Интервју со Бранка Прпа

12.04.2013 16:13
Интервју со Бранка Прпа

Интервју со историчарката Бранка Прпа за актуелната политичка состојба во Србија, Демократската партија, Александар Вучиќ.

Светлана Лукиќ: Во „Пешчаник“ ја слушате историчарката Бранка Прпа

Бранка Прпа: Тоа што му дава идеја на движењето кон некаква иднина, без разлика колку самото тоа е фикција, е таканаречениот фамозен датум. Значи, заради некоја причина тој датум стана една месијанска категорија и оној кој ќе го достигне, всушност ќе биде устоличен како месија во Србија. Додуша, не се знае зошто и што е тоа што всушност ќе се добие со тоа.

Светлана Лукиќ: Луѓето кои сметаат дека тој датум е многу важен, обично велат дека е важен затоа што тоа се некакви рубикони кои ги поминувате и потоа тој процес е иреверзибилен. Наводно, со датумот имаме гаранција дека Србија е неповратно на тој долг пат кон ЕУ.

Бранка Прпа: Видете, историјата има една мистична категорија која е производ на хуманизмот, односно хуманистичкиот идеал. А тоа е дека човекот и човечкото општество непрекинато се движат кон подоброто и посовршеното. Така што таа мистична категорија на прогресот кон општеството на среќни луѓе или идеалната држава на Платон е отелотворена во ЕУ, а тоа, се разбира, е чиста лага, но звучи добро. И тогаш, замената на тезата дека прогресот во хуманистичкото сфаќање на тој поим со политичкиот концепт на ЕУ е просто отелотворен во еден идеал кој треба да се достигне сега. Ако тој не се достигне тоа значи дека тој есхатон го нема и дека патот во рајот не ни е овозможен.

Со други зборови, ние се наоѓаме во оној деветти круг на пеколот, со таблата „оставете ја секоја надеж кога влегувате“. Тоа е и страв од самотија, што е нормално, страв од изолација во глобалниот свет, што е нормално, но тоа повторно е отсуство на многу разумно соочување со тоа што се перспективите на Србија. Дури и да се достигне тој мистичен идеал, односно Србија да влезе во ЕУ, особено сега, затоа што она на што наликува ЕУ е далеку од тој прокламиран политички идеал. Значи, ти не си способен сам да се соочиш со тие проблеми што ги имаш во сопствената куќа, не си способен себеси да се прогласиш за одговорен за таа состојба, според тоа не си полнолетен, ти треба лидер. Ти треба некој кој ќе ги направи тие работи за тебе, затоа што, всушност ти си неспособен за да ја преземеш одговорноста. Тоа е оној вид на бегство на неполнолетните држави и нации во прегратката на ЕУ, затоа што самите тие ги немаат капацитетите за да се соочат со сопствените проблеми. Тоа е еднакво на онаа политичко-социјална теорија за општествениот скок, како што од аграрното општество влета во капитализам, па потоа во комунизам, а притоа еволутивно не си стигнал до тој развоен степен. Сега ќе потскокнеш, ќе скокаш и ќе влезеш во системите на развиените нации и држави, кои го имаат тоа во својата политичка и државна традиција, најмалку во последните 200 години. Според тоа, работата е многу комплицирана.

Станува покомплицирана со тоа што елитите повеќе немаат способност креативно да одговорат на предизвиците на времето. Потоа, целата таа приказна, која всушност стои во позадина за светлата идеја за иднината на прогресот како хуманистички идеал, е сведена на една политичка флоскула, но од дневен вид. Значи, немам друга политичка содржина, јас немам за што друго да зборувам, зборувам за датум, а не сакам да зборувам за тоа во каква состојба е економијата, дека е ова земја која има 700 илјади невработени на 7 милиони жители, дека оваа земја има милион луѓе кои се на границата на сиромаштијата, дека оваа земја во демографска смисла во поглед на староста на населението е четврта на планетата и има вкупно 13 проценти млади луѓе. Значи тоа е една предизвикувачка проблемска целина и мора да бидете капацитирани за да се соочите со неа, а уште повеќе за да се обидете да го решите тоа на кој било начин, односно да започнете со решавањето. Но, затоа што нема кој, тие тапкаат во место, а затоа што сите се свесни за тоа, значи таа ситуација не ја создала несолвентноста, не, сите се свесни за тоа. Свеста за тоа и неможноста да се излезе од калта создава безнадежност.

Тоа што ги карактеризира нив во однос на владеачката елита во западна Европа е тоа што тие ја дефинираат сопствената положба како положба на власт и моќ. Идејата за моќта и власта многу брзо ги разболува сите кои ќе се најдат на таа положба. Поединците кои многу брзо се истакнуваат во хиерархијата на власта и моќта добиваат месијанска порака да се качат на некоја планина и директно да комуницираат со Бога. Влегуваат во една ирационална приказна во која се доживуваат себеси како месија, како поединци кои ќе направат нешто револуционерно и радикално на начин со кој тоа подобрување како да доаѓа од нивните лични способности и божествени атрибути. Од Милошевиќ па натаму, имате цела серија на претседатели кои влегоа во месијанската фаза. Во еден момент почнаа да се однесуваат како полу-луѓе, како хибридни луѓе, половина со божествена природа, а половина со човечка. Всушност, тоа е една состојба на лудило. Според тоа, таа позиција го чини недопирлив човекот на власт, односно секојдневно почнува од него да прави лажго. Мораш да лажеш за сите ние да ти поверуваме дека ти си таков каков што се претставуваш. Според тоа, таа состојба на илузија, чудата што ги изведуваш како лидер и месија, е краткотрајна и вообичаено го води целиот народ и државата во трагедија.

Многу се ретки поединците во политиката кои се однесуваат како нормални луѓе. Тоа кај нас некако слабо поминува, тоа поле на разумот, тоа што ти го зборува реалноста се обидуваш да го фалсификуваш за да се одржиш себеси на тоа место и илузијата да трае понатаму. Мораш да го искористиш целокупниот човечки потенцијал на една земја, значи нејзините најкреативни луѓе, нејзините најстручни лица, сите со кои можеш и не можеш, за еден таков проект да добие легитимација за иднината и за да може една таква Србија, со потполно поинакви претпоставки, да влезе во ЕУ. Знаете, ние имаме една фикција за државата и нејзините институции кои наводно работат, тоа се Потемкинови села. На чело на тие институции имаме дилетанти кои е срамно да ги слушаме. Белградските деца би рекле „срам ми е од твоето бламирање“, вам ви е срам, а нив не. Всушност, тоа е аберацијата која ја донесува партиската држава, затоа што партиската држава е фикција на државата, според тоа вие од својата партија прво добивате налог што треба да правите и потоа го спроведувате тоа. Тоа се детски болести, тоа е нешто што, ако сакате сериозна држава, морате веднаш да го преболите, веднаш. Кога ќе се ослободиме од тоа можеби ќе имаме шанси нешто да направиме.

Од позиција на моментално најмоќната партија и нејзиниот претседател, значи Александар Вучиќ, во изминатите шест месеци видовме политичка практика на дифамација на сите политички актери, вклучувајќи ги и оние со кои е во коалиција на власт. Ако никој не чини, дали тоа значи дека сакате да владеете сами? Се плашам дека како одговор на тоа прашање решението се наметнува само по себе, еден народ, една партија и еден лидер. Се разбира, тоа е самоубиствена концепција, но мислам дека на неа се работи сериозно. Тоа што е проблем е фактот дека сите кои се на власт се компромитирани, но Александар Вучиќ заборава дека и тој е компромитиран, додуша во малку подалечното минато. Тој не е човек кој нема политичка биографија во владеењето, знаеме како изгледаше тоа.

Суштината се состои во тоа што кај граѓаните се создава еден вид безнадежност, затоа што сите кои се на власт се компромитирани, но буквално сите, како и тоа што немате политичка групација за која можете да речете „еве ова е политичката опција во која верувам“. Како да веруваш кога сите се превртливи и беа во сите можни и невозможни коалиции. Таа разновидност на пактирањето резултираше со губење на политичките концепции. Политички веќе не знаете што се тие, затоа што сите зборуваат исто и всушност сите се исти. Тогаш имате медиумска сцена која ги следи сите тие случувања и личности на начин со кој гради култ. Тоа моментално се случува со Александар Вучиќ, некои медиуми сериозно работат на тоа. Тие се движат кон тоталитарен систем, кон еднопартиска држава. Па, еве тој менуваше во министерството за земјоделство како воен министер, онака најнормално. И притоа, ќе излезеше на јавниот сервис и ќе обелоденеше кој ќе биде сменет. Пред сè, тоа не е негов ресор, дали ти како воен министер можеш да создаваш паракомисии кои ќе истражуваат политички убиства, па не можеш, тоа е прашање на процедури и закони. Законите се тие според кои тие треба да работат, а ако ти не го правиш тоа, не можеш истото да го очекуваш ниту од своите граѓани, дека ќе го почитуваат законот. Тогаш, тоа е целосна анархија.

Состојбата во која во овој момент се наоѓа оваа држава е таква што тој проблематизира сè, поставил венец, не поставил венец, а какво минато има. Тој има тешко минато, тоа е тежок товар и тоа не е мала работа, да се разбереме. Но, прво и основно што ме интересира мене како граѓанин е дали ти го злоупотребуваш своето место или не. И на крајот, во медиумите сосема се пропушта начинот со кој се справува со работите. Па видете, веројатно постои обвинителство, нема зошто тој да обелоденува кој ќе биде или нема да биде уапсен. Тоа не може да се прави. Според тоа, тие нешта треба да се идентификуваат, дали ти можеш да менуваш во министерството за земјоделство или не можеш.

Светлана Лукиќ: Но тие се повикуваат токму на тоа што го рековте вие, тоа е мојот кадар, јас го поставив за шеф на партијата...

Бранка Прпа: Тогаш тоа е партиска држава, тоа не е држава, затоа што државата има свои процедури. Партијата не може да биде над законот, точка и тоа е правило број еден. Тоа се крши толку очигледно и никој не реагира. Јас не знам дали во меѓувреме новинарите станаа толку страшно необразовани, па воопшто не разбираат што е држава, што е поделба на власта и што се законите. Што е тоа што ја сочинува медиумската сцена кога тие не можат да ги идентификуваат политичките феномени и да ги проблематизираат, тогаш каква е нивната должност? Затоа тие треба да бидат во функција на граѓаните и како што би се рекло, тие треба да бидат последната одбрана на демократијата. Имате систем на поврзани садови. Имате власт која не знам дали разбира целосно, но еве, Вучиќ е правник, па не е дека не разбира кои се неговите ингеренции, компетенции и на кој начин се руши државата и нејзините институции. Па така и ја сруши државата и нејзините институции, токму ти ги сруши со чинот на политички волунтаризам.

Во системот на споени садови имаме медиумска сцена која влегува во некаков вид шпанска, индиска, турска серија и нè известува за сè, од пештерата од која излегува Али Баба како визија за иднината на Србија или се занимава со дневни работи како што тоа го прават евтините весници, што си облекол, што си јадел. Сакаат да ме убијат, не сакаат да ме убијат, тоа е содржината на весниците што ги читаме, односно веќе и не ги читаме.

Мислам дека токму таа јавна бламажа која се случи со личноста која во суштина е на врвот во Демократската партија, всушност зборува за степенот на нивната дезориентираност или оперативно сфаќање на партиската политика. Воопшто не е битно дали сте умни или глупави, образовани или необразовани, вие ќе седите тука и ќе ги извршувате наредбите. И кога ќе ви се каже да го направите тоа, тоа и тоа, вие едноставно ќе го направите истото. До таму стигна ДП и тоа бара една навистина сериозна проблематизација која пред сè ќе ја има предвид политичката практика, во какви аберации влегоа како политичка групација додека се на власт. Кога идејата за прагматизмот ја доведоа до тие трагикомични сцени, тоа е просто една целосна девастација на идејата за политиката и воопшто вршењето на власта, односно сервисирањето на граѓаните. Што е тоа? Затоа ти веројатно треба да ги избереш најдобрите од твоите редови, а не најлошите, за да би биле стопроцентно послушни или да немаат сопствено мислење. Всушност, ти ја уништи партијата, а тоа ѝ се случи на ДП со Борис Тадиќ и неговата котерија. Тој ги елиминираше сите од ДП, она најстарото, она што вредеше и од нив се ослободуваше со голема брзина. Нивните редови ги пополнуваше со членство кое влегуваше во партијата заради користољубие, а не заради политичкиот идеал.

Сега како практика во оваа земја го имаме истото тоа што го имавме и во комунизмот, а тоа е дека ако си член на партијата ќе добиеш работа, ако не си член нема да добиеш работа и ќе бидеш сомнителен. Ние стигнавме дотаму, до тоталитарниот модел во кој партиската припадност ја одредува твојата иднина.

Да се вратам на почетокот, тоа е тој месијанизам што ги обзема сите нив, страшно расипување на луѓето кои се на власт. Тоа е голем предизвик за нивниот морал и етичките системи и никој од нив тоа не го совладал. Стануваат лоши луѓе кога се на власт, пред тоа не беа толку лоши, а потоа одеднаш станаа многу лоши луѓе. Нарцис со толкави размери е непристоен човек. Веројатно би биле помалку нарцисоидни кога би сфатиле колку луѓе им се смеат, но ете, тоа е она што се случи и со ДП и со другите партии. Имаме едно исто заболување кое доби колективни димензии и има колективен образец. Тоа е ужасно и загрижувачки. Човекот е капацитиран да поднесува несреќа до извесен степен. Кога тоа ќе стане премногу страшно, човечкиот мозок едноставно ќе блокира, ќе повлече граница. Не треба да се заборави дека оваа состојба на прекапацитираност со несреќа трае преку 20 години во континуитет, тука веќе нема простор за емпатија.

Ситуацијата во светот е загрижувачка во секој поглед, а тоа ја чини овдешната ситуација уште полоша, затоа што во времето на Милошевиќ целиот свет функционираше добро и складно, а потоа и сите ние кои се обидувавме да ја елиминираме таа политика од нашите животи и нашата иднина со борба, знаевме дека имаме некаков контекст во кој луѓето живеат нормално, имаат нормална етика, естетика, морал, култура на живеење, што и да е. Тоа беше еден од многу сериозните стимуланси за да се борите со цел да излезете од тој егзистенцијален страв и ужас со кој сте се соочувале на дневно ниво. Сега го нема ниту тоа, така што безнадежноста е во слободниот простор, нема лимит, но тоа секогаш е предизвик за човекот. Човекот немаше да биде најуспешниот облик на живот на планетата доколку не наоѓаше одговори на сите предизвици. Тоа не мора да нè попречува толку многу за да седнеме и да кажеме „по ѓаволите, од ова не може да се излезе“.

Еден модел доживеа крај, а тоа не сака да го признае никој. Една политичка, економска и цивилизациска концепција го доживеа својот крај и мора да се редефинира. Самата ЕУ е во крах, а тоа не значи дека во тој мрак нема светлост, темнината не може да ја проголта светлоста. Запали едно чкорче и ќе ја разбиеш темнината, како што пишува во Библијата во евангелието по Јован, „светлото свети во темнината, темнината не го обвива“. Но, за да може светлото да свети во темнината морате да имате луѓе, интелектуалци кои ќе го дефинираат тоа што отсекогаш го правеа европските интелектуалци, а тоа е поимот на вистината, правдата и слободата.

Извор: http://pescanik.net/

 

Слични содржини

Општество / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото