1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Пред речиси триесет години, патував во Англија со мојот сопруг, којшто требаше да предава на универзитетот Бредфорд во Јоркшир, тогаш еден од центрите за поврзување на археологијата со природните науки и технологијата; а мене ми понудија предавање во еден тогашен британски центар за југославистика. Ништо не можеше да ме припреми за културниот шок: го познавав Лондон, големите универзитетски центри и симпатичните села. Бредфорд, инаку инспирацијата на Дикенс за Bleak house, изгледаше како место од третиот свет. Некогаш еден од најголемите центри за текстилна индустрија, во којшто, според името на локалниот благородник, настана и еден од најгрдите текстилни производи на сите времиња, листер, градот едноставно изгледаше како вистинска рушевина. Средната класа пропадна под политиката на Маргарет Тачер, куќите ги презедоа Пакистанците со многубројните семејства што живееа од социјалната помош што брзо исчезнуваше, а се спасуваа со издавање соби на студенти. Во градот немаше ниедна продавница во којашто воопшто би влегла, со своите белградски навики и вкус. Никакви ресторани, никаква интересна архитектура: градот ги имаше сите одлики (освен третиот свет) на особено заостаната социјалистичка провинција. Студентскиот дом каде што бевме сместени навистина од секогаш имаше цело мени за вегетаријанци и вегани, а истовремено и стари болнички кревети, постелнина со дупки и крпеници на престарите душеци. Барем имавме греење, што во Бредфорд не е луксуз на занемарување.
Универзитетот беше друга приказна: пријателите ни помогнаа да се снајдеме во пустошот, да речеме, да стигнеме до невидливиот пакистански ресторан што на улица рекламираше мртов стаорец, но во чијшто подрум со пластични маси и столици без потпирач се служеше најлутата и најдобрата храна на овој потконтитнент. Ме упатија во Националниот музеј за медиуми, којшто плански бил изграден во Бредфорд за време на претходната влада, за со тоа да се отворат повеќе работни места. Воодушевувачка институција, модерна, интерактивна, забавна, но пред наскоро затворање поради политиката на онаа дама. Денес тоа е повторно центар, има познат филмски фестивал и преживеа. Студентите што ги среќавав беа облечени буквално во крпи, облека што ја купуваа од втора-втора рака во соодветните продавници и на сиромашните бувјаци. Јоркшир тогаш беше поевтин во однос на сѐ во споредба со Југославија. Опремата на универзитетот беше очајна, а се работеше за лабораторија на светско ниво. Огласните табли и ѕидовите беа прекриени со летоци што повикуваат на акција – ослободување на лабораториските животни, контрацепциски совети, повици за најразлични групи за поддршка, културни приредби за теми од третиот свет. Политичката коректност беше сметана за светост. Во мизерниот парк имаше клупа со посвета за една студентка што умрела млада, а чиишто родители платиле за клупата, имаше дури и некои полици во библиотеката што беа посветени на некој студент или родител. Еден од студентите, во џемпер чиишто ракави очигледно се распаруваа, ме покани на претстава во универзитетскиот театар. Во совршено опремен театар, повторно изграден пред Тачер, го иргаа Шеридан така што ми застана здивот – можеа веднаш да дојдат на БИТЕФ. Цената на влезниците беше смешна.
Бедата и крпениците одговараа на навиките и уверувањата: освен што сите секогаш наздравуваа за смрт на Тачер (а многу пиеја), никогаш, ни порано ни подоцна, не сум била во друштво со толку длабоко убедени социјалисти – дури ни во Грција. Тогашните студенти беа деца на оние што систематски губеа работа, и тоа не само во тој крај на Англија, и знаеа дека невработеноста ги очекува пред или можеби наместо кариера. Тие беа веќе втората генерација на жртвите на тачеризмот. Кодот на однесување подразбираше сиромашна рационалност во сѐ. За прв пат малку се засрамив од своите „социјалистички“ навики, од комодитетот на којшто бевме навикнати, барањата што за себе си ги поставувавме, рафинманот што си го приуштивме – како алтернативци, со несигурни позиции и секогаш спремни на сослушување и затвор. Но, барем „оној нашиот“ беше мртов, па се чинеше дека би можело да тргне на добро, а како што знаеме, тоа не се случи. И покрај нашите надежи, англиските пријатели постојано нѐ опоменуваа дека ниедна политичка промена нема смисла ако се воведе или се провлече алчноста, „greed“. Во мојата, тогаш главно постструктуралистичка глава, тешко влегуваше оваа моралистичка порака: подоцна сфатив дека е клучна, како програмско и како лично начело на однесување. Во извесна смисла, престојот во покраина којашто Тачер најтемелно ја уништи, беше откровение. Никогаш повеќе не можевме да се однесуваме без помисла односно коректив според сиромаштијата и правилата што ги бара. И пред тоа ја видов африканската, медитеранската, југословенската сиромаштија и ужасите што произлегуваат од неа, но никогаш порано не видов таква строгост на внатрешните мерила. Таа жена предизвика општествени и ментални промени од коишто извесно е дека произлегоа низа современи општествени движења во западниот свет: проклетото наследство, што најдобро ќе знае да го одбележи нејзиниот погреб.
Извор: pescanik.net
Слика: Дирк Џимирски