Сон и јаве

23.04.2013 09:19
Сон и јаве

Ι


Моите мисли се најчесто слики без зборови. Затоа не малку се зачудив кога целата животна загатка (насон) ми се укажа во вид на три прости реченици. Се разбудив (пак насон) и ги запишав првите две. Но пред да ја забележам и последната, и така да дојдам до ретката животна формула, некој (жена ми) ме разбуди (во еден трет сон). Така несекојдневната порака остана развеана во три различни, сè побудни состојби на, верувам, едно исто сонување, и тоа така што неочекуваното откритие остана во неговата најстара, механичкото запишување во средната, а немоќта да се допре и да се наѕре сопственото просветлување во најблиската наслојка. Co други зборови, и сонот имаше свое јаве, своја сопствена немоќ да се оствари. Утрото кога се разбудив, се разбира, не го најдов малото стуткано ливче на кое пишував, и кое во секој случај би го познал, зашто тоа бездруго остана на вториот кат од сонот, додека јас се струполив в кревет од некое деветто сонување кое дојде по белината зад последната заборавена реченица. Го немаше ни орманчето каде што ја оставив хартијата (таа бездруго и сега стои таму). Темнина падна по зборовите како заборав, изненадувајќи го она што во нив беше материјално и нематеријалното. Или – да ја задржам уште за миг таа бедна терминологија – со други зборови, место сонот да се оствари и да се потврди како секојдневно животно искуство, стана своја сопствена недопирлива внатрешна стварност и така се сведе на своето најинтимно значење.


II


Но тоа не беше сè. Станав на јаве во белината за која веќе стана збор. Тргнав низ станот како низ бунар, како низ тесна пукнатина низ која од животот се зачекорува во смртта. Бргу сфатив дека не можам да ги отворам очите, дека сум слеп. Почнав во паника да ги палам светлата. Мрак, мрак. Зар е можно? Сум умрел (навистина), сум ослепел. Да не прегореле осигурувачите, да не ја скинале пак струјата? Немам ни сила ни волја да проверам. Се тетеравам кон креветот. Ја будам сопругата. Болен сум, ѝ велам, сум оќоравел. Сум умрел. Нигде ме нема, не, јас повеќе не постојам. Таа одмавнува, јас паѓам врз врелата перница.

Утредента, cè e во ред, се врти денот како познат филм. Ја прашувам жена си дали ја будев, бладав ли нешто за смрт и исчезнувачка. Нe, не, вели, сигурно сум сонувал.

Итро замислено, во секој случај. Место јавето да се оствари и да го потврди своето најинтимно значење, повеќе сакаше да стане сопствена недопирлива (и пак внатрешна) стварност.

Слика: The Royal Art Lodge

Слични содржини

Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото