Специјалци на натпревар ги истепале само неколкуте виновници за инцидентот

02.05.2013 14:16
Специјалци на натпревар ги истепале само неколкуте виновници за инцидентот

Скопје, 2 мај 2013

На фудбалскиот натпревар помеѓу Три чешми и ФК Кладилница на трибините беа забележани мали инциденти помеѓу полицијата и навивачката група „Мачо ултрас“. Интересно е тоа што полицијата удри само по четворицата предизвикувачи на инцидентот, наместо да ја претепа целата трибина.

„Полицијата и понатаму продолжува со дискриминацијата. Наместо сите да бидеме почестени со пендреци, тие маваат селективно, само по насилниците“, вели водачот на Мачо Ултрас, Марко Кралевски.

На однесувањето на полицијата реагираа и неколку пензионери и родители, навикнати да бидат колатерална штета при нередите на стадионите.

„Ова е скандалозно. Редовно го носам моето 12-годишно внуче на фудбалски натпревари за да го челичам, но овој пат полицијата не сакаше ни да го допре. Ниту јас не добив пендрек“, разочарано вели М.Т., дедо на 12 годишниот Гоце, кој благодарение на стадионските искуства е мошне цврсто момче.

Претставничките на феминистичката активистичка дружина „Жени за ќутек“ упатија ултиматум до МВР во кој се вели: или ќе нè замавате без причина, или ќе престанеме да гледаме фудбал.

Екипата на Пара вести се обиде да добие коментар од МВР во врска со инцидентите, но остана без одговор бидејќи сите од Министерството се зафатени со вежбата „Партиска печурка“, која треба да ја подобри соработката на полицајците со владејачката партија.