Рушење на „Скопје 2014“: бајковита слика на слободата

17.04.2013 13:50
Рушење на „Скопје 2014“: бајковита слика на слободата

Додека ечат плотуните во слава на триумфот на бесчестието, во третиот чин од пучистичкото лажирање на изборните резултати, низ чаршијата се прошири паничен глас на грижа за судбината на „Скопје 2014“, ако режимот (сепак) ја загуби општината Центар. Оваа загрижена мисла сака да ги завее и препокрие свежите слики за отвореното државно-полициско лажирање на изборите, непобитните докази дека Македонија стана арпаџик-држава – балканска варијанта на некогашните централно-американски банана-држави – во која владее партиско-полициска хунта. Тоа дека после 62 години слобода Македонија е повторно окупирана, и дека на Македонците повторно им се одземаат слободата и виделината, стана неважно во споредба со грижата што ќе се случи ако некој невнимателен од ослободената општина Центар намисли да „гребне“ по обожаваните идоли од „2014“. Оваа лицемерна грижа се потпира на митот за домаќинскиот инстинкт на Македонците, кој наводно на библискиот народ не му дозволувал да руши нешто изградено со негови пари или, не дај боже, да плаќа дополнителни пари за радикални рушителски решенија, и уште куп други глупоштии и лаги.

Задоцнетата грижа за народното расположение е повеќе од очигледна манипулација на режимот кој води специјална војна со сопствениот народ, лицемерна лага која сака да го маскира фактот дека за време на градењето на „проектот“ народот не беше прашан ниту за една од илјадите идиотски одлуки со кои се крадеа народните пари, се уништуваше поредокот и се девастираше животниот простор. Јасно е и дека оваа грижа за судбината на „проектот“ е, всушност, подол обид во јавноста да се оправдаат сите противуставни и криминални средства кои режимот ги употребува за лажирање на изборни резултати. Во пакет со алибито за државниот криминал, оваа грижа цели и да ја легализира споменичната дивоградба, зошто ја префрлува одговорноста од злосторникот кон оној што треба да го санкционира злосторот. Окупаторите на македонската демократија кои крадеа и градеа споменици на сопственото лудило, не прашаа никого и не се замислија ни секунда, но сега – кога се појави стравот за судбината на нивните маузолеи - сега е моментот да се прашува народот и да се делува „домаќински“.

Митската лага за постоење некаков домаќински менталитет – со кој сме биле особено обдарени! - исто така го навредува здравиот разум. Да имаше грам домаќинска интуиција овој народ немаше упорно да им ја доверува својата судбина на неопитни и неодговорни повторувачи и немаше да молчи кога се отуѓуваа народните милијарди евра и арогантно се трошеа на безвреден и фашисоиден кич. Навистина е перверзно некој денес да се повикува на „славниот и пословичен“ македонски домаќински инстинкт, денес, по седум години најнедомаќинско трошење, растурање и крадење на македонските државни и природни ресурси, културно и интелектуално богатство, денес да се повика на домаќинска мисла, дури кога злосторниците ги зајаде паничната помисла дека споменикот на нивниот злостор (можеби) нема да трае 1000 години?

Инверзно изопачена е и тезата дека „требало да се гради, а не да се руши“, зашто оваа малоумна (и толку повторувана) парола не прави никаква разлика во природата на она што се гради и на она што се руши. Оваа евтина демагошка парола за задоволување на умносиромашните, ги укинува сите квалитативни етички и естетички разлики во стварноста, ги укинува разликите помеѓу убавото и грдото, доброто и лошото, злочинот и казната. Конечно, токму проектот „Скопје 2014“ е иманентно рушителски: тој го сруши доброто и убавото во центарот на Скопје, го сруши уставниот поредок, законите, културните и естетичките стандарди, ја урна архитектурата на главните градски плоштади, ги уништи кејовите, ја урна гордоста и достоинството на целата нација и држава, претворајќи нè во предмет на потсмев и гадење на целиот свет. Затоа рушењето на рушителскиот „проект Скопје 2014“, почитувани читатели, е укинување на чинот на нашето културно, цивилизациско и демократско самоукинување, тоа е негација на негацијата, тоа е афирмација на нашето општествено ослободување.

Мистичната магла од незнаење, која од почеток го обвиткува „Скопје 2014“, веројатно ја изроди и лагата за тоа дека рушењето ќе чинело колку и градењето. Далеку од тоа. Ако „Скопје 2014“ го чинеше народот половина милијарда евра, вистинскиот градежен трошок не преминува 50 милиони евра, а останатото е украдено и инвестирано во благосостојбата на гангстерската камарила која го одржува партиско-полицискиот режим на ДПМНЕ. Уметничката вредност на „проектот“ е, како што веќе напишав, колку „еден товар коњски гомна“, а неговата вредност во правниот промет е 0 евра, бидејќи се работи за бесправна градба, која според законот може да има само една судбина – да се отстрани и евакуира од градот како градежен шут. Вредноста на оваа операција (отстранувањето на сите згради и споменици од „Скопје 2014“) нема да биде поголема од 10 милиони евра и, повторно според законот, оди на сметка на извршителот на злосторот, што значи дека ќе биде платено од запленетите тајни фондови на ДПМНЕ кои се полнеа преку партиско-тендерските откраднувања од државниот буџет. Народот, за жал, и во овој случај ќе ја плати сметката, но таа изнесува еднократни 2% од целата украдена сума, што е помалку од годишните трошоци за одржување на овие споменици на злото. Ако се пресмета колку зијан носат овие споменици на македонската пропаст и безнадеж, само во губењето на перспективите и одливот на македонската младост и иднина од земјата, рушењето на „Скопје 2014“ ќе биде најисплатливата инвестиција во поновата историја.

Но, најважното што треба да се знае за овој „проект“ е одговорот на прашањето: што е всушност „Скопје 2014“ и што овој монструозен споменичен комплекс воопшто слави? Знае ли некој? Еве, јас: зад колонадите јонски столбови, зад Александар и татко му, зад хаосот од стотиците други ликови од историјата на Балканот, стои еден единствен лик – премиерот Груевски, нивниот архитект, скулптор и татко, но и вистинскиот модел кого „уметниците“ го портретирале во секој од експонатите на оваа изложба на авторитаристичкиот кич. Ликот на Груевски трансцендира над појавното во секој детаљ од „Скопје 2014“, па единствената функција на оваа наша културна Треблинка е да ја слави диктаторската моќ и волја на својот творец. „Скопје 2014“ е изградено со злостор, со суспензија на Собранието и Уставот на РМ, што значи дека тоа е споменик на рушењето на уставниот поредок во Македонија, споменик кој ја слави смртта на македонското слободно општество, демократија и култура.

Слепата одлучност на нашиот фирер да го реализира „Скопје 2014“ по секоја цена и неговата детерминираност да ја жртвува судбината на земјата (како со последнава злоупотреба на судско-полицискиот апарат во лажирањето на локалните избори), го прави нашиот диктатор трагично сличен со неговиот германски урнек. Вистинскиот фирер ги збунуваше и соработниците со слепата посветеност кон неговите архитектонски и скулпторски проекти, од чија реализација не се откажуваше до самиот крај на војната, додека германските градови гореа во урнатини, а народот тонеше во гибел, глад и понижување. Од овој патолошки нарцизам на диктаторите произлегува и нивната апсолутна идентификација со спомениците кои ги градат во сопствена слава; оттаму и нивната решителност да ги жртвуваат своите народи за едно купче бронза и бетон. Затоа е логично, кога народите се ослободуваат од своите луди диктатори, во момент на ослободувачка катарза да ги срушат спомениците на нивната несреќа. Рушењето на „Скопје 2014“ затоа ќе биде единственото логично историско, правно, етичко и естетичко исходиште на процесот на ослободувањето на Македонија од диктатурата на Груевски.

Се разбира, тукушто ослободената општина Центар (доколку хунтата не организира толку кругови на прегласување колку што е потребно граѓаните на Центар да се иселат во Хондурас, а во општината да останат да гласаат само „гласачите“ од Пустец) нема да направи ништо од горното, бидејќи „Скопје 2014“ е државен, а не општински проблем. Општината ќе може само да прекине да биде извршна маша во понатамошното противуставно дивеење на режимот на ДПМНЕ, и секако, ќе може да ги стави вон закон мрачните одлуки кои во минатото самата ги донесуваше под диктат на режимот. Пред целосно да се ослободиме од окупацијата на партиско-полициската хунта на Груевски, сликите од рушењето на „Скопје 2014“ ќе бидат визии на сонуваната слобода.

Слободата, почитувани читатели, ќе ја препознаете кога еден ден ќе се разбудите и ќе го здогледате скопскиот центар исчистен и измиен од спомениците на диктатурата. Сè додека ги гледате тие грдотии простачки распослани по центарот на престолнината, знајте дека не сте слободни граѓани. Сè додека рушењето на спомениците на неслободата го сметате за радикално и опасно, а не нивното неуставно подигање, знајте дека мижите уплашено и во сопствените мисли. И ако не ја сонувате бајковитата слика за рушењето на „Скопје 2014“ и ако не се побуните за да си ја вратите слободата, вратете се на доспивање и одбегнувајте го будењето, зашто, да парафразирам еден голем државник, кога заспаните народи ќе се разбудат, се будат како робови.

Сликa:
-Giovanni Benedetto Castiglione (Il Grechetto), Samson Destroying the Temple of the Philistines, 17th century

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото