1003 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:03
Овде не изложувам никаков манифест и мислам дека никогаш не сум составил документ под такво име, иако сум составувал слични текстови. Меѓутоа, документите наречени манифести ги читам речиси цел век и мислам дека тоа ми дава некаков кредибилитет за улогата коментатор на овој маратон на манифестите. Својот интелектуален живот го почнав на петнаесет години, додека одев на училиште во Берлин, читајќи еден манифест, „Комунистичкиот манифест“ од Маркс и Енгелс. Имам новинска фотографија на која во осумдесет и некоја година го читам италијанскиот дневен весник “Il manifesto”, за кој мислам дека е последниот европски весник кој себеси се опишува како комунистички. Бидејќи моите родители се венчаа во Цирих во времето на Првата светска војна, во времето на Ленин и дадаистите од кабарето Волтер, сакам да замислувам како дадаистичкиот манифест испуштил гласен прдеж во времето кога јас сум бил зачнат, но за жал првиот дадаистички манифест е изрецитиран три месеци порано.
Всушност, систематските читатели на манифести се посебен вид на дваесеттиот век. Имаше многу такви колективни соопштенија во претходните векови, главно верски и политички, но тие се издавани под други имиња: петиции, повелби, апели итн. Имаше и големи декларации -Декларацијата за независност на САД, Декларацијата за човековите права, но тоа се соопштенија на државите и организациите, како Декларацијата за човековите права од 1948 година. Поголемиот број манифести му припаѓаат на претходниот век.
Како манифестите ќе го преживеат 21 век? Политичките партии и движењата не се тоа што беа во претходниот век, а тие беа, на крајот на краиштата, еден од двата најголеми создавачи на манифести. Вториот беше уметноста. Меѓутоа, со процутот на претприемничкото општество и жаргонот MBA, нив во најголем дел ги замени онаа одбивна измислица, „мисија на организацијата“. Ниту една од „мисиите на организацијата“ кои ги прочитав не зборува ништо што заслужува внимание, доколку не сте љубител на лошо напишаните општи места. Едвај ќе можете да поминете неколку метри низ печатените купишта, а да не стапнете со боса нога на некој пример, речиси по правило лишен од смисла, кој ви порачува некаков банален еквивалент на „Ви посакуваме пријатен ден“ и „Важен ни е вашиот повик“.
Па сепак, манифестите прилично успешно се натпреваруваат со мисиите на организациите. Ако го пребарувате терминот „manifesto“, Google ќе ви даде дваесет милиони потенцијални кликови, што е сосема доволно дури и ако ги земете Manifesto Records и нивните разни производи. Не можам да тврдам дека сите тие резултати се квалификуваат за она што е дефинирано во речникот како: „јавно објавување на принципи, мерки или намери, особено од политичка природа“. Или од која било друга природа. Меѓу нив се и манифестот за доењето, манифестот за дивото градинарство, манифестот за ридовите, кој се занимава со стоката на шкотските висорамнини и е прилично примамлив манифест за новата култура на пешачење, на колективот Wrights and Sites кој се повикува на дадаистите, ситуационистите, Андре Бретон и Брехт, но изненадувачки, не и на шампионите на градските шетачи на Валтер Бенџамин. И, се разбира, меѓу нив се сите манифести од овој маратон.
Немав можност да слушнам некои од манифестите од оваа недела, но интересно ми е тоа дека многу од оние што сум ги слушнал се индивидуални изјави, а не како сите некогашни манифести, групни обвјави кои претставуваат некакво колективно „ние“, без разлика дали тоа е организирано или не. Тоа секако важи за сите политички манифести на кои можам да се сетам. Тие секогаш зборуваат во множина и се трудат да ги придобијат поддржувачите (исто така во множина). Исто така, тоа традиционално важи за манифестите во уметноста, кои станаа популарни откако футуристите го воведоа овој збор во светот на уметноста во 1909 година, благодарение на италијанската надареност за реторичкото дрдорење на Маринети. Така ги претекнаа Французите за неколку години. Сигурен сум дека кубистите би сакале да бидат тие кои го измислиле овој збор, но тие во тоа време не беа особено политички ангажирани и подобро им одеше размислувањето во боите отколку во зборовите. Се разбира, зборувам за авангардата која како таква се препознавала себеси во тоа време, а не за етикетите и школите кои се измислувани ретроспективно, како што е „пост-импресионизмот“ или оние што ги измислуваа критичарите и сè почесто трговците, како на пример „апстрактниот експресионизам“. Мислам на вистински групи на луѓе, понекогаш формирани околу една личност или списание, без оглед на тоа дали се со краток век или не, свесни за она против кое се борат како и она што им е заедничко: дадаисти, надреалисти, LEF или Независна група околу која во Британија во педесеттите години се создаде поп артот. Или кога сме веќе кај тоа, првобитниот фотографски колектив Магнум. Ако сакате, сите тие се агитирачки тела.
Не сум сосема сигурен за што служат индивидуалните манифести, освен што ги покажуваат стравовите на една личност за сегашноста и нејзината надеж за иднината, па затоа таа личност се надева или не се надева дека истите стравови ги споделуваат и другите. Како се реализира тоа? Дали првенствено со самокултивирање и заедничко искуство, како што ни порачува Вивиен Вествуд во својот атрактивен манифест? Како поинаку? Футуристите го измислија јавното саморекламирање. Еден показател за нашето дезинтегрирано и хаотично општество е фактот дека денес потенцијалниот манифестант првенствено го има на ум медиумскиот публицитет, наместо традиционалното колективно делување. Се разбира дека и поединците можат да го користат манифестот за реклама или за да го потврдат авторството на некој личен изум, како во Книжевниот манифест на Џеф Нун во 2001 година. Тука е терористичкиот манифест Унабомбер од 1995 година, кој го промовира обидот на еден поединец да го промени општеството, во овој случај испраќајќи запаливи бомби на одбраните непријатели, но не сум сигурен дали ова припаѓа во полето на политиката или концептуалната уметност. Но, постои уште еден вид на индивидуален манифест или его трип кој нема предвид никој друг освен солипсистот кој го објавува. Еден екстремен пример за тоа е оној необичен документ на Иво Клајн, „Манифестот на хотелот Челси“ од 1961 година. Како што можеби се сеќавате, Клајн се стекна со слава сликајќи со една боја, препознатливо темно сина. Ништо друго: на правоаголни или издолжени платна, на сè што е тродимензионално, главно на сунѓери, но и на модели кои ги валкаше во боја. Во манифестот објаснува дека тоа го правел затоа што го прогонувало синото небо, иако сината боја на Клајн е многу далеку од небесната боја. Додека лежел на плажата во Ница, ни вели тој, „почнав да ги мразам птиците кои летаа натаму-наваму по моето сино небо без облаци, затоа што се обидуваа да направат дупки во моето најголемо и најубаво дело. Птиците мораат да бидат елиминирани“.
Не морам да ве потсетувам дека Клајн ги пронајде критичарите кои ќе ја објаснат неговата длабочина и трговците кои ќе го продаваат на потрошувачите. Бесмртноста каква што му доликува, му ја обезбеди галеријата Gagoisan, која правно го заштити неговиот манифест.
Тоа ме доведува до содржината на разните манифести од мојата ера. Прво што ми паѓа на ум кога ќе се сетам на нив е дека овие документи не се интересни заради тоа што всушност го предлагаат. Поголемиот дел од тие нешта е очигледен, дури и банален, со нив можат да се наполнат големи депонии или тие просто се осудени брзо да застарат. Тоа дури важи и за големиот и инспиративен „Комунистички манифест“, кој и понатаму е толку жив што во изминатите десет години го открија и капиталистите од Западот, во отсуство на политички значајна левица. Причината зошто денес го читаме истиот е онаа причина која ме наведе да го прочитам кога имав петнаесет години - совршен, неодолив стил и полетен текст. Како и аналитичката визија за промена на светот на првите неколку страници. Поголемиот број конкретни предлози од манифестот се интересни само од аспект на историјата и читателите главно ги прескокнуваат за да дојдат до громогласниот извик на крајот, оној за работниците кои немаат што да изгубат освен своите пранги, а можат да го добијат целиот свет. Пролетери од сите земји, обединете се. За жал, и на ова одамна му помина рокот на траење.
Се разбира, во тоа е целата неволја на списите кои се занимаваат со иднината - таа не може да се предвиди. Знаеме што и зошто не ни се допаѓа во сегашноста и заради тоа манифестите се најдобри во осудата. Што се однесува до иднината, пак, единствено извесно е дека тоа што ќе го направиме ќе предизвика непосакувани последици.
Ако сето ова важи за толку траен текст каков што е Комунистичкиот манифест, уште повеќе важи за манифестите во креативната уметност. За многу уметници, како што ми рече еден американски џезер во еден ноќен клуб, „зборовите не се мојот инструмент“. Дури и кога се, како кај поетите, па дури и кај оние многу бистрите, создавањето не го следи шаблонот „мислам, па потоа пишувам“, туку многу помалку контролираната насока. Тоа е, ако смеам да кажам, проблем со концептуалната уметност. Концептите во концептуалната уметност најчесто се интелектуално неинтересни, доколку не може да се сфатат како шеги, како писоарот на Дишан или за мене многу позабавните трудови на Пол Кле.
Така читањето на повеќето манифести во уметноста и одгатнувањето на нивното замислено значење претставува фрустрирачка активност, освен можеби како перформанс. Па дури и во тој случај тие функционираат подобро како шеги и вицови отколку како беседи. Веројатно затоа дада, тој stand up стил на комичарите, е сè уште главен поттик за денешните манифести; тој хумор е забавен и мрачен и, како надреализмот, не бара толкување туку имагинација за игра, на која конечно се темели секој креативен труд. Во секој случај, крајниот испит на слатките не е во нивниот опис во ресторантското мени, без разлика колку е тој отмен, туку во консумирањето.
Уметничките создавачи беа многу поуспешни во тоа отколку во своите манифести. Во книгата „Доба на крајности“ напишав: „Зошто брилијантните модни креатори, како ноторно неаналитичен вид, понекогаш подобро ги предвидуваат претстојните трендови од професионалните претскажувачи, е едно од најнеобјаснетите прашања во историјата, а за историчарите на културата е едно од најзначајните“. Сè уште не го знам одговорот. Ако се осврнеме на уметноста во деценијата пред 1914 година, ќе видиме дека многу нешта го предвидуваа распадот на буржоаската цивилизација по таа година. Поп артот од педесеттите и шеесеттите ги призна импликациите од фордистичката економија и потрошувачкото општество, како и придружната абдикација на старото визуелно уметничко дело. Којзнае, можеби некој историчар ќе го рече истото за педесет години за тоа што се случува во уметноста или што се прави во името на уметноста во нашиот момент на капиталистичка криза и можниот залез на богатите западни цивилизации. Како интересниот квазидокументарен филм „Човек на жица“, но многу понапнато, уметноста оди по нишката распната помеѓу душата и пазарот, помеѓу индивидуалното и колективното создавање, дури и помеѓу препознатливите човечки креативни производи и нивната опкруженост со технологијата и заглушувачката бука на интернетот. Генерално, доцниот капитализам овозможи подобри услови за поголем број креативни луѓе отколку кога било порано, но се чини не ги направи задоволни, ниту нив ниту општеството. Какви предвидувања ќе вчита некој историчар во 2060 година во културната продукција од изминатите триесет години? Не знам, ниту можам да знам, но сигурно дека во меѓувреме за тоа ќе бидат напишани некои манифести.
Извор: http://pescanik.net/