Конески: Кажувања (1)

15.10.2009 10:45
prva_chetvrtok.jpg

Почитувани читатели,

Оваа книга е настаната од една друга, од книгата „Разговори со Конески”, што беше објавена во 1991 година. Блаже Конески почина во 1993 година и тогаш сите разговори со него завршија, како и сите негови посегања по нови творечки возбуди, размисли и резултати. Се затвори кругот на едно големо, разновидно, прелестно и дејствено творештво. Но, радосен факт е дека тоа творештво не останува само во историјата, туку претставува жив двигател во нашата сегашнина во разни области - во науката за јазикот, во закрепнувањето на нашето духовно самочувство, во поезијата „што ја брише прашината од зборовите”, и така натаму.

Идејата за едно вакво издание воопшто не е самоцелна. Во „Разговорите со Конески” ни застануваат на дофат на нашиот ум и на нашата душевност низа факти, ликови, предели, настани, емотивни бранувања и неоспорни творечки искуства и човечки вистини. Може да се констатира дека она што било животен пат и изворна творечка мисла на Конески, ја предизвикува не само нашата љубопитност, ами ја раскрилува нашата гордост, дека нашата средина дала една таква величествена личност во уметноста и науката, призната и во светот, а со која се храни нашето самочувство, дека, пребродувајќи еден период на почетоци во сите области, излегуваме од темната анонимност, за да го дишеме заедно воздухот со другите понапреднати народи.

Треба веднаш да се каже, ова издание не е сè за Конески и од Конески. Тој има напишано, во разни области, многу. Па затоа за него имаат говорено и пишувано многумина. Затоа за него има и цели книги. Ова, во разговорите со него, се сеќавања, мисли, искази за спомени и стојалишта фатени во еден неврзан, не толку строго насочен разговор. Но, тие се доволно податливи за човек да научи многу нешта за животот и творештвото на овој наш великан и евентуално да предизвикаат интерес кон неговите дела, за да се почувствува задоволството од едно исклучително творештво, од една страна. А од друга, со помош на таа Блажева остроумна мисла, да се разјаснуваат нештата и во нашето секојдневие. Овде се извлечени само дел од кажувањата на Конески, она што можеше да влезе во една скратена верзија, а да биде претставен доста важен дел дел од животните и творечките негови преокупации. Со дополнителното додавање на наслови, избегнати се прашањата од водителот на разговорот и секоја тема заличува на една минијатурна беседа. Читателите треба да знаат дека сето ова е говорено, поттикнато со прашања и потпрашања. Но, сè е говорено во еден здив, па ти се чини сè е толку лесно кажано, јасно кажано и убаво кажано.

Оние што ја прочитале книгата „Разговори со Конески” искажуваат големо задоволство. Да веруваме дека и оние млади читатели, кога ќе се внесат во страниците што следуваат, ќе се почувствуваат побогати од возбудливиот допир со вдахновената, сочната и јасната мисла на Блаже Конески.

Цане Андреевски

 


За детството

Јас имам еден добар ориентир кога се работи за детството. До седмата година сум живеел на село, во Небрегово, а од седмата во Прилеп. Имам доста впечатоци, сеќавања... На пример, се сеќавам за Коледе или за Василица. Татко ми ме носи сред село. Уште не е разденето. Зима. Уште е ноќ. Распален силен оган. Татко ми ме држи за рацете. Тоа се сеќавам. А, се сеќавам, да речеме, и за тоа - како мојата стрина Вета, за која јас заправо бев многу приврзан, повеќе отколку за мајка ми, таа всушност и ме одгледа, ме носи, исто зиме, на рекчето да го поиме коњот. Јас сум качен на коњот. Се сеќавам како таа го крши мразот, коњот пие вода. Се сеќавам на кучињата. Имавме овчарски пци, Мурџо и Шаро. И сега можам да ги замислам какви беа... За нашиот овчар Трајко, за овците, коњите, воловите. За тоа, како се враќаа прасињата навечер од пасење и трчаа на коритцето да јадат помија...

... Инаку, од оваа претшколска возраст имам едно интересно сеќавање, малку проткаено со хумор. Имаше свадба во селото. Малку подалеку од нашата куќа. Во нашето село куќите се на два ката, приземје и кат. И ги имаат оние, нели, примитивни балкони. Ние „балкани” ги викавме. Јас, таму на балконот качен гледам, и ми се чини дека сватовите влегуваат низ баџа. И самиот си се смеам - како тоа сега, како тоа може да станува... А после тоа си го објаснив, по цел ред години понатаму, како последица на мојата кратковидост. Јас сум изразито кратковид и веројатно тоа било некоја моја комбинација...

... А сега ќе ви раскажам за првиот сон. Јас спиев со баба ми Дунавка и стрина ми Вета. И, тие, жени, си расправаат често пати сништа. И еден ден, кога се разбудивме, им објавив дека и јас сум видел сон. И, тие ме прашаат - каков. Јас велам: црн! Црн сон. - А всушност, се сеќавам дека кога заспивав ги стискав очите и пред очите се мрежи тогаш, некакви нејасни, темни слики се јавуваат и јас сметав дека е тоа сон.

Да ви кажам дека сум роден на Свети Никола. Тоа не го велам случајно, тоа е наш сведен. Гостите биле в црква, кога се вратиле јас сум бил роден. И тогаш настанала веселба. - Нашата куќа беше отворена и многу идеа гости. Нашата фамилија е доста позната во тој крај. Јас секогаш сум имал, така да кажам, свој репертоар пред гостите. Самиот не се сеќавам за тој свој репертоар, но после ми кажувале дека една точка била да ги канам гостите кај Курачка на свадба. Ќе дојдат гостите, тогаш јас ги канам. Имаше некојси Курачка во селото - „повелете, да дојдете кај Курачка на свадба”. Тоа беше мојата точка. Инаку, и ние одевме на гости. Татко ми имаше чеза и беше направил на чезата сандаче одзади... Три деца бевме. Јас и две сестри, а две деца умреле. Едно братче и една сестра, помлада од мене. Татко ми и мајка ми напред на чезата, а ние назад во сандачето и одевме од Небрегово во Мажучиште особено. Тоа е селото на мајка ми...


Каков е и до каде е светот

... Да не заборавам. Јас си мислев дека светот завршува со венецот на планините околу Небрегово. И, децата си велевме, често пати: Е, да се качиме онаму и со еден остен да го дупиме Господ. (Се смее). Меѓутоа, знаевме дека зад тој хоризонт има град, зашто нашите родители одеа на пазар в град и по нешто ни донесуваа. И едно наше другарче беше отишло в град. И ни кажуваше чудесни работи. Паметам дека ни кажуваше за тоа дека имало некакви жици, а на жиците стоеле врапчиња, па со стрели ги тепале врапчињата. (Се смее). Сето тоа беше за нас несфатливо. Ниеден од тие објекти не ни беше познат. Нити жиците, нити тие стрели. И, едно попладне се решивме да одиме в град, една група, можеби пет-шест дечиња. И тргнавме. Одевме до Сивец. Сега е таму рудникот за мермер. Тука веќе, кога ќе се дојде на Сивец, се преминува на прилепската страна. И, одиме. На никого не му кажавме. Така, самоиницијативно тргнавме. Дојдовме до Сивец. Таму нè догледа тој наш овчар Трајко. И, вели - кај одите, бе? - В град! - ние воопшто не запираме. А тој ни вели: Ееееееј, ене го волкот онаму! (Се смее). Вели: Клекнал на задните нозе и ве чека. - И, штом го чувме тоа - брзо назад! Ни помина желбата да го видиме градот. Инаку, мојата прва средба со градот навистина беше за мене, така да кажам, едно големо и шокантно доживување.

Ги спомнав кучињата. Особено бев приврзан кон тоа куче Шаро. Многу го сакав. Мурџо ми беше некако поинтровертен. Имаше дистанца меѓу нас. Тој беше и покрупен и малку потром. А Шаро беше интелигентен пес и, така, со мене се умилкуваше... Имавме и пчели. Во дворот имавме улјарник. Си го спомнив поради тоа што не знам колкупати ме укасале пчели, бидејќи одев бос, а тие лазат понекогаш по земјата, по калдрмчето пред куќата и многупати имаше пискоти поради тоа. Инаку, паметам, роењето е особено интересно. Баба ми и татко ми беа многу вешти за тоа да ги соберат пчелите. Кога се роеше улиштето, тие беа сосем полазени со пчели. Нив не ги касаа. Имавме во дворот маслинка и обично таму ројот се собираше. Ако се сеќавате, јас имам една песна „Пчелар”, кајшто ја опишувам таа слика. „Кога ќе помислам дека сум можел да бидам пчелар во мојот живот”, - и таму се опишува ројот, тоа викање „мат, мат, матице”, со матерка прскање, нели, како се фаќа ројот на маслинката.

Нашето село имаше Чаир. Тоа е до самото село. Има сред село црква и потоа почнува Чаирот. Тоа е место за собирање на децата, за играње. Секогаш ме интересирало на Изворот да одам. Понекогаш одев и со говедарчињата. Знам, биволи пасевме. Има едно место, го викаат Пондила. Тоа го паметам зашто тогаш, во еден момент, видов змија како го преминува патчето. Почувствував како да сум хипнотизиран, од тоа движење на змијата, како да има некое дејство врз мене. По тоа се сеќавам. Просто, останав така неподвижен.


Места и градови

Називи на места? Да, има, да речеме - Чашка, Круши, Тополче, Влашки Трла, а ние го изговаравме Лашки Трла; еден збор што ми е уште необјаснет - Тараја. Сакав да си го објаснам, ама до сега етимологијата не му ја знам; Суроун, тоа е име на една планина; Вуков Дол, Мукос и така натака.

За градовите? Јас сум слушал за Прилеп и за Битола, тоа бил кругот во најраното детство. После сум разбрал дека оделе моите, старите, и на печалба во Белград, дека во Америка оделе. За мене во првото време, заправо, бил присутен поимот „град” без некое име конкретно, а тоа е пред сè градот Прилеп. А за Битола се зборувало, особено зашто оделе кај Десоецот.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото