Глумење лудило

30.04.2013 12:44
Глумење лудило

Замислете, Владимир Тодоровиќ излезе со изјава дека тој не ни сакал да стане градоначалник на Општина Центар, а уште и дека не ни знаел за црната кампања против неговиот противкандидат, Андреј Жерновски.

Значи да повториме уште еднаш: човекот кој помина два месеци во агитација и убедување на над 50.000 народ во централната општина во Скопје, беше на минимум десет интервјуа, кој знае колку говори, изјави и брошури и програми и реклами, телевизиски и радиски, и он уствари сите нè мавтосувал, он уствари не сакал да се кандидира за втор мандат?! Он сите нè правел мајмуни! Си играл мајтап со нас?!

Па добро бе дечки од ДПМНЕ, па колку имате исти вакви кои победија а уствари не сакале да победат и не сакаат да бидат градоначалници?! И како успевате да натерате некого да засака нешто, кои ви се методите?!

Мислам дека оваа разврска е толку шалабајзерска и циркузантска што буквално сум шокиран и не знам што да напишам за да го изразам шокот и запрепастувањето. Оваа тотална калакурница со изборите во Центар се чини има епска завршница, баш како што заслужува едно скандалозно владеење, скандалозни избори и скандалозна кампања.

Такво немање усул и компас што се сака од општината, такво срамно работење каде гаражи стануваа трговски центри преку ноќ, се уништуваа паркови, за на сред кампања да се одлучи пак кај уништените паркови да прават паркови(?)!, црна кампања од најдолен и најрасипан вид, и сето тоа да го окончаш со изјава дека ти уствари не си бил искрен и си ги лажел сите дека сакаш втор мандат па уште и не си знаел за тоа што се случуваше пред очите и ушите на цела нација 24/7 со недели и месеци, е тоа е брате надвор од секоја мера.

Овој човек е просто шокантен и зачудувачки човечки материјал. Неверојанто е каква бизнис клима има оваа држава кога на вакви човечки единки им озовможува толкаво богатство. Обично парите одат со човечкиот квалитет, интелектот, односот кон луѓето, вие мора пред сè да сте неверојатно харизматична, комуникативна и екстравагантна личност за да успеете во бизнисот, секако, со мали исклучоци. Но кај нас, се чини, поголемиот дел од бизнисмените се невидени хохштаплери, тотални дивјаци кои се невидена антиреклама за компаниите кои ги водат и поседуваат. Чудна е нашата бизнис клима кога на вакви сподоби им дозволува да успеат, какви ли се тоа само бизнис механизми и процеси кои владеат во нашата држава кога вакви човечки шљамови исфрлаат на површина наместо на дното, како во секоја друга нормална земја...

За да станете селф-мејд милионер, т.е самиот да сте си ги заработиле парите, значи дека треба да поседувате визија, интуиција, фантазија, супер проценка на луѓе, однос и комуникативност, интелигенција, харизма, вие морате да го употребите сето тоа за да придобиете соработници, да ја продадете идејата, да си отворите врати, да ви дадат луѓето шанса, совет, да ве поттурнат кога ќе се подзанесете и сопнете во првите чекори на бизнисот...

Гледајќи ги повеќето наши бизнисмени и нивните човечки карактеристики, тие сите личат ко да ги наследиле компаниите или пак ко да ги одземале од вистинските сопственици како каубојци кога ограбуваат возови во вестерн филмовите. Сосема друго се бара од менаџери на компании кои се најмени од сопствениците, или пак од сопственици кои ги наследиле компаниите - од нив се бара суровост и диктаторство за да се владее со такви конгломерати, но за да станеш богат самиот, тие карактеристики не се доволни, дури се и контрапродуктивни при искачувањето на општествените скалила.

Како утре може некој да верува во што било кога ќе прочита или чуе за Тинекс маркетите после сите глупости и циркуси кои ги направи сопственикот на маркетите?! Како да знаеме и веруваме дека продуктите се квалитетни, со која доверба да купуваме таму? За мене Тинекс отсега па натаму е една валкана трејд марка од која добивам морници, кога ќе ја видам ме потсетува на лажење, немање достоинство, на сплеткарње, на мајмунарење.

Извор: maktel.mk
Слики: Кристи Беквит

ОкоБоли главаВицФото