Блаже и Петре на лажниот мост

22.04.2013 10:06
Блаже и Петре на лажниот мост

На покана на Плоштад Слобода, на 19. 04. 2013, пред да започне предизборниот молк, да не речеме секуларниот облик на тихование, размислував на некои теми „истопорена“ на врвот на невкусот и непочитта кон културното наследство на оваа земја, наречено „Мост на уметностите“. Благодарност до колегите и пријателите со кои заедно, јавно ги споделивме размислитe...

 

Лажни пророци

Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.

Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови! (Б. Конески)

 

Срамен е оној живот кој лаже и краде во име на уметноста, на културата, на историјата. Срамна е и таговна онаа рака која културата ја ползува за кражба, лично богатењe и агресивен идентитетски инеженеринг.

Оваа тиранија на мигот кој го живееме ќе мора да заврши! Ова е земја на скаменетото, девастирано и злоупотребено културно наследство, кое никако не може да се раскрили, да нè допре и да ни даде ветер во едрата заради малкумина кои манипулираат со него и со неговите значења. Го презирам (а во животот ретко си дозволувам презир) ова бедно оспоменичување на великите творци на оваа земја бидејќи сакам не низ скулптуралниот споменик, туку низ постојаното реафирмирање на нивното творештво, да нè допира ветерот на идните творби кои треба новите генерации да ги создаваат, а кои оваа земја спречува да се родат. Во земја на интензивна зомбификација, во земја каде што секој ден се убива животот, па следствено и уметноста, каде што се унижува уметникот и културниот работник, каде што се убива слободата чијшто носител треба да биде уметникот, во земја каде што се девалвираат, потчинуваат и облекуваат во поданичка одора уметниците, ова недело, овој несреќно наречен „Мост на уметностите“ го прогласувам не за „куќа“ на споменот туку за „куќа“ на заборавот – бидејќи предизвикува одбивност, срам, гнев, а сеќавањето не се создава преку гнев.


Сите имаме различни сништа, сите создаваме сопствена територија чиј устав почива на интимната комуникација со минатото, сегашноста и иднината но и на договорна, заедничка меморија. Кој одлучува за тоа каква ќе биде нашата меморија и колку пари ќе чини? Оваа меморија овде е уште една оаза на солзите на немаштијата на оваа земја.

2 милиони и 300 илијади евра! Конески би се срамел од овој башибозук! Сите овде би се срамеле. Среќа што се покојни. Ним не им требаат овие бестијални канделабри за да бидат факелот на нашето творештво! Петре М. Андреевски, каков што беше, би ги плукнал оние кои ги расфрлија парите по овој мост.

Овој мост освен што е резултат на уште една кражба на парите на граѓаните на РМ, тој е резултат и на недостиг на образование, на демократска култура на критичко мислење, на политичко знаење. Се чини клучното нешто што ни недостасува во земјата за да се спротивставиме на ваквото зло, на ваквата навреда е солидното образование, кое се чини нема кој да ни го даде. Образовните институции под клуч да се стават, а со само дел од овие пари потрошени овде ќе можевме да поканиме 1850 врвни професори, теоретичари од сите области кои ќе ни покажеа и подучеа како да мислиме, како да градиме демократско општество, како да создадеме држава достојна за живеење. Со останатиот дел ќе можевме да поддржиме 325 млади и даровити уметници да направат барем по една сериозна изложба, претстава, да напишат книга.

Но, пред сè, барам тие 2,3 милиони евра, а и сите останати потрошени пари заради кои државата и нејзините граѓани ќе отплаќаат со децении кредити, да се вратат во буџетот на Република Македонија. Да ги вратат оние кои без да нè прашаат ги украдоа за да си ги остварат своите вулгарни, невкусни амбиции, и патем да ги збогатат своите банкарски сметки. На тој начин граѓаните на Република Македонија ќе бидат ОСЛОБОДЕНИ! Ќе се ослободат од сите непримерни казни, двачки, чудни и чудесни закони со кои им се одзема достоинството на секојдневието.

И на крај, во духот на постмодерната (кој несакајќи стана императив во најлошата смисла на неговото значење кога е во прашање оваа владејачка гарнитура – се разбира, без да знаат дека не се во нео-класицизам туку во сосема друг жанр), ќе завршам со едно цитатно преплетување на Блаже Конески и Петре М. Андреевски.


Ти си древен, о граде,
но бедна е твојата археологија
без твоите слоеви
овде в душа.

Мислев дека се доближуваме,
а сега гледам зачуден –
бескрајно сме далеку, одеднаш.
Ме отфрли и мене како и многу други.
Каде што сум одел со широко отворени очи,
сега одам по тебе со слепечко пипање.

Овде насекаде
Ко порачано е за кукање:
За живите нема место,
А за гробови и кукање
Место колку сакаш.

Кукам за да не мислам
Дека морам да кукам.
Не смеам да заборавам кај сум запрела со кукање.
Не прашајте зошто
За сите исто кукам
Не знам кој заслужил
Повеќе за кукање.

А нема поширока земја
Од оваа за кукање,
Од овде најдалеку
Се слуша кукањето.

На куковден ќе заврши
Моето кукање.

Слики: Вил Балас

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Активизам / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото