Дрво

29.04.2013 10:56
Дрво

Во многу култури, а особено во современите општествени движења, непотребното сечење дрвја се смета за злосторство, особено ако станува збор за дрвја од зелените урбани појаси. Веројатно и на најокоравените поддржувачи на власта им е јасно дека неодамнешното сечење на дрвјата во центарот на Скопје не е ништо друго туку бескруполозен криминален чин насочен против општото добро. Во спротивно, не би имало никаква причина сечата да се одвива во три часот наутро, и тоа под силно полициско обезбедување.

Култниот статус на дрвото во градот не е обезбеден само поради неговата „белодробна“ функција, толку неопходна во урбаното живеење (најмногу поради растот на еколошката свест во последното столетие) и најекспонирана во сите случаеви на уништување на зелените појаси, туку многу повеќе преку неговата социјална и социолошка функција. Имено, дрвото има сенка – значаен дел во животот на градот. Сенката овозможува простор за одмор од забрзаниот животен ритам на градот, но и место за криење од постојната изложеност на сонцето. Неколкуте минути одмор, пак, предизвикуваат значајна релаксација и мотив за поодморно, односно поуспешно извршување на секојдневните обврски. Од друга страна, сенката на дрвото ја има и улогата на социјализатор. Таа е пристојно место за дружење меѓу луѓето и надминување на вообичаената градска отуѓеност. Во социолошките теории, дрвото во градот има смирувачка и релаксирачка улога. Имено, на човекот природното опкружување не му е зградата, туку природата. И затоа тој инстинктивно е склон да се врти кон зелените оази, да си уредува дворови и да – седи под дрво. Преку зима, пак, дрвата прават заштита од ветрот, а голите гранки ги пропуштаат ретките сончеви зраци.

Во таа смисла, ако е пресилно да се каже дека убивањето на дрвјата во име на градежната мафија (Скопје е токму класичен пример – дрвјата се исекоа за изградба на уште еден егземплар на помодарските и функционално нејасни катни гаражи) е злосторство против човештвото, тоа дефинитивно е злосторство против градот, против урбаната култура, против современиот начин на живот...

Еден од урбаните јунаци на денешнината, од опкружувањето, Рамбо Амадеус, инаку агилен активист во одбрана на дрвјата во Белград, на едно место ќе рече: „Њујорк е најурбаниот град на светот и има 14 милиони жители, меѓутоа Централ парк , кој се наоѓа во ЦЕНТАРОТ на градот има прецизно како со жилет обележени граници и во 200-годишната историја на Њујорк не се родил тој ‘мајчин син’, што би се осмелил во Централ парк да исече едно единствено дрво и евентуално нешто таму да изгради! Оваа наша, која не можам да ја наречам градежна мафија, мислам дека се премногу глупи и необразовани за да бидат мафија... Тоа е една банда полуписмени претприемачи... Меѓутоа, со нив имаме проблем зашто се работи за контиња, кои пред сè се срамат од своето потекло, но исто така „мува не ги лази“ ни за генерациите што доаѓаат по нив... Што ќе рече за своите ситни профити , а заради своите проститутки и скапи автомобили ќе направат било каква штета било кому. Немојте да бидете наивни, тие ќе прават сè што им се може, односно онолку колку што ќе им дозволите!!!“

Историјата, се разбира, помни неконтролирани и контролирани сечења дрвја за истите цели со кои се прави тоа денес во Скопје – за градење бескорисни градби. Најпознат е, секако, примерот на Велигденските острови, каде што за потребите на изградбата на Моаите, чудните џиновски камени скулптури, исечени се речиси сите дрвја на островот, што предизвикува безмалку целосно изумирање на народот Рапа Нуи.

Затоа, впрочем, дрвото е симбол на животот. По својата долговечност и по начинот на којшто се развива, тоа е, од сите растенија, најслично на човекот. Неговото растење, јакнење, па и неговата старост, набораност на кората, годовите на стеблото мошне лесно можат да бидат метафори на човековиот живот. Од друга страна, неговата цврстина и стаменост, длабоката вкоренетост во земјата претставува симбол на родот, на генот... Дрвото на животот е токму тоа – неговите гранки се продолжување на родот и олицетворение на приврзаноста кон потеклото.

Во тој клуч треба да се чита и мудроста што им се припишува на старите Кинези, дека на човека во животот му е доволно да направи нешто од овие три работи: да засади дрво, да роди дете или да напише книга. Се смета дека било која од овие работи е доволна трага за идните генерации, односно дека со нив се обезбедува вечноста. Секако, најдобро е да ги направи сите три работи, со што се смета дека неговиот дух вечно ќе живее.

За разлика од сегашната некултура, во Македонија не доминатно, ама сепак постоела култура на дрвото, и на ниво на народот што живеел тука, а уште повеќе на ниво на административните власти. Уште постојат обичаи да се засади орев по повод некој важен датум (најчесто, раѓање потомок). Некои дрвја, како што е охридскиот чинар, се заштитени како природни споменици. Во Скопје, за жал, не постои дрво кое за властодршците би имало некаков посебен третман. Тоа дури не е ни оревот во бавчата на хотелот „Бристол“, чија судбина е сосема неизвесна, токму како што е и судбината на самиот хотел. Запомнето е дека во првиот урбанистички план на Скопје, на пример, оној од времето на градоначалникот архитектот Јосиф Михајловиќ, значи во 30-тите години од минатиот век, зелените површини имаат голема улога. Тогаш се ставени контурите на Градскиот парк, регулирани теченијата на Вардар и Серава, направена Матка... Заедно со калдрмирањето на улиците, поставувани се и дрвореди. Се тврди дека на кејот на Вардар уште функционираат дрвја засадени од тоа време. А некои од нив, богами, се исечени, и тоа во последните две години, како она дрво на паркингот кај трговскиот центар „Плаза“. Значи, некаков заостаток од времето кога државата покажуваше интерес за дрвјата во градот се и јавните претпријатија од типот на „Паркови и зеленило“, чија, за жал, денешна основна улога не е да ги одржуваат парковите, туку – да ги сечат дрвјата.

Во светот постојат низа градови кои, поради својот однос кон дрвото, го добиле епитетот „Град на дрвјата“, од Минеаполис во САД до Аделаида во Австралија. Во Македонија нема град што заслужил ваков епитет. Тоа и не е толку страшно. Страшно е дека наскоро ќе имаме низа градови што го заслужиле епитот „градови без дрвја“. Слично како што сега ги нарекуваат Велигденските острови!

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Општество
Општество
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Став
Општество

ОкоБоли главаВицФото