Конески: Кажувања (2)

16.10.2009 14:37
Blaze_Koneski.jpg

Стрина Вета

... Таа моја стрина Вета беше вдовица. Нејзиниот маж, постар брат на татко ми, не се врати од војната. Некаде во Албанија загинал. Таму тој настрадал како војник на српската војска, мобилизиран четиринаесеттата година. И сè веруваа дека е жив. Јас, тогаш како дете уште од претшколска возраст, учествував во тие нивни надежи дека некаде ќе се најде тој човек, па одеа, прашаа по овие... Во Битола имаше еден видовит човек. Десоецот го викаа. Како сега Ванѓа што е во Петрич. Кај него одеа да прашаат. А бидејќи таа беше вдовица, таа ме зеде како свое дете, пред да одам во Прилеп. Таа заправо мене најмногу ме гледаше. Бев најчесто со неа. Родителите си ја воделе својата грижа, меѓутоа јас интимно најприврзан сум бил кон неа. Свои деца немаше. Имаше усвоено едно дете, веројатно уште пред да бидам роден, и јас го викав него Брате. Тој е постар од мене, така што после, кога одевме во Прилеп, ние го деливме имотот со него, на половина. Половина нему, половина нам. И, тој дел од нашата фамилија остана во Небрегово. Сега се пресели во Прилеп, во поново време. А стрина Вета е онаа старица за која јас имам една песна:

Старице збогум, ти една мене
цел живот дете ме позна'ше.

За нејзината смрт тоа е. Од моите први песни. Тоа е по нејзината смрт напишано. Таа ми беше, така да кажам, повеќе од мајка. А исто и баба Дунавка. Таа е баба ми од татко. И, во врска со стрина ми Вета, еден шок во моето детство. Кога веќе бев во Прилеп, доаѓав лете на село. Два месеци. Одморот дури трае. И едно лето, од поле се врати стрина Вета, стресена. Од треска, од маларија. Фатена толку силно, што мене не ме позна. Тоа беше еден страшен шок за мене. Така, ме гледа, не ме познава. Јас и’ се обраќам, ништо не ми одговара. За мене тоа беше едно навистина тешко доживување, кога детството престанува да биде само извор на среќа.

... Тоа беше една простосрдечна жена. Не се истакнуваше со некое особено умеење, да речеме за раскажување и слично. Пожртвувана, работлива. И, особено со голема љубов се однесуваше кон мене. Нејзиниот посинок, Киро, тој растеше кај нас како вистински член на фамилијата, тука немаше разлика. Беше постар од мене едно десетина години. Нашето семејство, воопшто било такво, мешано. Имало деца од првите бракови на дедо Коне и баба Дунавка, а после се природиле и други. Но, сите тие живееле како едно навистина хармонично семејство. Воопшто не се правело разлика во тоа кое дете од каде е дојдено. Инаку, мојот спомен е исполнет со топлина спрема стрина Вета. Со благодарност ја паметам нејзината лика, како вчера да сум ја видел. Никогаш не се истакнуваше да и’ се чуе гласот со желба да се наложи, негде да биде прва. Си имаше, така, во фамилијата едно поскромно место и тоа си го држеше. Таа и баба ми заедно спиеја, и јас со нив, во една од долните соби, послано на земја, како што обично се прави на село, и јас меѓу нив.


Потекло на семејството

Сега ќе ви кажам. Тоа го знам од баба ми Дунавка. Ние паметиме, наназад ако броиме, до пет генерации. Првиот што се доселил во Небрегово, од Дебарско - Ристе. Ристе имал син Ѓорѓија. Ѓорѓија имал тројца синови: Соколе, Коне и Јонче. Коне е мојот дедо. Коне имал син Крсте, тој е загинат во Албанија, и Ордан. Тоа е мојот татко. И не знам колку ќерки. Можеби десетина. Јас секаде во Прилепско имав тетки. Многу женски деца се раѓале. Притоа помислете, и на баба ми Дунавка и на дедо ми Конета втор брак им бил. И таа донесла деца од првиот брак, и затекла кај него, и уште се природиле. Инаку нашата фамилија е позната под името Љамевци. И многу е интересно... Јас сега, кога требаше да вадиме нови лични карти, пред три-четири години, кога требаше да се види како сум јас заведен во парохијанската книга, добив уврение дека таму сум заведен како Благоја Љамески. Точно во македонска форма - Благоја Љамески. Да! Поп Митрак така ме запишал. Е, сега, јас малку се интересирав самиот. Прво, за тоа име - од каде Љамески? Дали можам да установам од каде сме ние поточно дојдени? Имам една претпоставка, сметам дека е доста веројатно дека сме ние дојдени од Лазарополе. Зошто претпоставувам така? Прекарот Љамевци е прекар за Лазарополци. Лазарополци ги викаат Љамевци. Второ, имаме исти сведен. Свети Никола е сведен и во Лазарополе. И трето, во нашето село имаше чифлик на Свети Јован Бигорски. А тоа е еден канал за преминување на луѓе од Мијачијата во нашето село. Значи, имало отворен канал. Тој прекар Љаме, Љамевци, Љамески е толку познат што и денеска во Прилеп има улица „Браќа Љамески”. Тоа се двајца мои братучеди, загинати во војната како партизани. Едниот е загинат на Мукос, оној случај кога еден одред е уништен четириесет и втората година на Мукос, со Борка Левата. Тоа е предмет на мојата „Сончева колона”. А вториот загина, Атанас - првиот се викаше Цане - Атанас загина четириесет и четвртата година на Песјо Брце, по првото ослободување на Прилеп, неколку дена. Тие се презиваа Соколоски. А толку е познато ова име како ознака на нашата фамилија, овој прекар, што и улицата носи име „Браќа Љамески”. Инаку, ние се делиме по презимињата на нашите дедовци: Конески по Коне, Соколоски по Соколе и Јовановски по Јонче. Има сега три такви гранки.

Во таа наша фамилијарна хроника има и една материјална трага од тој наш предок Ристе. Тој веќе како стар човек, кога му растеле внуците Коне, Соколе и Јонче, сакал нешто за спомен на внуците да им остави. И што направил? Издлабил во камен три корита на свињите. Јас тоа корито во нашата куќа, во Конеската, го паметам како сега: каде стоеше, како таму свињите се ранеа. А баба ми раскажуваше дека такви коритца имало и кај Соколевци и кај Јончевци. Значи, во тие три гранки од него еден таков спомен.


Баба Дунавка и дедо Коне

Мајка му на татко, баба Дунавка, беше многу интересна жена. Паметна, работлива, пожртвувана, со тежок опит. И имаше дарба за раскажување и за интерпретирање на песните. Таа не пееше, како постара жена. Та толку жалости видела. Меѓутоа, ги кажуваше песните со народен речитатив. Македонските народни песни и легенди од неа ги имам чуено првпат и тоа таа раскажуваше на еден впечатлив начин. На пример, легендите за Марко Крале, јас ги знам од неа. После и сум читал... Не беше писмена. Од неа ја знам и нашата фамилијарна хроника. Татко ми не ми расправаше за минатото. Мислам можеби и намерно, да не пренесува некои спомени, можеби што се тешки, на новата генерација. Меѓутоа, жените обично се, така да кажам, пренесувачи на семејната традиција. Во мојот случај тоа беше баба Дунавка. Сега, за да ја окарактеризирам, ќе ви раскажам за историјата на еден предмет, што се наоѓаше во нашата куќа и што таа го употребуваше. А тоа беше прешлен, од камен направен, примитивен. Таа ми кажа дека, кога дошла српската војска, тоа е дванаесеттата година, албанското село Десово, тоа се наоѓа на неколку километри од нашето место, поради убиство на некои српски војници, било подложено на пустење. И тогаш сите села околу тргнале да го пљачкосуваат Десово. Населението веќе било избегано. Тргнала и баба ми. Во таа пљачка. И вели, влегов во селото, влегов во една куќа. Никого нема. Лебот месен, оставен да кисне и така избегале луѓето, го оставиле лебот. И вели, кога го видов јас лебот, толку грев ми падна и не можев веќе ништо да земам. Го зедов само овој прешлен. - Тоа е нејзината пљачка. Тој беше кај нас, јас го паметам тој прешлен.

А интересно, баба Дунавка сепак, во еден друг момент, на шести април, кога почна војната, и кога исто настана во Прилеп пљачкосување на државните складови... Ние живеевме близу до Соколаната. А таа беше склад. И таму беше големо грабање. Ние во него не учествувавме, иако тука сме, две-три порти до Соколаната. Но, баба Дунавка не можеше да додржи. Некаде предвечер, кога целата мешаница веќе се сврши, еве ја таа кај излезе. И по извесно време се враќа - носи една клупа од Соколаната. (Се смее). И, таа клупа остана кај нас во сета војна. Но, многу беше паметна баба ми Дунавка. Живееше долго, деведесет и неколку години. Раскажуваше. Се внесуваше во раскажувањето. Песни кога раскажуваше, така, често и плачеше. Ќе се расчувствуваше. Од неа ја знам онаа случка за дедо ми, ја има во „Житијата”, кога опинците и’ ги дал, очекувајќи смрт. Таа тоа ми го раскажуваше. Дедо ми мислел дека ќе биде ликвидиран во затворот, па и’ ги дал опинците да не одат фиран, децата да ги носат. Но тој тогаш не настрадал, зашто случајно се сменил околискиот управител. Точно во тоа време. За околиски управител дошол Јордан Тренков, познат како врховист, инаку историчар... И првта работа му била кога дошол за околиски управител да оди во затворот, да види кои се затворени. И, таму го гледа - што правиш и ти Коне овде? - Еве, вака и вака. - Дедо ми бил затворен зашто реквизиција вршеле и нешто се спротивставил. И, тој го пуштил. Но, дедо ми после умрел доста млад, можеби на педесет години. Ова било во првата војна, а дедо ми е умрен некаде деветнаесеттата година, пред да се ожени татко ми, се разбира, пред да бидам роден. Се враќал од пазар од Прилеп... Баба ми ја наоѓаше причината во тоа што приговорил зошто обновуваат некое црквиче во соседното село Дреново. „Ха, сега им паднало на памет, манастирче ќе прават!” Приговорил, дошол дома и умрел. Добил инфаркт. Тој бил писмен. Него сакале да го направат поп во селото, меѓутоа тој не се согласил. А баба ми живееше до илјада деветстотини педесет и некоја. Многу интересно... Таа беше на деведесет и неколку години и почувствувала еднаш дека и’ се ближи крајот. И нарача јас да дојдам во Прилеп. Појдов таму и таа веќе лежи. Така, можеше малку да седи, и веќе смета дека сè е свршено, еден ден, два. И, сега, ми ги дава последните совети. А ќе беше добро да ги паметам. Тоа толку ме изненади, таа присебност, тоа спокојство и чувствување на потребата да бидеш корисен во последниот момент, нешто да имаш да кажеш, да пренесеш. Меѓутоа, оздраве бабата. (Се смее). Па, после, после, по неколку месеци, умре.


Родителите

Јас сум имал однос различен спрема мајката и спрема таткото. Мајка ми била, сепак, построга и често пати поставувала барања што можеле и да не ни се свиѓаат нам, на децата. Тоа е нејзина улога. Не можела поинаку да постапува. Извонредно пожртвувана жена, многу работлива, со многу човечки квалитети. И колку што минело времето сè повеќе сум ја ценел, а сега најмногу ја ценам. А татко ми просто сум го сакал неверојатно на силен начин. Тој беше благ човек, убав. Убав и физички. И тих. Воопшто кај него не се знаеше лутина. Во нашата куќа немало случај на тепање деца. Татко ми беше еден човек, мислам со етички квалитети од висок ранг. На пример, тој не даваше да се знае колку му е нему тешко. Тој сепак имал тешки моменти кога требало да се грижи за фамилијата. Останувал и без работа. Никогаш тој своите маки, тегоби, не ги пренесувал. На тој начин не давал децата да ги почувствуваат. Јас такво нешто не паметам. И, еве, ќе ви кажам еден неверојатен случај од крајот на неговиот живот. Ние не знаевме дека е тој болен од рак. Јас требаше да одам во Америка. Тој мене ме испрати на тоа патување. Се поздравивме. Не знаев колку е тој болен. И, по петнаесет дена, се наоѓав тогаш во Норвешка, дојде веста дека тој починал на операција. Ние не знаевме какви болки тој трпел за тоа време. Единствено што му се поверувал на еден свој интимен другар од детството уште... Таков човек беше татко ми. Многу беше омилен. Имаше пријатели, блиски, другари. Се посетуваа. Се среќаваа таму на кафе. Многу често приредуваа излети. И нас децата нè водеа на тие излети. Можам да кажам дека сум имал родители какви што би им пожелал на децата да имаат...

Јас не знаев сè до скоро, дека татко ми, во времето на Првата светска војна, три години, значи како дете уште, или да речеме дечкован, момченце, живеел во Варош. Тоа е до Прилеп. Сега е во составот на Прилеп. Живеел кај некои роднини илегално, бидејќи се плашеле, поради извесни причини, поради одмазда, да не настрада детето. Го пратиле таму. Три години така живеел. И, од него тоа јас не го дознав. А можев да замислам каков страв тоа дете морало да претрпи, за тоа време, нели, да знае дека може да биде гонето. Јас читав еден расказ од Томас Вулф на тема како татко, што учествувал во војна, во граѓанската војна во Америка, и бил ранет тешко, воопшто на својот син ништо за тие настани не му раскажал. И, неговиот син дури после од историјата разбрал дека неговиот татко бил негде и се истакнал во некоја борба. Просто нејќел да пренесува нешто што е тешко, тегобно, да пренесе на синот. А мене ми се случи еве, и јас од својот татко...

Тој создаваше неверојатно пријатна атмосфера во куќата. Нашата љубов, на децата, спрема него беше извонредно голема. Имаше дарба за раскажување. Имаше дарба анегдоти да раскажува, а и да имитира некои луѓе. Има многу случаи... Еве, да речеме, ќе се врати: „Го видов Шаќо”. Не знам од кое село. Го прашав: „Како е, да речам, Мемед”. „Не чини, Ордан, не чини. Тиква што е тиква не јади”. - Така да речеме. Такви работи.

... И со ништо родителите не нè индоктринираа, нити во национална смисла, нити во религиозна. Просто оставаа ние сами да си го избираме спонтано својот пат.


Куќата. Родниот дом

Нашето село Небрегово е под планината Мукос, која е дел на Бабуна. Има добри пасишта. Поленцето е доста добро. Има еден извор што служи за наводнување на некои делови на полето. Главното занимање е земјоделството, бавчи, тутун, а и нешто стока. Нашето семејство се занимаваше со сè, главно со земјоделство. Мајка ми постојано, цел живот. А татко ми беше писар во Општината. Имал еден клас-два некое земјоделско училиште пред Првата светска војна и после го зеле за деловоѓа во Општината. Така се викаше. После, кога се преселивме во Прилеп, ја смени работата. Едно време немаше ни работа. Платата на татко ми беше секогаш мала. Главно, се издржувавме од земјоделството тогаш...

Нашата куќа... Кога ќе се влезе во дворот, куќата останува од портата десно... Меѓу соседните куќи има вратничиња, капиџици. Соседните куќи се, впрочем, од нашата поширока фамилија. Од едната страна Соколевци, од другата Јончевци. Нашата куќа е на кат. Има приземје и кат. Покривот се спушта, така што кон сокакот е таа пониска, изгледа ниска. Но, спрема дворот таа си е куќа на кат со дрвен балкон, примитивен. Се излегува од горниот кат на балконот. Лево е просторот за овците и козите. Потоа идат амбарите. Натаму се шири гумното, до крајот на дворот. Во еден ќош е буништето, од десно се плевната и трлото. Тука воловите се сместуваат. Има од десно копи. Сосем во дното на дворот има бунар. Тоа е прв бунар ископан во нашето село. Татко ми бил тој што го ископал тој бунар. Нашето село има извор. Изворот е малку подалеку и секогаш се оскудевало за вода, лете. Обично зиме, во пролетно време и на есен чешмите течеле, но лете секнувале. Од вирчињата по реката лете лееле вода. Татко ми дошол на мисла, првиот, да ископа бунар. Старите не верувале дека тој ќе успее. Меѓутоа, успеал да најде вода. Длабок бунар, добро изѕидан и секогаш имал вода. И, после му биле многу благодарни на татко ми, бидејќи од повеќе куќи доаѓале да леат од тука вода. После и други копале. - Инаку, имаше маслинка, исто во дворот. Голема маслинка. Таа е она дрво на кое се фаќаа роевите пчели. Пред самата куќа има калдрмка и тука друго дрво. Тоа е присад. Присад - тоа е круша, калемена круша. До самата куќа десно е улиштето. Веќе ги споменав пчелите. Влегуваме во куќата. Прво имаме трем. Само земјата е набиена, не е подот покриен со штици или со друго нешто. Десно и лево по една соба има. Потаму, исто во приземјето, се оди во вториот дел. Од десно е таканаречената д о м а. Тоа е, заправо, огништето. И, тука се одвива животот дење. Тука се руча, се вечера. А од лево е пондилата, тука се јаслите. Коњите знаат навечер кога се враќаат, си знаат. Воловите си одат во трлото, коњите влегуваат во куќата и си одат во пондилата. Од тука, горе има кат. Има исто претсобје широко. Тоа е веќе со доста грубо изделкани штици направено, и исто две соби. Едната десно, едната лево, а од тој простор што не можам да го наречам претсобје, се излегува на балконот... Ете, тоа е горе-долу планот на куќата... Она што го нарекуваме д о м а, е центарот нејзин. Тоа е домата. Значи, тука има огниште, тланик, над него баџа, оттука чадот оди директно низ баџа. Има на верушки котел над огништето. Има камари кајшто се чуваат посатки: соларник, лајци и други работи... Има и ноќви. А јас спиев долу, во собата десно, со баба Дунавка и стрина Вета. Другите во други... Горе татко ми и мајка ми спиеја, над нас десно. Горе левата соба беше за гости. Па и во таа соба кај што спиеја татко ми и мајка ми - и тука примаа гости.

Лете често спиевме во дворот, во време на вршидбата. Дење, се врши. Навечер се постила слама, тука близу под тој присад, и се постилаат некои мутави, па покривачи, перници со слама полнети. Тоа беше за мене едно големо уживање, спиењето надвор, бидејќи ѕвезденото небо беше интересно и понекогаш паѓање на ѕвездите, минување на некои метеори и така натака. Сето тоа ме возбудуваше. Од далеку жабите крекаат, тој ноќен живот, лаење на пци, сето беше интересно. Мракот, мирисот на сламата. Вршевме со нашите коњи. И сите работеа, освен татко ми. Трчаа тука при вршењето, веењето, после собирањето на житото, па плевата делење, па правење копи. Сето тоа се одвиваше во летните денови... Копите ги паметам по тоа што пред Божиќ таму ловеа врапци. Поставуваа примки од влакна коњски, внатре идеа врапчиња, има зрна да се хранат, и се фаќаа... А имаше обичај на Божиќ да се замрсува со врапче, со месо од врапче. Тоа е некој стар обичај. И пред куќата се ловеа врапците под керамида, со конец, се трга конецот и ги поклопуваат. Тоа во една песна јас го кажувам. А се сетив и за еден друг обичај. Носеа, од време на време волци убиени, оние што отепале волк. Кожата наполнета, набиена на еднои дрво и ја носат од куќа на куќа да собираат подароци. Јас неколкупати сум гледал такви сцени, дури бев на село. И тогаш се кучињата особено возбудени, од мирисот на волкот. Лајат кучиња, овие ја носат таа исполнета кожа и собираат брашно, јајца, нешто друго што ќе им дадат. Тоа е неисцрпно кога се сеќава вака човек. (Се смее). Цела една книга за тоа би можело да се напише.

Првиот дел од „Кажувањата“ можете да го најдете на овој линк

Конески: Кажувања (1)

Има една ситуација во

Има една ситуација во „Дневник после многу години“ на Блаже, во која опишува еден еден селски поет кој пее мрсни песнички и ги засмејува мештаните. Блаже слегол од возот и така наишол на негово читање. Читал, читал, луѓето се смееле. Блаже забележува дека му бил познат на сите, а не знаеле кој е Максим Горки. И на крај кога дочитал, во шапката побарал поетот да му се џитне паричка. Блаже се фатил за џебот, но не дал паричка. Никој не му даде, па не сакав да стрчам пишува Блаже. Блаже нели е малку сталинист?

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото