Крал

30.04.2013 08:11
Крал

Поради една правно-теолошка измислица европските кралеви некогаш наводно имале две тела: едно „природно“, материјално, минливо, со статус на физичко лице; и едно општествено, неминливо, што ги вклучува поданиците, со статус на правно лице. Оваа специфично европска доктрина има еквиваленти и во другите цивилизации. Благодарение на брилијантниот есеј на Е. Канторовиц (1957), Двете тела на кралот, беа проучени теолошките и правните извори на политичките доктрини што доведоа до „модерните политички религии“ на државата како правно лице и на „corporate groups“ или здружените лица.

Доктрината за прв пат била изложена во Плуденовите соопштенија во Англија за време на владеењето на Тудорите. Се развиле низа теолошки, семантички и правни модификации врз основната дефиниција од римското право на поимот res publica и врз христијанската теологија што се однесува на Христовото тело. По распадот на Каролиншкото царство, некаде околу 1000 година, суверенитетот на европските кралски достоинственици се заснова врз врховната власт на Христос. Со првата модификација, воведена во времето на Фридрих II Хохенштауфен (1194-1250), врховната власт преминува на божјиот Закон. При следната модификација, кај Тудорите на пример, преминува на политичката заедница.

На своите почетоци христологијата се концентирала врз односот што постои меѓу различните состојби на Христовото тело: овоплотениот збор, смртното тело на Исус од Назарет, воскреснатото тело на Исус Седржателот, нафората како телото Христово, црковното тело. Во 11. век, против ересот на Беранже, црквата ja одредува причесната како „вистинско тело“ или „природно тело“. Терминот „мистично тело“ оди дотаму што црквата ја означува како заедница на верници органски поврзани во едно тело чијашто глава е воскреснатиот Христос кој седи десно од Таткото. Во 12. и 13. век се јавува кралската држава сфатена како „мистично тело“ што ги вклучува поданиците, чијашто глава е кралот. Двете гореспоменати модификации ќе се удвојат со други модификации што во 13. век ќе доведат до органската концепција на државата.

Телото на кралот, причестено, посветено и украсено со одликувања, како „водач“ или „глава“ на таа органска целина, е трајно и владее со неподеленото кралско наследство. Како обичен смртник тој е подложен е на грешки, болести и смрт и владее и со своето приватно наследство.

Двете тела на кралот во реалноста чинат само едно, така што доктрината на двете дела, пишува Канторовиц, претставува „метафизички апсурд“, надреален, дури и комичен. Но, тоа е политички делотворна фикција, којашто ја осигурува приврзаноста на поданиците и ја оправдува моќта што му се припишува на кралското тело, како што може да се види во делото што М. Блох им го посвети на кралевите чудотворци.

Оваа доктрина има двојна антрополошка погодност. Прво, врз неа се темели правото на правните лица и „модерните политички религии“, татковината, нацијата, харизматичниот водач. Второ, преку британската општествена антропологија, таа пронајде широко поле на примена кај „corporate groups“, како и кај групите потомци и филијацијата, особено во Африка (Radcliffe-Brown и Forde, 1950).

Примената врз африканската област несомнено укажува на сеопштата поврзаност меѓу телото на кралот, филијацијата, неотуѓивото кралство како правно лице, па со самото тоа и со светоста. На тој начин, светите африкански кралски достоинственици, што ги проучуваа Фрејзер (1911-1915) и Л. де Хојш (1987) како и многу други, од физичкото тело на кралот прават стожер на кралството и космосот. Техниките што се применуваат поради промена, одржување и замена на тоа тело (вбројувајќи ги тука метафизичкото или вистинското убиство) претставуваат технологија на моќта во очите на политичката заедница. Mutatis mutandis, тоа доведува до формулирање на претпоставката за многу широката поврзаност меѓу суверенитетот и политичката моќ, како што пишува и Фили-Харник (1985). Ова се однесува на андските и азиските кралски достоинственици.

Слики: Donald Baechler

Извор: Le dictionnaire du corps

Слични содржини

Психологија / Живот / Теорија
Теорија
Живот / Култура / Теорија
Теорија / Историја
Книжевност / Стрип / Теорија

ОкоБоли главаВицФото