Прифатете го договорот

11.04.2013 07:34
Прифатете го договорот

Ако на луѓето кои - како што изгледа сега, на своја несреќа - се нашле во позиција да ја донесат пресудната одлука и така да го одврзат косовскиот јазол, би им било полесно да го направат тоа ако сите заедно и секој од нас посебно се изјасни во врска со тоа, ајде да го направиме и тоа: прифатете го договорот! И откако ќе го направите тоа, заблагодарете им се на претставниците на Европската унија на љубезната понуда и порачајте им да ви се јават повторно кога ќе ги решат своите натрупани проблеми токму онака како што тоа го направиле Белград и Приштина - зрело, разумно и без притисок.

Само под тој услов договорот помеѓу Косово и Србија ќе добие прилика да трае. Бидејќи, прифаќањето на договорот со Приштина со изговор дека со тоа ќе се стекне шанса за преговори за влез во Европската унија во почетокот го подрива и обезвреднува српско-косовскиот договор. Како што стојат работите сега, Европската унија не е во состојба да им даде какви било гаранции ниту на своите членки, а камо ли на државите кои се надеваат дека еден ден ќе станат тоа. Секоја нова криза на Европската унија ќе биде доволен повод да се побара преиспитување или поништување на договорот помеѓу Белград и Приштина. Секое изостанување на очекуваната награда ќе биде причина да се отстапи од договорот. Затоа и еден таков договор никому не може да му биде од каква било корист.

Но, пред сè, Србија и Косово треба да се договорат поради себе, а не поради Европската унија. Србија во текот на сто години убедливо демонстрираше неспособност во своите институции да ги интегрира Албанците кои живеат на Косово. И сега е време да им се извиниме на Албанците поради неуспешните интеграциски, асимилациски и протерувачки експерименти и да им предложиме да живееме мирно едни покрај други. Ако слично извинување упати и другата страна, дотолку подобро, но тоа не е пресудно. Во оваа работа мораме да бидеме себични и да мислиме само на себе, значи, на политичката заедница на која припаѓаме. Во интерес на таа заедница и секој нејзин член е Србија и Косово да се договорат, како и да го направат тоа на пристоен, значи, на цивилизиран начин. Така, меѓу другото, би потврдиле и дека навистина сме го оставиле зад себе варварскиот период од деведесеттите.

Секое спомнување на Европската унија во овој контекст само ја замаглува и расипува сликата. Косовското прашање и европските интеграции не само што немаат никаква меѓусебна врска, туку тие две работи по секоја цена мора да се држат одвоени, за секоја од нив да добие шанса да успее. Бидејќи сега зборуваме за Косово и Србија, просто треба да се каже дека договорот сам по себе е награда за Србија. И ако тој договор се постигне, тоа не е пораз, туку напротив, потврда за зрелоста. Како членови на заедница која претендира да на тоа да се однесува зрело, првиот следен чекор не треба да ни бидат преговорите со Европската унија, тоа може да чека. Првиот следен чекор е консултирање на државата, постигнување општ договор за тоа во какво општество сакаме да живееме и кои сме тоа „ние“ кои се гледаме како членови на тоа општество. Договорот со косовските Албанци би влеал надеж и во тоа дека сме во состојба да се договориме меѓу себе.

Дури потоа, ако уште има причини за тоа, можеме да размислиме за преговори со Европската унија, во која така не би влегле како деца на кои им е потребен старател, туку како рамноправен партнер кој гледа интерс во можната заедничка иднина.

Извор: pescanik.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото