Се укинуваат жолтите линии на шалтерите

25.04.2013 22:24
Се укинуваат жолтите линии на шалтерите

Скопје, 25 април 2013

Жолтите линии пред шалтерите поставени со цел да го одржат редот и да ја зачуваат приватноста на граѓаните кои ги користат услугите на државните институции наскоро ќе бидат отстранети затоа што создаваат хаос, соопшти портпаролот на владата Абер Потрчков.

Иако линиите се поставени со добра намера, вработените во јавните институции тврдат дека тие само создаваат неред и ги предизвикуваат граѓаните да се наредат отстрана, околу човекот што е на ред и во моментот ја завршува работата поради која дошол.

„Секогаш кога некој ќе ја види жолтата линија, веднаш ја пречекорува и застанува до човекот пред него, или многу блиску зад него. Останатите го следат примерот и се тискаат околу отворот на шалтерот, па се прави хаос. Порано немаше толкава гужва, сè функционираше како подмачкано. Изгледа дека забранетото е најслатко“, вели шалтерскиот работник М.Т.

Освен нередот, друга негативна последица од поставувањето на жолтите линии е тоа што роднините на вработените во администрацијата сè потешко доаѓаат на ред пред сите останати.

Се очекува и приватните банки да го следат примерот на државните институции и да ги укинат линиите што ги збунуваат граѓаните и прават давањето услуги да биде побавно. Ако ова се оствари, граѓаните ќе имаат совршена услуга на речиси секој шалтер.