Виза ќе му плаќа отштета на Викиликс

25.04.2013 06:38
Виза ќе му плаќа отштета на Викиликс

Исландскиот Врховен суд донесе пресуда дека Валитор (поренешна Виза Исланд) мора да му исплати на Викиликс 204.900 долари месечно или 2.494.606 годишно доколку продолжи со блокадата на сметката на организацијата.

Судот тврди дека Валитор незаконски го раскинал договорот со исландската банка DataCell која ги сервисира донациите за Викиликс.

„Оваа одлука претставува најважната победа до денес над незаконските и произволни економски блокади, кои ги воведоа американските компании против Викиликс“, соопшти организацијата.

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж му се заблагодари на исландскиот народ „затоа што покажал дека нема да дозволи малтретирање од страна на моќните финансиски сервиси поддржани од страна на Вашингтон“.

„Во оваа прилика ги предупредуваме и другите компании кои се вклучени во блокадата, вие сте следни“, порача Асанж од амбасадата на Еквадор во Лондон.

Исландскиот врховен суд е највисоката судска инстанца на Исланд и оваа нивна одлука не остава простор за жалба на Валитор.

Слична правна битка моментално се води и против данскиот претставник на компанијата Виза, која е еквивалент на Валитор. Со блокадата се укинати повеќе од 95% од донациите на поддржувачите на Викиликс, што ја чинеше организацијата повеќе од 20 милиони долари.

Минатиот ноември, Европскиот парламент ја усвои резолуцијата со клаузула која специјално се однесува на економската блокада против Викиликс.

Резолуцијата ја повикува Европската комисија да донесе регулатива која ќе ги оневозможи компаниите за онлајн трансфер на платниот промет произволно да им го ускратат својот сервис на компаниите и организациите како Викиликс. Сајтот исто така поднесе формална жалба до Европската комисија сметајќи дека Виза и Мастеркард незаконски ја злоупотребиле доминантната позиција на пазарот. Овие две компании во моментов држат околу 95% од европскиот пазар.

Финансиската блокада на Викиликс уследи откако сајтот објави околу 250.000 тајни депеши на Стејт Департментот во декември 2010 година, наспроти предупредувањето на Вашингтон и странските функционери дека тоа може да има погубни последици по американските дипломати и нивните доушници. Бидејќи овие предвидувања не се остварија, Викиликс во меѓувреме поднесе тужби против компаниите Виза и Мастеркард, како и нивните локални партнери ширум Европа.

Поради блокадата на сметките на Викиликс кои пред сè ги воведоа Виза и Мастеркард, сајтот во еден момент беше принуден привремено да престане со објавување документи.

Извор: rt.com

ОкоБоли главаВицФото