубов. Не мисли дека е насилен, туку дека ги задоволува обостраните потреби.

„Тупиш, бе, човече. Грујо - Хитлер, ха ха ха! Остај, супер ни е. Глеаш дека се љуљаме. Дека е добро. Дека сме откачени. Дека никој не е ко нас.“

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото