Само во умот на министерката СК014 чини 207 милиони евра

30.04.2013 08:29
Само во умот на министерката СК014 чини 207 милиони евра

Само во умот на министерката за култура СКОПЈЕ 2014 чини 207 милиони евра

 

ВО „ОТЧЕТОТ“ ЗА ПРОЕКТОТ СКОПЈЕ 2014 министерката за култура Елизабета Канческа Милевска си избираше објекти по свој избор за да дојде до посакувана цифра од 207 милиони евра, која е далеку помала од онаа што се спомнува во јавноста од половина милијарда евра.

Како што е познато, овој проект се промовира како дел од ВМРО-вската преродба и има за цел да го зајакне националниот дух и идентитет на македонскиот народ. Исто така, како што е познато, Скопје 2014 се однесува на јавните објекти, изградени со државни пари, во централното градско подрачје. Вака гледано, Скопје 2014 има далеку повеќе објекти од оние што ги наброја министерката.

Потоа, треба да се има на ум дека во горната бројка, според кажаното во отчетот, не се внесени подземните гаражи кај Уставен суд, Археолошкиот музеј и МОБ во износ од околу 2 милиони евра. Ова се однесува и на зградата на Факултетот за драмски уметности и зградата во која ќе биде сместена јавна администрација и која изнесува 19,7 милиони евра. За фасадата на Владата планирано е да бидат потрошени 9,2 милиони евра и овие пари не се во горната сума.

Еве што испушти министерката:

-Најголем минус за прескокнување може да се стави на стадионот, односно Националната арена „Филип Втори Македонски“, која чини 63 милиони евра, од кои на „Бетон“ треба да му се доплатат уште околу 30 милиони евра. Акционерското друштво за стопанисување со деловниот простор (или како ли веќе се вика денеска), секој месец на „Бетон“ му уплаќа по 400.000 евра месечно за оваа намена, а „Бетон“ голем дел од овие пари ги враќа на „Стопанска банка, Скопје“ за земени кредити за изградба на стадионот во вредност од 26,6 милиони евра;

-Потоа, никаде во овој „отчет“ немаше ништо за тендерот вреден 5,57 милиони евра, а кој се однесува на партерното уредување од новата зграда на МНР до Камениот мост;

-Ништо не чувме за зградата на Филхармонијата, за која првично беше речено дека ќе чини 1,6 милиони евра;

-За поставката на Археолошкиот музеј, пак, беше речено дека ќе чинела 8,2 милиони евра, иако оваа сума се чини мала. Поставката во најголем дел ќе биде од предметите што беа ископани низ цела Македонија – Скопје (Калето и други локации), Охрид, Источна Македонија и каде уште сè не и тоа во период од 5 години. Само во 2009 година на Скопското Кале работеа 500 луѓе 5 месеци и само за нивните хонорари беа потребни барем 500.000 евра;

-Ништо не се слушна за реновирањето на Собранието и поставувањето на трите куполи. Ако ова не е дел од Скопје 2014, тогаш било што може да се оттргне од проектот и сумата да биде и помала од 207 милиони евра. Собранието бездруго треба да биде дел до проектот ако се знае дека пред него и околу него има куп споменици;

-Исто така, не знаеме зошто воопшто не е спомнато и реновирањето на фасадата на МЕПСО, поставувањето на лавови меѓу столбовите на зградата од електро-преносниот оператор и средувањето на просторот наоколу;

-Покрај ова, немаше ни збор за изградбата на плоштадот пред споменикот на Скендер Бег, чија прва фаза од страната на Чаршијата е готова и, според проектот, тој треба да продолжи да се гради пред Стоковната куќа МОСТ сè до новата зграда на Филхармонијата и сето тоа теба да биде пешачка зона. Овој плоштад се гради со пари на Општина Чаир и се наоѓа во близина на куп други објекти од Скопје 2014. Не е јасно зошто објекти што ги гради Општина Центар се во склоп на проектот, а овој плоштад не би бил, иако се наоѓа во непосредна близина;

-Тука е новиот објект на „Водовод и канализација“ во барок стил, значи во ист стил како и другите згради од проектот, кој, исто така, е изграден со народни пари со оглед на фактот што вововодот е јавно претпријатие;

-Тука е, исто така, и објектот на Агенцијата за електронски комуникации, кој се наоѓа меѓу зградите на Археолошкиот музеј и МНР. Него никој не го спомна. Иако и овој објект е изграден со народни пари. Интересно за него е фактот што Македонија ќе биде единствена држава на Балканот во која еден обичен телеком регулатор ќе има своја сопствена зграда. Работата е во тоа што АЕК е многу богата институција, која не знае што да им прави на парите. Се смета дека зема по 250.000 евра годишно од секој оператор само за користење на фреквенциите. Се разбира, богати се телеком регулаторите и на другите земји од регионов само што нив ни на крај памет не им паѓа да прават згради;

-Слично на ова е прашањето за зградата на Народната банка, која, исто така, ќе се гради со народни пари и која никој не ја спомнува. Зградите на Народната банка и на АЕК се меѓу последните што се измислени за градење, а причината за тоа е на проектот Скопје 2014 да му се зголеми грандиозноста и да се искористи фактот што станува збор за две богати институции што можат да си дозволат градење згради;

-Во отчетот никој не ги спомна ни двете галии на Вардар. Станува збор за две тврди градби насред река, кои се малку заоблени колку да личат на галии, а кои се инаку преголеми и од првата, барем, она што најмногу штрчи, тоа е оџакот од скарата. Настрана фактот што таа нема врска со првичниот цртеж, зашто веројатно на новиот газда му треба поголема квадратура за повеќе маси од кои ќе може да прави повеќе пари.Тие не влегоа во отчетот, иако се на неколку десетини метри од редица објекти од Скопје 2014;

-Потоа, никаде го нема ни новиот објект на Театар Центар, чиј основен проект треба да чини околу 500.000 евра и кој треба да биде огромно здание од 10 спрата плус приземје.

Ова, се разбира, не е комплетна листа. Во неа намерно не се ставени ниту жичарницата на Водно, ниту споменикот на Филип Втори во Автокоманда, ниту пак подземните улици, кои сака да ги гради Градот и за кои дури и се планира издавање на општински обврзници. Едните зашто се подалеку од центарот, а другите зашто се инфраструктурни проекти, а и за да не бидеме обвинати дека сè што ни текнало сме ставиле како дел од Скопје 2014. Но, не се ставени ниту рингишпилот, односно каруселот и панорамското тркало, иако едниот објект е веќе на плоштадот, а другиот е планиран. Исто така, не е ставено ниту реновирањето на Калето, кое не беше евтино.

Арно ама, и оваа листа е доволна за да се види дека Канчевска Милевска прескокна многу работи. Со нив и со редица други тендери за уредување на земјиштето околу објектите, бројката ќе стигнеше до 500 милиони евра или половина милијарда, како што обвинува јавноста.

Извор: anfas.blogspot.se

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото