Значаен гостин

04.05.2013 11:50
Значаен гостин

Многупати сум имал блокирана свест. И во таква состојба, не знам во каков безвоздушен предел би заталкал и во каква црна дупка би се изгубил, ако не беше земјината тежа да ме држи, да не ме пушта. Ако е за право, не ме пушташе и милицијата.

Се сеќавам: на мостот пред Драчево ме запираат двајца милиционери. Ми ја бараат возачката дозвола.

Им ја давам.

-Излезете од колата, ми велат и ми подаваат алкотест.

-Дувај, ми велат.

И јас дувам.

-Вие сте пијан, ми велат и не можете да возите.

-Но јас, како што видовте, возев.

-Возевте, ама пијан.

-Кој ви кажа дека сум пијан?

-Алкотестот, велат, погледнете!

-Значи, нему му верувате, а мене -не!

-Ништо, велат, ќе ја оставите колата.

-Ќе ви оставам сè, велам, и кола и дозвола ќе ви оставам, само однесете ме кај што тргнав. А можете и вие да останете со мене. Такво вино никогаш не сте пиеле, велам. Природно пенливо вино што те прска право в лице. Сè од одбрани зрна грозје и пресечено. Тоа е еликсир, велам, амброзија. Мириса на јоргован, на балсам, на еденска градина. И уште поткрепено со печено свинско месо...

И на милиционерите не им требаше многу време за размислување. Се согласија да ме однесат. И таму останавме од 18 до 01 часот по полноќ. На враќање ја искинаа пријавата, го фрлија алкотестот и ми ја вратија дозволата. Дури и не знаеја како да ми се заблагодарат.

* * *

Се сеќавам: пијам со двајца милиционери. Се разбира, сметката јас ја плаќам. На излегување, тие влегуваат во својата кола, јас - во својата. И по стотина метри ми сигнализираат да запрам. И јас запирам. Доаѓаат кај мене и ми велат:

-Вие возите пијан.

-Па, со вас пиев, велам.

-Прејдете во нашата кола, а вашата ќе ја вози колегата.

-Но, тој првпат влегува во „Рено 4“. Не може да ја стави во брзина.

Ги замолувам јас да ја возам сопствената кола.

-Ќе возам пред вас, велам, само кажете ми каде?

-Во сообраќајна, ми велат.

Кога стигнавме таму, ми ја земаат сообраќајната дозвола и ме присилуваат да дувам.

Не знам за посрамна симулација на пријателство. Да ги честиш за да те казнат. И да им ја однесеш колата за да ти ја земат. Им го враќам алкотестот и прашувам:

-Можете да ми кажете што ви згрешив?

-Возевте пијан, ми велат.

-Е сега не знам кој беше попијан, но правда никогаш немало доволно. Никогаш нема ни да има, велам.

* * *

Се сеќавам: полноќ е, а јас со колата слегувам по скалите покрај Камениот Мост. Сакам да се возам по кејот на Вардар. А можеби да се удавам? И јас не знам што сакам. Има моменти кога човекот го губи механизмот за контрола. Прегорени му се сите свеќички и отпорници. Но, тогаш дотрчуваат неколку полноќни минувачи и колата, заедно со мене, ја враќаат на плоштадот.

* * *

Се сеќавам: ме водат кај командирот на Сообраќајната милиција на град Скопје. Пред мене седи едно бело и суво лице, небаре неупотреблив пашканат. Мислам дека овој човек никогаш не се насмеал, ниту со нешто се израдувал. Ме гледа строго и речиси војнички ме испрашува:

-Зошто пиете?

-Да го растоварам умот.

-Да не имате проблеми со семејството?

-Не, тоа има проблеми со мене.

-А со работата?

-Не.

-Па зошто тогаш пиете, повторува по некој автоматизам.

Не знам, можеби на нервна база. Но, понекогаш ми е како спиритуален обред. Психотерапија. А и за да не мислам на гладните во Сомалија. Од друга страна, секој има свој стил на живеење. Некои многу јадат, а никој не ги казнува. Некои многу лажат, и пак никој не ги казнува. Дури тие подобро живеат од искрените и доблесни луѓе. Има и подмитливи, завидливи, избувливи, подмолни, а никој не ги казнува. Има и луѓе кои целиот свој живот го минуваат транзит. Ниту нешто виделе, ниту некој ги видел. Луѓе без свои координати. Нивното време е целосно празно и нема ништо што да се раскаже. А не може, зашто ништо и не им се случило. Тие не доживеале ништо што ќе произведе нешто. Всушност, тие немаат своја приказна. Не располагаат со свој механизам за дејство. Го прават само она што треба некој друг да им го каже. И тие го прифаќаат тоа како милосрдие. Инаку би биле неупотребливи за ништо.

Командирот слуша и не ме прекинува.

Не знам колку ме разбира и како, но гледам дека цело време ме гледа в уста. Како да мисли дека тоа се негови зборови. И, безмалку, како тој да ги употребува. Потоа станува од столот, свртува околу мене и одеднаш ќе ми рече:

-Па како пишувате пијан?

-Ништо не сум напишал пијан, му велам.

-А кога сте трезен?

-Кога не пијам, му велам.

Лут, ме одведува во салата за едукација и социјализација. Ми прикажуваат еден аматерски филм „Загрозеноста на сообраќајот од пијаните возачи“.

Но, кој да ја запамети таа лекција?

* * *

Пиеме во бифето на новиот Македонски народен театар. Тоа се наоѓаше на задната, речиси на крајот од другата страна на театарот. Во тоа исто време, пак, во салата да ти има некаков празничен собир. Реферат читал другарот Лазар Колишевски. Но, за несреќа, јас не знам за тоа. И се случи тоа што се случи. По неколку разменети удари со корпулентниот артист Чамински, чиј чичко беше секретар на ГУВР на Скопје (Градска управа за внатрешни работи), на часот доаѓа милиционерско комби. И ме приведува само мене. Го протолкувале како моја диверзија на говорот од другарот Лазо. Тоа беше однапред промислен софизам, но јас немам ништо со што ќе се бранам против таа искривена вистина.

Милиционерите ме внесуваат во комбито, небаре бесно куче во шинтерска кола. Ме носат во милиционерската станица „Битпазар“. Но, во еден момент комбито нагло прикочува и јас се истркалувам кон кабината на милиционерите. И главата ми ѕвекнува на решетките зад нив. Почнав да ги пцујам. Им пцујам сè што им влегува дома. Дури и сè што им лае и мјаука. Тие веднаш ги откачија пендреците. Веќе немам илузија дека мојот прек нарав ќе биде фатален за моите неповредливи граници. И додека наближува комбито кон станицата, јас си мислам само што треба да бранам попрво. Дали очите да ги бранам, дали ребрата, бубрезите или гениталиите? Ќе ми ги прередат коските, си велам, и ќе ме фрлат на подот. И којзнае колкава пауза на бесознание ќе ми одредат?!

Со што да си го купам животот, си мислам. Со ништо. Дали да ја ставам душата под хипотека? Знам дека нема да ја примат. Тие ме сакаат цел. Што ќе му прават на телото без душа? Тело без душа е како празна конзерва. Не оди. Тие се во заеднички состав, во неделива заедница. Душата не е сенка па да оди пред тебе или по тебе.

Се паркираат пред влезот од станицата, го отвораат комбито за да ме симнат. И да почнат со работа. Но, само што ќе ги кренат пендреците, на влезот од ходникот се појавува командирот.

-Што е, прашува.

-Еден деликвент...

-Оставете ми го мене, вели командирот и ме внесува во својата канцеларија. Милиционерите останаа да мавтаат со пендреците во празно.

-Седнете, ми вели командирот.

Јас седнувам пред неговата маса со израз на некакво покајание. А тоа да сме ти биле во исто орбитално подрачје, без да знаеме за тоа.

-Како се викате?

Му кажувам.

-Ти си Петре?

-Јас сум Петре.

-Петре М.?

-Петре М., велам.

-О, каква чест, вели, што ќе се напиете?

-Не знам што имате?

-Имам едно шише стара ракија, вели, како за настинка, за температура. Ама не ми се пие сам. А и ништо не се прави сам. Сам можеш само да се родиш и да умреш. Од кога чекам човек што знае да пие, вели и го вади шишето од еден плакар. Вади и две чаши. Ги полни. На врвот се вртат кристални венчиња, кои постојано трепкаат, но никако да се скинат.

-Ај, на здравје, вели.

-На здравје, велам.

Ги чукнуваме чашите и отпиваме.

-Па, ова не е ракија, велам, ова е Голфска струја. Ова е топол порој што ти ги гали крвта, жилите, ноктите. Еднаш слегува озгора надолу, а двапати се качува од петиците нагоре.

-Се гледа дека сте поет, вели.

-Извинете, вие не пушите?

-Ги оставив, вели командирот.

-И јас ги оставив, велам, ама во бифето од театарот. Всушност, ги заборавив.

И командирот праќа еден од милиционерите да ми купи цигари.

Сега не знам кој кому му е поголем пријател. Дали јас нему или тој мене? Пиеме и си ги бараме меѓусебните разлики. Но ги откриваме само најблиските сличности. Човек цел живот преку некого се открива. Заборава и се сеќава, греши и се исправа сè додека не се пронајде во некое туѓо издание. И наеднаш сфаќаш дека ти не си бил тој, туку цело време си престојувал во некој друг човек. И сè што си мислел дека е само твое, ненадејно го откриваш и во него.

И така... Пиеме и од збор на збор, не знам колку зборови потрошивме. Јас влегувам во неговиот живот, тој - во мојот.

И се случи така како што се случи. Но, кој ќе ми поверува дека еднаш и како „деликвент“ приведен во милиционерска станица сум бил пречекан како драг и значаен гостин?

Слики: Стив Динино

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото