Има ли демократија без дебати? (1)

11.04.2013 15:18
Има ли демократија без дебати? (1)

„Цел на аргументирањето треба да биде напредокот, а не победата“.

„…слободата на политичката дебата е суштински дел од концептот на едно демократско општество…“ (судски предмет Лингенс против Австрија)

Прикривање на насилството врз новинарите и пратеници

Новинарот треба „Да ја проверува точноста на информациите од секој извор…“ и „Будно да ги следи и храбро да ги повикува на одговорност лицата што се на власт“. – Новинарски кодекс на „Здружение на професионални новинари“

На 5 април повеќето медиуми известија за објавената Хронологија на постапката и околностите за донесување на буџетот на Република Македонија за 2013 година на веб-страницата на Собранието на Република Македонија.
Меѓутоа, само дел од новинарите ја проверија точноста на информациите во хронологијата, изготвена од страна на собраниските служби. Само дел од критичките медиуми известија дека хронологијата прикрива суштински податоци за клучни настани – насилното исфрлање на новинарите од галеријата и на опозициските пратеници од собраниската сала. На пример:

-Според Собранието, никогаш не се случило исфрлување на новинарите и пратениците?!
-(ВИДЕО) Скандалозно: Собраниските служби не го видоа исфрлањето на новинари и пратеници
-Трајко Вељановски си направил запис како било на 24 ти – немало тепање

Освен еден медиум, кој во насловот изрази блага резерва, другите медиуми не ја коментираа информацијата од собраниската хронологија:

„…имало напад на претседателот и уследило негово извлекување од салата за пленарни седници“.

Само еден медиум констатираше дека во документот е наведен:

„видео запис од обидот на Вељановски да ја започне седницата, настаните пред Собранието, но не и видео запис од моментите кога собраниските служби ги отстрануваат пратениците на опозицијата и новинарите од собраниската сала“.

Ниту еден новинар не ги повика на одговорност лицата на власт кои дозволиле објавување хронологија за околностите за донесување на буџетот, во која се прикриваат клучни околности: противуставното донесување на буџетот во отсуство на јавноста и на повеќето пратеници од опозицијата кои беа отстранети од салата со употреба на физичка сила. А токму насилното отстранување на новинарите и опозиционерите ја оневозможи демократската дебата за буџетот и ја одзема слободата на политичката дебата која е во сржта на концептот на демократско општество.

Има ли фер избори без дебати?

Слободата на политичката дебата се смета за фундаментално право во едно демократско општество. Медиумите се одговорни да создадат услови за остварување на ова основно демократско право, затоа што јавноста формира гледишта за идеите и ставовите на политичките лидери најмногу преку медиумите.

Меѓународните набљудувачи честопати го истакнуваат суштинското значење на слободата на изразување, и нејзиното активно користење, за да можат гласачите да направат „информиран избор“ на гласачкото место. И во Првичниот извештај на Набљудувачката мисија по вториот круг, беше забележано дека:

„Јавниот радиодифузен сервис одлучи да не одвои слободни термини за натпреварувачите или за одржување дебати, ограничувајќи го опсегот на информации за гласачите пред изборите“, но оваа забелешка не беше акцентирана од страна на известувачите.

Дури и кога одредени политички партии во текот на изборната кампања го покренуваа прашањето за игнорирањето на одредени политичари од страна на националните телевизии, тоа прашање беше игнорирано од страна на провладините медиуми, како, на пример, изјавата дека:

„Во текот на едномесечната кампања ниту еднаш на националните телевизии не беше пренесен дел од говор во живо од претседателот на ВМРО-Народна партија г-дин Љубчо Георгиевски, иако тој присуствуваше и имаше свои обраќања на повеќето од митинзите на Сојузот за иднината“.

Поголемиот дел од провладините медиуми константно ги игнорираа не само повиците на ТВ дуели од страна на опозициските кандидати, туку и суштественото прашање: Можеме ли да зборуваме за демократски избори без дебати кои ќе им овозможат на гласачите да направат „информиран избор“?

Острата критика на ВМРО-НП кон ВМРО-ДПМНЕ, беше пренесена само од неколку медиуми (Либертас; ПлусИнфо):

„Се плашат од директни соочувања, дебати, дуели, а единственото што знаат е политичките противници максимално да ги цензурираат и преку монтажи да ги извртуваат нивните изјави преку инсталираната медиумска контрола.“

Можеме ли да зборуваме за демократски избори, ако медиумите не ја играат улогата на „кучиња чувари“ („watchdog role of the media“) на демократијата, која е посебно заштитена од Европскиот суд за човекови права? Имено, кога станува збор за контроверзни прашања од јавен интерес, за време на политичка дебата, каде што критиката е насочена кон владата, политичарите или јавните власти, острите зборови и жестоката критика се толерираат во поголем степен од страна на судот во Стразбур (види Маковеј).

Острите зборови и жестоката критика се составен дел и од предизборните дебати кои се емитуваат во живо, па оттаму нема ништо поапсурдно од образложенијата на јавниот сервис дека дебати не се организираат „во живо за да не дојде до некој инцидент при соочувањето“. Во извештајот на Набљудувачката мисија од 25 март новинарите имаа прилика да ја прочитаат следнава информација:

„Додека МРТ 1 не организира никакви дебати, на МРТ 2 се одржаа 17 дебати помеѓу етнички албанските партии од кои мнозинството беа приклонети на ДУИ“.

За жал, освен погоренаведената сторија, воопшто не беше критички актуелизирано прашањето: „Зошто имаше дебати само на МРТ2, но не и на МРТ1?“

Имајќи предвид дека изборните дебати се прашање од врвен јавен интерес, од новинарите се очекува да бидат критични настроени кон сите медиуми кои не овозможуваат предизборни дебати и кон сите кандидати и партии кои избегнуваат дебати. За жал, прашањето за целта и смислата на дебатите почнува да се покренува дури по изборите, откако Министерството за информатичко општество и администрација се обиде да организира јавна дебата за законот за медиуми, кој воопшто не им беше достапен на медиумските работници, до денот на одржувањето на дебатата.

(Продолжува: „Дебатата“ за Законот за медиуми)

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Фотографија: ImNotQuiteJack

ОкоБоли главаВицФото