1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
1 мај е можеби најнапаѓаниот, најоспоруваниот меѓународен празник. Од чикашките настани во 1886, по кои 1 мај е прогласен за празник, кога бомба испрати во смрт неколку полицајци, потоа поголем број жртви од полициското пукање, и најпосле анархисти на кои им е судено, 1 мај често бил крвав. Забрануван, ограничуван, менуван, фалсификуван - сето сето тоа придонело празникот денес да има зачувано нешто од бунтовништвото. Нели само пред една година овде во Словенија од 1 мај е одземен вториот ден одмор, на предлог на успешниот производител на мини-авиони за најбогатите? Побуната на работниците против експлоатација во социјализмот ја заменија со празник на трудот, со кој работниците ја слават - сè уште - својата експлоатација. Што да слават работниците денес? Тоа што се вработени, тоа што не се, тоа што работат премногу, тоа што работата им се одзема? Во Грција сите овие години се појавуваа плакати со повици за прослава на 1 мај на кои пишува, „ не неработен ден, туку штрајк“.
Од друга страна, 1 мај го прогласуваа за празник на цвеќето, го поврзуваа со светец (Јосип), го неутрализираа и разубавуваа. Мал проблем е што многу сезонски цвеќиња го носат името „мајски“ во многу јазици, и што навистина цветаат во мај. Едно е особено познато - глог. Три посебно миризливи цвеќиња цветаат во мај - јоргован, момина солза, роза. Поради таа разноликост е смислен мајскиот венец, составен од разни цветови. Најверојатно се смета и на тоа дека некој што бере цвеќе и прави венец нема да стигне истиот ден да оди и на демонстрации. А и социјалистичките работници се, после парадата, испраќани во природа, за да не им падне на памет да демонстрираат низ градовите.
Пред празникот некако поврзан со трудот и работниците во Словенија паднаа неколку исклучително интересни предлози: министерот од кого никој не го очекуваше тоа даде предлог министрите, веројатно и пратениците, да работат за минимална плата. Министерот јасно даде до знаење дека горчливо се шегува, односно дека е саркастичен по повод предлогот за намалување на платите на синдикатот за образование; но истиот министер порано повеќе пати даваше докази дека јавно се шегува, еднаш јавно рече и дека не оди работата без шега. Да ги сфатиме двајцата шегаџии сериозно. Задолжителната минимална плата за сите политички функции би ни го решила проблемот со вработените во министерствата и во другите институции на управата (нормално, без судството, полицијата, школството, здравството), темелно би го претумбала политичкиот живот, би имале „нови лица“ колку што сакаме. Идејата дека политиката е жртвување, а не начин да се живее најудобно меѓу сите други граѓани би го променила целокупниот политички пејаж, без проблеми би довела нови иницијативи, би отворила пат за нови облици на демократија - и непосредна, најверојатно би ги направила сите граѓани поактивни, поодговорни, после извесно време можеби и масовно попаметни. Воведувањето на минимална плата за најпривилегираните и најистакнатите во јавноста би било не само симболички, туку и реален почеток на воведувањето темелен доход. Политичката класа би се запишала во историјата. Со заштедата и капиталот од годините задоволувани највисоки потреби, политичката класа реално би имала најмал проблем да даде пример за жртвување, па и граѓанска страст за општо добро. Замислете само како за миг би се обликувале јасни критериуми за работа во политиката, како резултатите релјефно би го покажувале успехот на поединецот во политиката, како сегашната партитократија брзо би се распаднала, и како државата и понатаму успешно - всушност, многу полесно - би го одржала она ниво на изглед, однесување, транспорт и останатото што светската полтика го бара. Никој, поради пример, не би имал ништо против тоа Фалкон (одамна купениот и никогаш користен државен авион) без прекин да лета и да ги превезува веселите лица кои собираат ситнеж за кафе, во друштво со пациентите кои треба да одат на лечење во друга земја и одличните ученици кои добиле училишни награди со патување...
Пред ликот на министерот да се овековечи во школските учебници, на сите останати граѓани да им огрее сонцето на новото време, треба да се обидеме некако да го решиме проблемот со значењето на 1 мај. Значи, останува дека 1 мај е празник на борбата за празник, односно борбата за прецизно дефинирање на неговата смисла. Значи, можеме да осмислиме свој 1 мај, не заборавајќи ја неговата историја и напонот кој го има. Моите најмили и најпријатни празници за 1 мај ги доживеав во Париз, Њујорк, Берлин и Атина, и секогаш имаше големи демонстрации, некаде и со сериозни улични борби, како во Берлин 2009. Тие сосема револуционерно разбрани и организирани празници повторно ме убедија дека насекаде има интересни граѓани, и дека тешко можат да го победат системот.
Меѓу цветните празници, најцветен 1 мај сигурно беше во Монемвасија, на југот на Пелопонез. Тоа е голем византиски град на полуостровот од кој со копање на каналот направиле остров со подвижен мост, за да се заштитат од „словенското море“ кое се најавувало од VI до IX век од нашата ера. Во местото живееле историчари, особено авторот на Монемвасиските хроники. Монемвасија (што инаку значи „единствен влез“) го препознаваме во името на виното Малвазија, кое Венецијанците го пренеле на Јадранот. Денес Монемвасија е град на урнатини, со селце покрај морето. На 1 мај цело брдо се покрива со цветови во сите бои, меѓу кои зујат пчели: мешавината од мириси е незамислива. На 1 мај во Монемвасија се родил еден од најголемите грчки поети, Јанис Рицос (1909-1990). Неговата прва голема збирка поезија, „Епитаф“ е забранета во 1936, книгите се запалени во Атина. Некаде кон средината на осумдесеттите на 1 мај се најдовме во Монемвасија. Ручавме во таверна во селото, кое во меѓувреме е уредено како збирштина од апартмани, недостижни за нашите џебови, за разлика од таверната. Се служеше само едно дневно јадење, паприкаш од зајачко со ситен кромид (стифадо), готвеше и служеше една минијатурна постара госпоѓа. Тоа беше тетката на Јанис Рицос. На терасата каде поетот играл во младоста почнуваше да цвета бугенвилија. Семејството Рицос имаше жална судбина на рано умирање од туберкулоза и лудило - она првото ни самиот Рицос не го избегнал во младоста. Во урнатините на градот на брдото пчелите зуеја во ритамот на неговите песни. Имено, сите песни на Рицос се испеани, и претставувале основа на подразбирањето на отпорот - против Италијаните и Германците, против диктатурата, против империјализмот, против капитализмот, денес против европската репресија. За повеќето песни на Рицос музика напишал Микис Теодоракис. За време на полковничката диктатура неговите песни со стиховите „Оваа земја е нивна и наша“ (се мисли на мртвите) по атинските таверни се пееле со прекрстени дланки, поза за апсење. Рицос ја доби Лениновата награда после која повеќе не можеше да ја добие Нобеловата.
1 мај во Монемвасија беше мистично искуство: никаде немаше никого, никакво славје, никаде народни маси. И во таа потполна осаменост на преубавото место по кое минуваа брановите од опојни мириси, од сите страни одекнуваа песните на Рицос - во главата. Нежниот лиричар кој стана револуционер, така ми се чинеше, зад себе томку тука ги оставил трагите од првата занесеност со зборовите, оние наједноставнте: море, камен, цвет, пчела, птица, сонце. Кога сонцето зајде, отидовме на брегот, каде преноќивме. Во предвечерјето плажата, цела од алабастерски чакал, фрлаше дополнителна светлост на градот. Најтивкиот и најосамен 1 мај исчезнуваше. Поетот тогаш уште беше жив, во Атина и во целиот свет. После неколку години умре и го погребаа во Монемвасија.
Извор: pescanik.net, 30.04.2013.