Влезот е од другата страна

10.04.2013 07:53
Влезот е од другата страна

СЀ Е ПРОДУПЧЕНО

Тука сè е продупчено
небото што го ѕиркаме низ леќите на телескопите
и папките на нашите канцелариски бироа
прозорчињата на кабините во бродовите кога патуваме
и масивните ѕидови во храмовите во кои се молиме

И ќебињата на тајните љубовници изгорени од цигара
се продупчени
и светот коj го гледаме низ прстените на предците
сеќавањата како тесто за колачиња кога ги обликуваме
метите во човечки облици на кои вежбаме пукање

сè, сè е продупчено
окцата на вратите затворени за питачите
земјата од растурените домови на мравките
бог што го бараме низ кружните отвори на куполите


ИМА ПРЕДЕЛИ

Има предели кои веќе не постојат
а во кои сè уште нè има
игралиштето каде сега има трговски центар
шарите од ѓонот на едни патики
што се резбаа во небото над него како во кал
бараките на некои наши љубови
каде сега има супермаркети
во кои навраќаме како во музеи
во кои со години ништо не е поместено
пепелникот на масата, дисковите на полицата
чашите, спуштените завеси
перниците вдлабнати од нашите глави, дините на постелнината
извалкани со светлосивите наслаги
изгребани од нашите души како инстант наградни грепки

И нашиот чекор е тих на овие места
како во библиотеките што ја чуваат
правта
и светите книги


СЕНКИ

Навечер
се отвора моето тело, бавно
како тридимензионална картонска сликовница
од која никнат
дрвја, згради, Сонце, планини, луѓе
наутро се затвора
а од мене се уште штрчат
гранки, прозорци, сенки, карпи, дланки


КАКО КОГА ДВА БРОДА

Како кога два брода ќе се сретнат
на отворено море
и патниците на палубата си мавтаат од далеку
иако не се познаваат, иако не знаат ништо еден за друг
така животот и смртта секојдневно
се разминуваат

ТОКМУ СЕГА

Сигурна сум дека токму во овој миг
низ светов се отвораат безброј врати
се отвораат шишиња стари пијалаци
зарѓани чешми, кутии со накит
се отвораат латиците на кактусите во пустините
се отвораат прозорци, заглавени фиоки
со важни документи
се отвораат весници, се отвораат душите
како чеповите од бочвите со вино
се отвораат кутии со колачи, токму сега,
во којзнае колку куќи и ресторани
се отвораат карпите, невидливо,
се оддалечуваат полека од средиштето
на океанските гребени
се отвораат запечатените хуманитарни пакети
некаде низ светов, можеби
се отвораат паричници, книги, чадори
токму во овој миг

некаде врне, некаде мора да врне
токму сега, оваа ноќ

додека ги затвораме очите, отворени
за патиштата и границите
некаде далеку во нас


ЗА ПАСВОРДОТ, ПО ЏИБРАН


Полнете си ја еден на друг чашата, но не пијте од иста чаша Давајте си еден на друг леб но не јадете од истата  погача
Пејте и играјте заедно и бидете радосни
но нека секој од вас биде и сам
како што жиците на лирата стојат одвоено
а сепак треперат со истата музика
Калил Џибран


Во една статија на интернет
прочитав дека многу љубовни парови
си ги знаат пасвордите на мејловите
дека си ги разменуваат меѓусебно како знак
на доверба и сигурност

Да бев мудрец како Џибран
а не сум
ќе додадев:

„И праќајте си еден на друг мејлови
но не делете го пасвордот
зашто и човекот и земјата се хранат едно од друго
а ја чуваат тајната за почетоците, секој својата“


ТЕШКО ДЕКА ЌЕ СЕ ИЗГУБИМЕ

Тешко дека ќе се изгубиме
познати ни се сите улички и патишта
во оваа ноќ, мазна и лизгава како црна постава
на некое здолниште кое штотуку не распукало по шевовите
Талкаме по нашите кожи
и застануваме пред испакнатите брадавици
како пред суви карпи
и ниедно чудо не н
è чека зад нив
Се молам да заскитаме, смислувам некаков
локален антинавигациски систем
А тука да скршнеме, велиш
Се молам никогаш
да не го најдеме патот


ПО МОСТОВИТЕ

По мостовите на некои градови
вљубените ја заклучуваат љубовта со катанци
и веруваат дека така ќе им трае вечно
а јас сакам нашава да биде слободна
нема да речам како птица
зашто и тие не се слободни
условени од својата глад, страв и преселби

Сакам нашата љубов да биде
лежерно извлечена цигара
во ординацијата во која има знак за забрането пушење
Непослушно дете
кое кога е само дома им отвара на непознати
Ученик кој ѕирка
во соблекувалната по физичко
Фрлена крвава влошка
во луксузните тоалети на елитните ресторани
Лушпи од сончоглед
под седиштата на кино салите

Сакам нашата љубов да биде игротека
во која децата ги кинат тапетите од небо


БОГОВИ-СКИТНИЦИ

Предлог-закон
за фаќање, третирање
обележување и пуштање
на боговите-скитници
Третманот би опфатил:
вакцинација против беснило
дехелментизација против цревни паразити
стерилизација
тридневен постоперативен третман
обележување и регистрирање
на третираните богови-скитници
На заболените богови и на оние опасни по околината
ќе им биде извршена еутаназија
со инјектирање на регистриран препарат
од меѓувселенското здружение за истребување
на богови - скитници
Останатите ќе бидат пуштени на слобода
со микрочипови на ушите
како доказ дека се стерилизирани
и дека никогаш повеќе нема да бидат опасност
по животот на граѓаните


ВЛЕЗОТ Е ОД ДРУГАТА СТРАНА
(песна што се чита од двете страни)

исчезнува
и засекогаш
ги остава прозорците ширум отворени
и остава само писменце на перницата
таа се измолкнува од креветот
Утрото потоа

на оние што додека се живи спиеле со неа
Никогаш не им се враќа

Таа, смртта, е непоправлива заводничка


Николина Андова е родена на 03.02.1978 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Пишува поезија и хаику.

Фотографии: Тајлан Сојтурк

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Активизам / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото