Скопје на Кензо Танге - „Скопје 2014“

02.05.2013 07:40
Скопје на Кензо Танге - „Скопје 2014“

Не сум скопјанец, но веќе втора година студирам во главниот град и сум непосреден сведок на промените кои се случуваат со проектот „Скопје 2014“ и дебатата која истиот ја предизвика со неговата реализација во општеството.

Во текот на дебатата која е присутна не само во Скопје, туку во цела држава, имавме можност доста пати да го слушнеме името Кензо Танге. Во моето образование немав прилика да се запознаам со архитектот кој ги поставил основите на постземјотресно Скопје, затоа се впуштив самиот да истражувам и резултатите до кои додјов сакам да ги споделам со моите сонародници кои исто како мене, не се запознаени со Кензо Танге.

За некои ова име нема никакво значење – особено за генерациите родени долго по земјотресот кој го стресе Скопје во сега далечната 1963 година, во која сум и јас. За други пак, Кензо Танге остави трага врз скопската архитектура и го поплочи патот за домашните архитекти кои од неговата визија црпеа инспирација за креирање на едно Скопје кое ќе има свој личен и оригинален идентитет.

Само 20 секунди биле потребни за рушење на идентитетот на еден народ заседнат по должината на реката Вардар, во северниот дел на Македонија. За семејствата и најблиските на повеќе од илјада жители на Скопје, на 26 јули 1963, ова била најголемата трагедија која некогаш се почувствувала на тлото на оваа земја.

За тогашната социјалистичка Југославија, ова бил одличен предизвик, кој требало да докаже дека земјата е способна да се сноси со своите проблеми, без разлика од колкав размер истите биле.

За градот Скопје, ова ветувало едно ново поглавје одбележано со експериментална инфраструктурна обнова за која целиот свет сакал да помогне. Иако Југославија не била дел ниту од НАТО, ниту дел од Источниот Блок, светот ја покажал својата хумана страна, и на чело со Обединетите Нации, реконструкцијата на Скопје можела да започне.

Периферијата на Скопје била оставена во рацете на грчката архитектонска фирма Doxiades Associates, и полскиот архитект Адолф Чиборовски, во 1964 година го изготвиле регионалниот инфраструктурен план, додека централното градско подрачје го изоставиле како можност за понатамошно уредување.

За решавање на централното градско подрачје, Обединетите Нации отвориле меѓународен конкурс на кој биле поканети да земат учество четири архитектонски фирми од тогашната Југославија, како и четири архитектонска фирми од остатокот на светот, по една од Јапонија, Холандија, САД и Италија.

Првото место на конкурсот го добила јапонската дизајнерска фирма, предводена од архитектот Кензо Танге, додека втората награда им припаднала на Југословените Радован Мисчевиќ и Федор Вензлер, а стручното жири предложило наградените да изнајдат заедничко инфраструктурно решение за градот.

Истата година, Кензо Танге присуствувал на CIAM X конгресот во Дубровник, па импресиониран од изгледот на градот, истиот го зел како инспирација и пример за реанимацијата која му претстоела на Скопје. По примерот на Дубровник, неговиот план за Скопје вклучувал комбинација од „градски ѕид“ и „градска порта“.

Градскиот ѕид претставувал низа на станбени згради кои го заобиколуваат градот, а градската порта била пристапна точка за влез во Скопје, која имала своја монументална природа.

Според планот на Танге, градската порта била на неколку нивоа кои вклучувале железнички сообраќај, автомобилски сообраќај и пешачки зони, и служела како транзициона точка за меѓуградскиот и градскиот превоз.

Во план била и подземна железничка станица, над која на неколку нивоа се простирале паркинг простори, како и блокови канцелариски згради. На транспортниот центар се надоврзувал таканаречениот „City Gate Center“, кој опфаќал низа на канцелариски згради, библиотека, банки, хотели, изложбени салони, кино сали, продавници и ресторани – сите поврзани со патниот сообраќај како дел од градската порта.

Планот за Скопје на Танге илустрирал една нова ера за Скопје, едно ново софистицирано лице за градот, со беспрекорна функционалност на неколку нивоа, предложена за унапредување на патниот сообраќај, инфраструктурата и воопшто животот на луѓето.

Танге во своето планирање не ја изоставил и богатата култура на македонскиот народ, па симболичноста на градската порта ја увидел во потребата за повторно поврзување на надворешноста на државата со жителите на Скопје, и воспоставување една нова врска. Преку оваа градска порта скопјани требало да ги пречекуваат гостите од надворешноста и да им посакуваат топло добредојде.

Сепак, наместо да изврши тотална трансформација на градот, Танге посветил неизмерно внимание кон географските карактеристики на центарот, се обидел да ги зачува монументалните остатоци на градот, и го искористил градскиот ѕид за да ги заокружи историските области.

Неговиот обид за „инкорпорација на Кале во композицијата на центарот“ како и интеграцијата на бреговите на вардар во архитектонските планирања, бил поздравен од многумина.

Според негови кажувања, пред Танге стоел предизвик за избирање помеѓу два пристапи кон архитектонската изведба. Едниот пристап вклучувал можност за географско проширување на градот, додека другиот пристап диктирал затворен стил кој требало да биде следен за дефинирање на целокупната слика за градот. Сметајќи дека проектот „Скопје“ повеќе бил наменет за воскреснување на целокупната слика на уништениот град, отколку за симулација на порастот и развојот на брзорастечки и динамичен град, Кензо Танге се одлучил за вториот пристап.

Меѓутоа, ситуацијата налагала градот да мора да започне со повторна изградба уште веднаш по земјотресот, па на местото каде што биле планирани дел од објектите на Кензо Танге, веќе биле изградени други згради, а неможноста за кохезивно доуредување придонело само одредени сегменти од неговата замисла да бидат реализирани.

Но без разлика на крајниот резултат, идејата на Кензо Танге продолжила да ги инспирира домашните архитекти, и во духот на Танге биле изградени неколку објекти кои со своите уникатни карактеристики го пленат погледот на сите посетители на градот.

Таквите објекти кои биле инспирирани од идеите на Танге се зградата на Македонска Пошта која неодамна претрпе голема штета поради пожарот кој избувна во неа, Студентскиот Дом „Гоце Делчев“, во кој исто така неодамна беше предизвикан пожар, како и неколку други згради кои од ден на ден стануваат сѐ позапоставени.

Жалосно е што надлежните власти не обрнуваат никакво внимание за зачувување на овие објекти кои се всушност вистинските обележја на Скопје, и кои нема да ги видите во никоја друга земја и кои не претставуваат копија на ничие претходно дело. Како кон нив да гледаме со презир бидејќи не придонеле доволно за креирање на потребната слика за градот.

Но нивниот таинствен, и на моменти морбиден изглед е всушност она што примамува внимание и останува засекогаш врежано во сеќавањата за градот кој во панична потрага по нов изглед и идентитет, последните години доживува трансвеститска трансформација.

Ни останува само да поуживаме уште малку во она што навистина сведочи за историјата на градот, додека на негово место преку ноќ не никне некоја дубиозна квази-историска манифестација од стилови и лајт-шоуа, кои уште долго време ќе предизвикуваат критики од секој посетител.

Извор: mkrevolucija.com

ОкоБоли главаВицФото