Сексот и инвалидитетот

02.05.2013 13:14
Сексот и инвалидитетот

Инвалидитетот не значи асексуалност

Можат ли луѓето со телесни недостатоци да бидат секси? Се разбира дека телесниот хендикеп не значи дека личностите со инвалидитет се асексуални. Но предрасудите можат да им го отежнат животот на овие луѓе, пред сè затоа што општеството ја негира нивната сексуалност и желбата за секс. Сексот со личност со инвалидитет или со личност која страда од некоја хронична болест сè уште е табу-тема.

Главниот проблем се состои во тоа што за лицата со инвалидитет размислуваме како за потполно беспомошни луѓе, на кои не им треба само поддршка, туку и заштита. Блогерката Ерика Ласт во својот текст на оваа тема објаснува дека виктимизацијата на личностите со телесни недостатоци им ја одзема на поединците моќта самите да одлучуваат за сопствениот живот, што автоматски води кон оспорување на сексуалната автономија - што е сосема добро прикажано и во ова видео. Ласт укажува на алармантното ниво на предрасуди кон сексуално активните жени, при што средината се обидува да ги заштити жените од сексот со најразлични, добронамерни забрани (тука посебно се истакнуваат оние коишто се однесуваат на порнографијата и на проституцијата). Може само да се претпостави низ што поминуваат жените со инвалидитет, но и мажите, на кои инвалидитетот како да им го брише полот.

Фотографиите на Ешли Саваџ ни покажуваат како телото без разлика на недостатоците може да биде привлечно и многу сексуално. Со своите фотографии Саваџ им се спротивставува на општоприфатените норми за убавината. Како што и самата објаснува, чудното и поинаквото отсекогаш ја привлекувале, а како советничка се обидела да го искористи терапевтскиот потенцијал на фотографиите преку кои ги истражува инвалидитетот, сексуалноста и сликата која луѓето ја имаат за сопственото тело. Покрај фотографиите на нејзиниот сајт, можат да се прочитаат и коментарите на луѓето кои ги фотографирала: секој од нив го прифаќа сопственото тело и ни препорачува и нам да го прифатиме. И да, зошто да не, да уживаме во него на начин на којшто би уживале во секое друго сексуално привлечно тело.

Сексуални работници/работнички за лицата со инвалидитет

Интересен е податокот дека при крајот на минатата година се разви дебата во Швајцарија, каде што на личностите со инвалидитет им се нудат масажи во кои се вклучени и сексуални услуги. Се работи за услугата која предизвика полемики и во Франција, каде што се оградуваат од услугите на проституцијата кои инвалидите во Швајцарија ги плаќаат по 115 евра (150 швајцарски франци). За масерот/масерката да може сексуално да ја задоволи личноста со инвалидитет, мора да помине низ обука која трае цела година. Во склоп на оваа програма се одвоени 300 часови за запознавање со различните тела на парализираните луѓе, оние со секаков инвалидитет, па и на оние со ампутации. Кетрин Агат-Дисеранс, претседателката на здружението Sexualité handicaps pluriels (SEHP) вели дека за многу луѓе со телесни недостатоци ова е единствениот начин да искусат сексуaлно задоволство. Оваа услуга ја користат околу 130 лица годишно. Некои од нив се самци, додека други се во брак, кој често страда поради инвалидитетот на еден од партнерите.
И во документарниот филм на Канал 4 со наслов: Can Have Sex Will Have Sex, кој неодамна ја доживеа својата премиера, се обработува оваа тема. Во него се прикажани сексуалните животи на четири личности со инвалидитет, меѓу кои еден маж ја губи својата невиност со една сексуална работничка ангажирана од страна на неговата мајка.

Иако овој филм е означен како контроверзен, Тапи Овенс – квалификуваната сексуална терапевтка, основачката на организацијата Аутсајдери, која ги поддржува личностите со инвалидитет и им помага да си пронајдат партнери, односно водителката на СОС линијата за Сексот и Инвалидитетот – објаснува дека многу мајки им се обраќаат за помош за нивните синови со инвалидитет кои физички не можат да мастурбираат и на кои очајно многу им се потребни партнери, при што најмувањето сексуални работнички е секогаш една од опциите.

На веб-сајтот TLC-Trust, кој Овенс го основала во 2000 година со Џејмс Палмер, стотина сексуални работници/чки имаат свои профили. Тие велат дека секој месец се гледаат со околу осум клиенти со инвалидитет. Повеќето од нив ги запознаваат своите клиенти преку нивните родители, а најчесто мајките се оние кои ги контактираат.

Овенс смета дека при губењето на невиноста со сексуалните работници/работнички, лицата со инвалидитет учат повеќе за нивните тела и како да му/ѝ угодат на партнерот/ката, што потоа позитивно влијае на нивната самодоверба и на сексуалните вештини, па затоа и тие често пати се охрабруваат во процесот на барање партнер/ка. Меѓутоа, ако нивната здравствена состојба е исклучително тешка, а животот преполн со разочарувања и изгубени битки, тие многу повеќе сакаат да останат со сексуалната работничка со која им е загарантиран успех.

Кога се работи за жените со инвалидитет, тие најмногу би сакале да му платат на некој кој е стручен и кој би им помогнал да ги научат начините на кои ќе можат да уживаат во нивните тела. Но, и покрај ова, повеќето од нив никогаш не се осмелуваат да побараат помош.

Жените често се нервозни бидејќи мислат дека мажите на кои им плаќаат не се целосно професионални, па затоа и сметаат дека тие не можат доволно да им се посветат и да им овозможат целосно уживање. Повеќето жени кои ги познавам ги преферираат сексуалните работнички, а нивните мајки никогаш не се вклучени во процесот на воспоставување контакти, вели Овенс.

Извор: voxfeminae.net
Фотографии: Ешли Саваџ