Ќорсокаците на Германија

27.04.2013 10:36
Странпатиците на Германија

Марио Драги, највлијателниот европски банкар, е близок сојузник на Ангела Меркел. Тоа уште еднаш беше потврдено во текот на неодамнешниот евросамит во Брисел. Франсоа Оланд тукушто почна да го критикува курсот на Ангела Меркел што ја води цела Европа кон перманентна рецесија, кога Марио Драги побара збор и, на голема радост на Ангела Меркел, изнесе сосем поинаква анализа. „Во рамки на ЕУ постојат два вида земји“, објасни Драги, „оние со суфицит во внатрешноевропската трговија и оние со дефицит, при што вториве се проблем, бидејќи токму тука, во Шпанија, Италија, Франција, заработката расте значително побрзо од продуктивноста. Тоа е причината зошто овие земји се неконкурентни и зошто не бележат раст, а задолженоста, пак, е во постојан пораст.“

За да нема недоумици, Драги покажа и графикони на коишто кај земјите губитнички јасно се гледаат растечките криви на заработката и малите вредности на оние на продуктивноста. Од друга страна, кај Германија, до финансиската криза, двете криви се движеле паралелно. „Значи, логична последица на ваквиот развој е тоа што дефицитарните земји мора да ги реформираат своите пазари на трудот“, така Драги го заврши својот говор (читај: да ја намалат заработувачката). Потоа, Оланд веќе не зема збор.

Тоа беше грешка. Графиконите на Драги беа евтин трик и Оланд го имаше секое право да им се спротивстави. Наводно аполитичниот централен банкар споредуваше баби и жаби. Економистот Ендрју Ват од дизелдорфскиот институт за макроекономија, штом ги погледна графиконите, веднаш забележа „една груба грешка“. Вредностите за продуктивноста биле пресметани реално, значи не вклучувајќи ја инфлацијата, додека податоците за растот на заработката биле изразени номинално со пресметана инфлација. Тоа е голем пропуст поради кој студенти паѓаат на испит.

Сепак, статистичкиот превид на Драги сигурно не бил случаен. Со точните податоци графиконите би оддавале сосем поинаква слика, бидејќи тогаш кривите за пораст на заработувачката во Шпанија и Франција би ги следеле оние за растот на продуктивноста. Создавањето нови вредности како резултат на техничкиот напредок е прераспределено и на заработувачката, така што работничкиот удел во економијата останал ист. Во истиот период, во Германија реалната заработувачка, значи онаа без пресметана инфлација, растела значително побавно од продуктивноста, а делот од економскиот колач што им припаѓал на работниците станувал сè помал. Тоа им носи на германските компании сè поголема предност во однос на нивните конкуренти од другите држави на еврозоната. Со години, т.е. сè до почетокот на кризата, германскиот извоз во еврозоната растеше, а Германија произведуваше повеќе отколку што трошеше, додека кај, како што ги нарекува Драги, „дефицитарните земји“, ситуацијата беше поинаква и неизбежно водеше кон понатамошно задолжување на нивните економии во странство.

На тој начин Драги несвесно ја разотрки својата политичка идеологија, којашто заедно со владата на Ангела Меркел, ја наметнува на целата еврозона и чијашто максима гласи: „прераспределба оддолу нагоре“. Сите држави мора да го следат германскиот модел, да ја намалуваат заработувачката и државните расходи, сè додека не се постигне нивото на „конкурентност“ што го бара Ангела Меркел. Тоа е во склад со претставите на германската влада и нејзините медиумски партнери за Германија како економски гигант, којшто по „болните реформи на Шредер се ослободува од закржлавените структури“, поради што значително се намалени невработеноста и државниот дефицит. „Франција, а со неа и другите медитерански земји, останаа приврзани на застарените модели и живеат со неразумни плати и пензии, далеку над своите можности“.

Недостиг од побарувачка

Колку и да се добредојдени податоците за ниското ниво на невработеност и задолженост на Германија, толку е деструктивна антикризната политика водена врз основа на заклучоците од овие податоци, бидејќи го игнорира вистинскиот економски контекст. Прво, Германија просперираше само поради тоа што другите држави на еврозоната не го следеа тој курс. Голем дел од производствениот вишок во изминатата деценија не беше продаден во Германија. За такво нешто недостигаше неопходната побарувачка, бидејќи законите на Шредер извршија притисок врз заработувачката, што резултираше со стагнација на домашниот пазар, така што Германија сè повеќе извезуваше, и тоа претежно во Европа.

Сето тоа беше можно само поради тоа што сè до финансиската криза, другите држави на еврозоната бележеа економски раст, и тоа преку порастот на заработувачката ја зголеми побарувачката за германските производи. Тука најмногу се истакнуваше Франција. Од 2001 до 2010 година, француската економија, и покрај пропаста на браќата Леман, бележеше раст од вкупно 11%, што е за речиси 4% повеќе од германската економија во истиот период. И вработеноста во тој ист период во Франција растеше за една третина побрзо отколку на другиот брег на Рајна, како и продуктивноста. Падот почна дури со колапсот на јужноевропскиот пазар.

Францускиот раст, како и оној на другите медитерански земји на еврозоната, одеше рака под рака со високите стапки на инфлација. ECB требаше да реагира на тоа со подигнување на каматните стапки, меѓутоа, француските чувари на еврото ја прифатија експлозијата на цените поради заздравувањето на германската економија, дополнително расплинувајќи го енормниот прилив на странски капитал. На тој начин, од Лисабон до Атина, беа финансирани балони на пазарите со недвижности и прекумерна потрошувачка – што на крајот и доведе до проблеми во овие земји. Или кажано со зборовите на Пол Кругман: „Германија верува дека сè што постигнала се должи на нејзина заслуга, а всушност, нејзиното економско заздравување во голема мера е засновано врз инфлацискиот бум во остатокот од Европа“.

Работата функционираше само поради тоа што со еврото беше загарантиран стабилен курс, којшто на „дефицитарните земји“, како резултат на недостигот од сопствена валута, им оневозможи девалвација. „Без еврото“, заклучува Герт Вагнер, главниот економист во Германскиот институт за економски истражувања (DIW), „германскиот економски модел не би имал никакви шанси“. Порастот на конкурентноста како резултат на откажувањето од зголемување на заработката остварен на извозните пазари, би имал како последица апресијација на домашната валута, во овој случај на германската марка, со што би биле поништени сите стекнати предности. Затоа е оправдана забелешката на Оланд дека „високиот германски стандард е остварен на трошок на еврозоната“. Поинаку кажано: Германија извезуваше невработеност.

За тоа молчат и Ангела Меркел и нејзиниот министер за финансии, Волфганг Шојбле. Наместо тоа, тие бараат од Франција и од земјите на јужна Европа радикална терапија што е осудена на неуспех. Дури и стрмоглаво намалената заработувачка во презадолжените земји нема да доведе до задоволувачки суфицит во надворешната трговија којшто би ја намалил задолженоста, ако Германија и другите „суфицитарни земји“ не покажат подготвеност да им го овозможат ним тоа што овие им го овозможија претходно, а тоа е повеќе од потребниот пазар за пласман на производите. За да биде возможно нешто вакво, неопходен е пораст на заработувачката и пораст на државните инвестиции во „суфицитарните земји“, а Германија би морала да прифати и трговски дефицит во размена со земјите на еврозоната.

Суровиот економски национализам

Но, поради едноставниот факт дека суфицитот на една земја неизбежно значи дефицит на друга, германската влада не сака да го прифати ова. Наместо тоа, Шојбле е ладнокрвно истраен во тврдењето „дека трговскиот суфицит не е проблем кога, како што е случајот со Германија, е резултат на конкурентноста“. За да се справиме со „нерамнотежата во рамки на еврозоната“, потребни ни се само „структурни реформи“ во земјите во криза. Меркел и Шојбле застапуваат суров економски национализам, кој беше вообичаена појава во Европа меѓу двете светски војни. Токму од таа причина, незадоволството поради германската доминација во европската политика има многу логични основи. Дури и економистите на MMF и OCDE неодамна детално објаснија дека од кризата не може да се излезе со штедење. И покрај тоа, германската влада и понатаму непоколебливо верува во „пакетите помош наметнати на внатрешната девалвација“ преку намалување на заработувачката и државните услуги, туркајќи ја на овој начин целата еврозона во сè подлабока рецесија.

Оваа рецесија само што ја зафати Франција, но и Германија нема долго да остане имуна на нејзините последици. Ако ќорсокаците на Германија уште долго траат, нема да помине многу време кога некои од државите, само од очај, ќе бидат приморани да ја напуштат еврозоната и да воведат сопствена валута, поради чија девалвација банките ќе паѓаат како домина, а германската економија, сведена на северното евро, ќе потоне во рецесија.

Тоа никако не смее да биде целта на германската кацеларка. Кога Меркел и Шојбле би го прифатиле заедничкиот фонд за отпишување на долговите, чие основање го предлага и економскиот совет на германската влада, многу од проблемите би биле решени. Капиталот би престанал да бега во Германија, каматните стапки би се воедначиле, а компаниите од земјите во криза повторно би добивале инвестициски кредити под поволни услови. Иако тоа би довело до раст на каматите на германските државни обврзници, бидејќи фондот на простување на долговите би морал да биде финансиран со издавање еврообврзници. Но, тоа би било праведно и евтино, бидејќи сепак Германија веќе со години профитира од бегањето на капиталот од југот на Европа, чијашто директна последица се негативните каматни стапки на германските обврзници, поради што Германија, според пресметките на Килскиот институт за светска економија, заштедила 70 милијарди евра. Уште кога европските политичари би се договориле за воведувањето на паневропски данок на имот и така собраните средства би ги употребиле за финансирање на инфраструктурните проекти и образованието во земјите во криза, тогаш би се создале неопходните услови за опстанок на заедничката валута.

Меѓутоа, трагично е тоа што Ангела Меркел ја гради својата популарност токму врз основа на одбивањето на овие предлози. Додека како железна комесарка за штедење на цела Европа ѝ ги наметнува наводните германски доблести, таа истовремено за своите избирачи од средната класа, коишто се исплашени за својата социјална позиција, претставува отелотворување на германската превласт во Европа. А во тоа е успешна до таа мера што дури ни SPD не се осмелува да ѝ се спротивстави. Последната надеж за спас се претстојните парламентарни избори во Германија. Можеби во третиот мандат наследничката на Хелмут Кол, Ангела Меркел, ќе ја избегне судбината на жена што ги погуби европските интеграции.

Меркел покажа дека под притисок на неопходноста, спремна е за радикален пресврт, како што беше нејзиното напуштање на проектот за атомска енергија. Како што влошувањето на еврокризата станува сè поизвесно, таков Меркел-момент е повеќе потребен од кога било претходно.

Извор: tagesspiegel.de 

ОкоБоли главаВицФото