Лудиот крал и неговите маски (1)

23.04.2013 11:25
Лудиот крал и неговите маски

Има еден интересен ноар филм од 1949 година, The Window. Сиромашното семејство на момчето Томи Вудри живее во изнајмен стан во Њујорк. Томи е момче со бујна фантазија. Една спарна летна ноќ Томи решава да преспие на пожарните скали. Оттаму низ прозорецот гледа како неговиот сосед пљачка и убива еден невин морнар. Исплашен, Томи им раскажува на родителите што видел, но тие неговата приказна ја третираат како измислица.

Од тој филм многу впечатлива ми остана една сцена. Бидејќи не им верува на „фантазиите“ на своето палаво дете и за да го спречи да ги вознемирува полицајците, таткото на Томи, кога оди на работа, го заклучува синот во соба. Додека Томи чмае затворен, во станот насилно влегува комшијата-убиец, токму со намера да го пронајде неочекуваниот сведок на убиството. И тука присуствуваме на перверзната и мошне напната сцена. Убиецот брзо сфаќа дека во заклучаната соба се наоѓа момчето-сведок. Истовремено Томи настојува да се ослободи од собата, буткајќи го клучот од клучалката и обидувајќи се низ процепот на вратата да го дофати со некоја жица. Од другата страна на вратата комшијата-убиец почнува садистички да се забавува - речиси како во цртан филм со мачка и глушец - гледајќи ги обидите на детето да го дофати паднатиот клуч. По неколкуте неуспешни обиди на детето, убиецот сам го закачува клучот врз протнатата жица, така што Томи целиот среќен излегува од собата во која е заточен. И налетува на својот кошмар - убиецот лично!


Технологијата на политичкото владеење на македонскиот пастир е многу слична со играта на мачка и глушец. Затворен во својата соба - можеби и имаш некоја шанса да бидеш оставен раат. Ако се обидеш да излезеш, пастирот понекогаш дури и иронично ќе ти помогне, колку да ви биде поинтересно. Но, веднаш потоа брзо стануваш свесен за хоророт и безизлезноста на ситуацијата.

Се разбира, трагичната ситуација ја делиме сите. Борбата за слобода, правда и вистина денес кај нас наликува на Томиевото џбарање по клучот. Но, ми се чини дека чувството на немоќ и безизлезност (баш како глувци во стапица) е заедничко и за понижувачите и за понижените. Дури и најнепосредните помагачи и извршители на злосторничкиот потфат на власта во некоја рака се заложници и жртви на лудилото. Министерката за култура, Канчевска-Милевска, и досегашниот градоначалник на Центар, Тодоровиќ, на пример, формално се најодговорните за СК014, најапсурдниот градежен потфат во Европа изминативе стотина години - а не верувам дека кој било кога било за што било во врска со тој лудачки потфат ги консултирал изминативе седум години. Преку нивните потписи оделе дел од парите - и тоа е сè. А тие двајцата ризикуваат не само неспоредлив историски срам (кој веќе го имаат), туку и одговорност за постапките, тогаш кога Македонија ќе се ослободи.

Велам, речиси сите сме заложници на лудилото кое доаѓа од еден центар, но се шири како кругови во вода. „Како сонот на еден човек можеше да стане сад исполнет со агонијата од будност на друг човек, мој драг Патрокло?“, се вели во стрипот Лабрис. Како комичната фрустрација на еден „запенет бабун“ (израз на Фрчкоски) можеше да стане трагедија за два милиони луѓе? Често се цитира една констатација на славниот психоаналитичар Жак Лакан: Лудак не е несреќникот којшто верува дека е крал; лудак е кралот којшто навистина верува дека е крал. Е па, ние ја имавме таа историска можност да добиеме можеби лилипутанско ама „автентично“ кралче кое верува во големината и цврстината на своите ужасни постаменти-патерици. Ја имавме таа злосреќа да сме актери во неговата (траги)комедија. Зошто комедија? Затоа што структурата на комедијата, психоаналитички гледано, е иста: не е комичен несреќникот кој верува дека е крал (тоа е патетично), туку кралот кој навистина верува дека е крал.

Една друга сјајна психоаналитичарка, Аленка Зупанчич, можеби ја опишува македонската ситуација кога зборува за „престабилирана дисхармонија“. Од Лајбниц го знаеме поимот „престабилирана хармонија“ којшто се однесува на (од бога дадениот) хармонизиран развој на паралелните монади кој ги насочува кон иста цел. Пишувајќи за комедиографскиот универзум на мајсторот на Комедија дел арте, Мариво (1688-1763), словенечката теоретичарка го употребува поимот „престабилирана дисхармонија“: несогласие помеѓу монадите кое им овозможува на нештата да дојдат до својата вистинска цел само ако следат погрешен пат.

Ете, можеби структурата на комедијата на Мариво е некаква утеха за хоророт што го живееме. Патот до вистината води низ фикцијата. Како што вели Зупанчич, до Реалното не доаѓаме со елиминација на симболичката фикција, маската, и со гледањето зад неа, туку со удвостручување на симболичката фикција, маската, со ставање уште една преку онаа постојната.

Цртежи: Jacques Callot (1592-1635)

Кон вториот дел

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото