Лебарките протестираат против лошите услови во студентските домови

24.04.2013 17:21
Лебарките протестираат против лошите услови во студентските домови

Скопје, 24 април 2013

Лебарките сместени во студентските домови решија конечно да го кренат гласот поради катастрофалните услови за живот во студентските објекти. Во рамки на настанот „Лебарска пролет“ тие организираа протест пред зградата на Министерството за образование.

Неочекуванo големиот број на лебарки-демонстранти беше позитивно изненадување за сите, но загрижува тоа што нивниот број беше многу поголем отколку бројот на студенти на кои било студентски протести.

„И ние имаме право на достоинствен живот. Студиите на студентите не се комплетни без нас. Нашите заслуги се речиси еднакви на оние на универзитетските професори“, изјави Грицка Лебаркоска, предводник на побунетите лебарки.

Таа додава дека не се проблем само неваросаните соби, прозорците кои не се затвораат, покривите што прокиснуваат и искршениот инвентар. Осиромашувањето на студентската популација и намалувањето на нивната куповна моќ дополнително ја влошува положбата на лебарките, кои се хранат од остатоците од студентските јадења.

Министерот за образование Зналец Празноглавски се огласи веднаш по протестите, велејќи дека го разбира револтот на лебарките, но и дека активно се работи на подобрување на условите за живот во студентските домови.

„Во дворот на студентскиот дом Книшко Полтронски засадивме дрво на сознанието, а започна и изградбата на споменикот на Адам и Ева. Планираме да го направиме истото во сите студентски домови. Покривите што прокиснуваат, смртоносните лифтови и мувлосаната храна не се толку итни“, изјави Празноглавски за Пара вести.