Органски pop-up писоар

03.05.2013 09:32
Органски pop-up писоар

Испивањето голема количина „течности“ е неизоставен дел од секој музички фестивал. Согласно со тоа, има долги и долги редици пред јавните тоалети. Дали попрво би чекале во редот за вршење нужда или би уживале во концертот на вашиот омилен бенд? За да го реши овој проблем, дизајнерското студио Faltazi осмисли суптилно решение - колективен писоар со име L’Uritonnoir.

Значи, за што станува збор? Едноставно дизајнираните писоари (на пристојна оддалеченост) се поставени на најобично купче сено и се поврзани со средиштето на истото. Уште поедноставен е хемискиот процес кој се одвива во средиштето: азотот од „течното злато“ во реакција со јаглеродот од сеното после 6 до 12 месеци се претвора во хумус, кој подоцна ќе може да се искористи во нечија градина! Можеби на вашето лице има токму израз на благо гадење, но можеби ќе ви биде полесно кога ќе сфатите дека ова решение е еколошки апсолутно прифатливо.

L’Uritonnoir доаѓа во два облика: како плосната полипропиленска плоча која со леснотија се свиткува во соодветниот облик и потоа се прицврстува на сеното, и како „deluxe“ линија од нерѓосувачки челик (претпоставуваме, за вип-посетителите).

L’Uritonnoir прв пат ќе биде употребен на годинашниот фестивал на метал музика Hellfest во Франција. Дизајнерското дуо Faltazi вели дека нивната мисија била, пред сè, да се подигне свеста за сувото уринирање, штедењето вода и едноставноста на процесот на компостирање. Билките пораснати со помош на великодушните „донации“ од посетителите на Hellfest догодина се планираат како хортикултурно уредување на фестивалските површини.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото