Напишал песна за втората љубов

19.04.2013 13:16
Напишал песна за втората љубов

Скопје, 19 април 2013

Славниот македонски поет и кантавтор Љубен Лигавчев ја шокираше публиката во клубот „Прва севда“ во селото Љубојно, промовирајќи ја песната „Зора, мори Зора, љубов моја втора“, која е можеби единствена песна што на пиедестал ја става втората наместо првата љубов.

„Зора мори зора, љубов моја втора, ти ме галиш страсно, јас ти пеам гласно, не беше прва што ја сакам, но ме палиш, баш е така; откако кидна по пруга, нејќу да глеам друга“, гласеше рефренот што ги расплака присутните во клубот „Прва севда“. Дел од публиката негодуваше и сметаше дека песната е хулење на најубавиот спомен за првата љубов, но таквите гледачи можеа да се избројат на прсти.

На прашањето дали има биографски елементи во песната, Љубен Лигавчев прво не сакаше да открие, но потоа призна дека ја напишал само за да биде оригинален.

„Остај искреност и биографија. Битно е да се биде популарен. Кога ќе го намрштам челото и ќе ги подзатворам очите на сцена, секоја песна станува автобиографска. Публиката ги сака моите настапи, плаќа карти, се опива, плаче, јас добивам солиден хонорар... и на крајот сите сме среќни“, изјави Лигавчев за Пара вести.

Тој најави дека наскоро ќе промовира уште еден нов сингл, кој исто така ќе ја шокира публиката, но не сакаше да обелодени на која тема ќе се однесува песната. Неофицијално, дознаваме дека Лигавчев ќе ја опева третата или четвртата љубов, а насловот на песната гласи „Се љуби повеќе пати“

Фотографија: Дејвид Наман