Изборите - една голема заебанција

12.04.2013 14:54
Изборите - една голема заебанција

Се скинав од смеење додека ги гледав телевизиските дебати за изборниот процес. Цело вирче мочка пуштив на дрвеното столче во една аеродромска биртија од преголеми количества бира и возбуда од ставот на интелектуално-експертската јавност која цело време тврдеше дека „изборите биле фер и демократски и дека ја покажале зрелоста на македонскиот народ и на општеството во целина“.

Не сакам да се мешам и дополнително да делам памет, но сепак не можам да издржам да не кажам дека наспроти таа „студијска еуфорија“ за зрелоста на нацијата, јас цело време сметав дека кај нас доминира зелената боја. Што е многу необично со оглед на политичката сезона односно возраста на пациентот.

Може ли да се каже дека општеството што по тешката хаварија на морален, политички и меѓународен план му ја остава земјата на Надвојводата Шарло - е зрело?

О.К., прифаќам дека јас и народот имаме различни перцепции за тоа што е зрело, а што е зелено.

Велат дека на времето за зрели се сметале зелените патлиџани, а оние што денеска ги сметаме за зрели, нашите прабаби ги сметале за скапани.

Луѓето сакаат да бидат тоа што не се. Да речеме, тревниците на Аеродром да им ги шишаат почесто од тревниците на Војводата од Кент. Македонецот обожава фонтани од шупливи камења и споменици на јунаците кои би изеле многу повеќе јагниња да знаеле дека месождерството не е јунаштво туку исплатливата инвестиција за иднината. Нашиот човек секогаш попрво ќе ја земе бесплатната карта за претставата во која ќе му кажат дека е луд отколку што е спремен да плати некој ситен денар за студената индулегнција дека е здрав.

Каква е разликата меѓу Дедо Иљо Малешевски и Љубисав Иванов Ѕинго?

Пет јагниња!

Еден улав дизниленд.

Сто милиони за земјоделците, сто милиони за новинарите, сто милиони за ороспиите, сто милиони за педерите, двеста милиони за еден бод (ако може) за македонската фудбалска репрезентација во кое било натпреварување. Тоа е кога на нашиот човек ќе му се понудат проекти. За да може тој (народот н.з.)да ја покаже својата зрелост.

Но, смектите ќе дојдат за наплата и набргу ќе видиме кој бил во право. Изборната легитимацијата на Инсталацијата е доказ дека нацијата е под хипноза и дека не е во состојба да носи рационални решенија. Како Србите за времето на Милошевиќ или Хрватите од времето кога во светлата иднина ги водеше другарот Туѓман. Изборите во таква ситуација не се доказ дека некој го смета народот за незрел туку незрелиот народ е нешто без што таква заебанција од изборите не би била можна.

Второ, човек треба добро да одглуми зрелост за да ги види овие избори како фер и демократски. И тука немам никакви амбиции да ја разбивам таа коперфилдска илузија во која решило да потоне општеството. Ќе кажам само една работа: изборите беа релативно мирен спектакл под чија површина власта од изборите направи трка на сто метри во која таа можеше да стартува од осумдесетиот метар. Финансиски, медиумски, административно, технички, психолошки, карактеролошки, ако сакате, предноста на Внатрешната контрареволуционерна инсталација беше толку голема што од фер и демократски избори немаше ниту „ф“ ниту „д“. Допрва ќе ги гледаме ефектите од таа илузија.

Опозицијата исто така беше доминирана од зелената боја. Особено зелена беше одлуката на опозициониот лидер кој на Никола му остави да прави какви сака избори, врз основа на какви сака правила итн. а дека тој со народот ќе го победел. И пред тоа со самата идеја за предвремени избори. Таа лажна супериорност која беше истресена на политичката сцена само поради тоталното отсуство на каква било друга идеја, денеска може да се измери со неподносливо големата разлика меѓу двете најголеми партии.

Конфликтот се држеше во нормала, а тоа беше ненормално за условите во Македонија. Еден ненормален конфликт не можете да го држите во рамките на нормалните разбирања и системи. Идејната разлика не се зголемуваше туку се намалуваше во текот на кампањата (референдумот, името не го даваме, достоинството ќе го вратиме итн.) по што народот, особено неопределениот народ, си рече: а зошто јас да ризикувам со овие вмровци од сдсм ако можам се да добијам од дпмнеовските вмровци. Вмровизацијата на сдсм, една примитивна и користољубива политичка ориентација, се покажа погубна.

Доктринарната точка беше најслабата точка на опозиционата ориентација заедно со кадровските решенија во еден поширок спектар. Црвенковски реши да продолжи да се бори со македонското општество како што јас се борам со мојата нива во Орешани. Како со мечка, без шанси. Само навлекуваше нови жртви на контото на својата идеја. Таа негова идеја лежи во основата на инсталацијата на Надвојводата Шарло и на неговата Организација. Уште од времето кога го уриваше Бучковски од позицијата на претседател, па до времето кога реши да ја урне и Шеќеринска. Таа кадровско политичка калакурница во изминативе шест-седум години беше исполнета со тотална идејна и доктринарна празнотија. Тој навистина ја рехабилитира партијата. Но и го удри плафонот на своите хипотеки.

Сакам на крајот уште еднаш (веќе го имам објавено) да го цитирам Звонимир Берковиќ, еден фантастичен хрватски режисер и есеист. Човекот има речено дека ХДЗ најдобро ја одразува (со мала слобода во преводот) примитивната суштина на Хрватска, нејзината тешко заостаната провинција која не се наоѓа само по запуштените села на Лика, Велебит и Динара. Тоа е Внатрешната револуционерна организација за Македонија. Не е сè така лошо во нејзината победа. Сега навистина можеме да се надеваме дека меѓу Пелистер и ЕСМ ќе никнат и преостанатите дваесет и пет триумфални капии и сто споменици. Така што ем сите врати ќе ни бидат отворени, ем ќе можеме триумфално да влегуваме и излегуваме кога ќе ни текне.

Овој текст, објавен на 07.06.2011.

П.С.

Изборите не беа фер и не беа демократски и слободни, но на фер и демократски избори Црвенковски ќе загубеше уште покатастрофално. Се разбира, не од Груевски, затоа што и тој на такви избори не би имал што да бара. Сè ми се чини дека ова е, сепак, почеток на крајот и на едниот и на другиот, со тоа што падот на Груевски ќе биде потежок со оглед на висините на кои живее, додека Црвенковски, најверојатно, ќе се определи за рецептот на Коштуница: да се трансформира во патетичен шеф кој на перифериите на македонската политичка прашума со својата одбрана дружина ја води Втората светска војна.

Кога во сдсм говорат дека изборите не биле фер, слободни и демократски, тие ја опишуваат страшната несреќа што во ликот на вмро тресна со сета сила врз Македонија. Но, тие се дел и тоа важен дел од транзициската голгота која завршува, барем на ова ниво, со триумфот на еден одвратен режим и на неговите простачки, агресивни методи. Тие се важен аспект на болеста, а не лек. Има ли таму макар еден човек што го разбира ова или да му речам на Трајкото да нареди да ги исфрлат од „Павела Шатев“. „Бихаќка“ отиде, односно тие самите ја отераа по ѓаволите. И стварно и симболички. При што лидерот им е како зелка која се труди да ја запамети својата форма додека ја сецкаат за салата.

Извор: Глобус
Цртежи: Зоран Бејковски

ОкоБоли главаВицФото