Мојот херој, Сервет

17.04.2013 09:55
Мојот херој, Сервет

“На институтот Кири, една од најпрестижните дестинации на секој физичар, се почувствував празен. Убиен од изгубената верба, продолжив по принцип на инерција, што мојата душа го отфрли...“ Го читам ова и си помислувам колку умни луѓе сè уште чмаат во Македонија и никој за нив не ни чул, ниту го интересира. Помислувам и на тие за кои се чуло – ама извртено, па сега што и да кажат става сенка дури и на нивниот најгенијален изречен збор. Најдобро знаеме да се потсмеваме, да се мајтапиме, да линчуваме луѓе, за она малку чисто што остана – никогаш веќе да не се осмели да дигне глава, оти гледа што го чека. Но никогаш, никогаш нема да дојдеме до оној момент на сечење на инерцијата, оти душата ни вели друго, како Ернесто Сабато!

Главен лик во мојата приказна не е Сабато, ниту интелектуалецот, туку е Сервет. Кога во Скопје се доселивме назад од Холандија тоалетот ни беше во очајна состојба и за негово санирање побаравме помош од еден пријател. Како што бива, тој тазе си беше изградил куќа, па ги знае сите шеми, се надевавме. „Сервет“, нè посоветува пријателот, „само тој“. Му се јавив на Сервет и му објаснив каде живеам. Тој дојде за неполн половина час пред врата. Во одело, мал, полн, насмеан, како од цртан филм, ми вели: кај е проблемот `госпожа`? Му подавам рака и му велам – Ноли. А тој ме подгледнува чудно, кај бивало тој со Госпожа да се ракува? Но ја префрли торбата и ми подаде рака – Сервет, рече, специјалист за водовод и канализација! А сега кај е проблемот – рече, да го решиме, оти ме чека работа. Влезе, го лоцира проблемот, се договоривме многу лесно; замина, за по два дена да се врати и да си ја зврши работата одлично. Тоа беше моето прво искуство со еден мајстор од збор, а за мојот сопруг доселен во Македонија – изненадувачко прво и позитивно искуство.

Не помина ни пола година, од градење нови куќи, згради, од трупање неплански зданија на места непредвидени за толкави монструозни живеалишта – се запуши канализацијата повторно! Сервет! Не знам друг. Еве го на врата, како лекар со торбата. Влезе внатре, излезе надвор. Ги засука пантолоните и ракавите, одвитка сајлата, ја легна голата глава до шахтата, небаре лекар слуша отчукување срце на пациент. Гледав со колку концентрација, посветеност и извежбани движења ја извршуваше сложената операција на одглавување канализација. Во исто време ми беше и непријатно, но и се восхитував на неговата предаденост во една ваква, за сите останати, гнасна работа. Тој кратко го фати мојот поглед, но продолжи ревносно да ја врти сајлата, велејќи ми – Пушти вода госпожа, да видиме али ќе пробие!? Проби и потече креч и камен, таложен со години. Не издржав и му велам – Не ти е тешко вака секој ден по туѓи шахти и смрдеа да работиш? Не – ми одговори, ништо не ми е тешко, ова најдобро го знам, а и не се предавам дур не видам млаз чиста вода да се ослободи , тој млаз вода ме прави среќен и корисен. Има ли поубаво од тоа? Но видов еден мрачен облак врз неговиот поглед и го прашав: Како заработуваш? А тој – од мене зависи, колку повеќе одзатнувања толку повеќе затнувања - и се насмеа слатко сосе облакот и дообјасни - го чистам туѓиот измет заглавен во цевките, за да можам да ги затнам сопствените дупки во џебовите. Каква метафора од еден обичен човек! Го понудив со сок, прифати, но одби јадење. Ми рече – си имам проблеми, госпожа, фала, брзам!

Следниот пат, во едниот тоалет не тече вода од чешмата – се нафатил бигор, насекаде се зацементирал, небаре ја следи модата од скопскиот плоштад. Го барам Сервет чиј глас овојпат беше со грутка во грло. МИ вели - одам до тоа социјалното во Влае, ама редови има, па ќе закаснам, но ќе дојдам. Дојде, го отвори бојлерот и почна да го чисти бигорот од кој можеше цела биста да си извајам во двор. Чистејќи го ми раскажуваше за болниот и неподвижен син и за маките што ги има, за лековите кои мора да ги купува, а чинат колку едноминутен хонорар на еден безимен вајар од СКП 2014. Не заплака, се држеше машки. Додека му се стегаше грлото, бигорот паѓаше во кофата, небаре се тоа неговите скаменети солзи, чувани и криени со години. Ја заврши работата кога наеднаш шикна вода од чешмата, како тазе извор. Ме погледна со насмевка. Вода прскаше на сите страни. Гледаше во млазот со олеснување, како тој да ја испра сета наталожена тешкотија збирана наназад. Колку ќе ми дадеш – толку - ми рече. Никакви пари не можеа да ја намалат ниту неговата, ниту мојата болка. Сервет и јас имавме нешто заедничко – исто нè болеа работите, колку и да бевме различни.

Доаѓа Сервет сигурно на два-три месеци и крпи различни нешта, разговараме за синот, за немањето социјална помош, за нехуманоста на општеството. Но тој знае и да ме насмее до солзи. Ми вели – одам кај една госпожа многу често, но никако да го лоцираме проблемот со канализацијата. Госпожата вози лимузина, богата е, има скапа и нова куќа и фустани, со добро изведена канализација, која често се затнува. После неколку доаѓања доживеав шок откако извадив две кеси улошки. Ѝ велам – за нив има канта, тие не се фрлаат во шоља. А таа мене – Их, не сум знаела? Ноли - ми рече -и тогаш прв пат ми го изговори името со почит, како најдобар и најверен пријател да му бев - некои жени никогаш нема да бидат госпожи – мене од такви многу повеќе ми се слошува одошто од канализациската реа и од бигорите.

Сервет не се срами од работата. Сервет се срами од лажните слики на госпожите, чистејќи ја нивната глупост од цевките, која нема споредба со ниедна смрдеа. Сервет има голема мака која си ја носи како торбата со алатот и сајлата префрлена на рамо. Тој оди секое утро рано на работа и го олеснува течението на запушените водни и изметни цевки во Скопје, за кои тој вели дека се срцето и крвотокот на градот. И сè додека сè си тече како што треба, ние не забележуваме дека тие постојат. Се одминуваат секое утро со мојот сопруг на велосипеди и се отпоздравуваат како добри пријатели. Без Сервет ни најбогатиот ни најсиромавиот не може да ги одзатне сопствените канализациски артерии. Тој е мајсторот-лекар кој ја превенира експлозијата на канализицискиот браон состав по нашите куќи и улици. Тој ни овозможува да ги ослободиме нашите тоалетни шољи и нашите канализациски цевки, што ни дава инстант олеснување од вакви акутни грижи. Тој тоа го прави предадено, професионално и без помпа. Но сигурно не – по инерција. Насмевката при секој млаз надојдена вода јасно го кажува тоа. Сервет не е мој пријател. Сервет е еден од моите херои.

Слики: Adhika Rahmani

ОкоБоли главаВицФото