Со феминизам до општествени промени (1)

04.05.2013 13:26
Со феминизам до општествени промени (1)

Во рамки на деветтата годишна конференција организирана од списанието Историски Материјализам и одржана во Лондон разговаравме со Едриен Робертс која се претстави со говорот: Рецентрирањето на корпоративната моќ на родот и класата: проширување на полето за дијалог помеѓу марксистичката и феминистичката интернационална политичка економија.

Што мислите за денешената позиција на левицата, постои ли јасно артикулирано левичарско движење надвор од парламентарната форма на политика?

Со оглед на тоа дека себеси се сметам за левичарка, а не само за некој кој ја проучува левицата, мојот одговор на вашето прашање ќе биде намерно (и нужно) нецелосен. Иако е јасно дека во текот на последните неколку децении многу левичарски општествени движења доживеаја тешки удари, јас сепак мислам дека тоа не резултираше со пораз на левицата, туку дека го подготви теренот за појавата на нови видови левичарски организации, покрај традиционалните облици на социјалдемократските политички партии, синдикатите и останатите организации на работничката класа. Движењето Occupy и антикапиталистичкиот протест од доцните 1990-ти и раните 2000-ти (кој понекогаш погрешно се нарекува антиглобалистички протест) се очигледни примери за ова. Меѓу нив ги вбројуваме и различните (канадски и останати) движења на домородното население како трајно присутна сила на антикапиталистичките и антиколонијалните општествени промени.

Политиките на штедење на левата опозиција

Иако е возможно дека и не постои единствено, кохерентно, глобално левичарско движење, она што е многу поважно е да се разгледа начинот на кој треба да се воспостават јасни врски помеѓу општествените сили на левицата. Најочигледна е шансата која ја нудат политиките на штедење на левата опозиција, кои многу „искусни актери“ ги сметаат за единствениот метод за пристап кон проблемот на фискалниот дефицит, за кого многумина веруваат дека неправедно им ги отежнува животите на најзагрозените припадници на општеството. Occupy е разновидно движење, но јасно им се спротивставува на класните политики и на мерките за штедење. Но постојат и други слични движења, на пример, канадското Idle No More кој се појави во декември во 2011 година, како движење кое го води канадското автохтоно население, особено жените и младите луѓе кои се борат против заобиколните и енергетските политики на конзервативната влада. Ова движење го артикулираа противниците на „владините колонијални мерки за штедење“ кои несразмерно го погодуваат домашното население (особено жените и децата). Синдикатите и различни женски организации исто така им се спротивставуваат на мерките за штедење.

Иако мерките за штедење најчесто се почесто втемелени на (нео)кејнизијанската, отколку на антикапиталистичката позиција per se, постои консензус дека скратувањето на трошоците не е нужна последица на растечкиот државен долг, туку дека се работи за политички одлуки кои во најголема мера ги погодуваат сиромашните и најзагрозените членови на општеството. Наместо да се донесуваат вакви одлуки, би требало да се зголемат даноците за оние кои имаат високи приходи, да се затворат даночните дупки кои богатите добро ги искористуваат, да се укинат влијанијата на големите корпорации, односно да се смалат воените трошоци. Но мерките за штедење и понатаму се претставуваат како нужни за стабилизацијата на економијата во рамките на Европската унија, како и на другите економии кои сé уште закрепнуваат од финансиската криза која започна во 2008 година.

При новиот обид за спроведување на програмата за структурни прилагодувања (SAP) од 1990-тите, на многу земји од глобалниот Југ им беше наметнато и фискално штедење преку скратување на трошоците кои беа поставени како предуслов за добивање пакети „помош“ и за заемите од меѓународните финансиски институции. На алтернативното решение за „простување“ на долгот на Третиот свет генерално се гледа како на политички неостварливо.

Навистина, прашањето за долгот е уште едно комплексно прашање кое има големо значење за левицата. Кампањата Jubilee 2000 (која во почетокот на 2000 постигна успех на тој начин што доведе до отпишување на делови од долговите) продолжува да биде значаен дел од современата глобална политичка економија. Моментaлно се наоѓа во процес на преобликување во „движење за финансиска праведност“, коe се обидува да ги сруши длабоко нееднаквите односи на моќ помеѓу (богатите) земјопоседници и (сиромашните) работници. Преземајќи ги идеите развиени на глобалниот Југ, движењата за ревизија на долгот се појавија во различни земји ширум Европа со цел да проценат дали тие долгови воопшто треба да се подмират. Во САД се појави Strike Debt, како огранок на движењето Occupy кој го откупува „лошиот долг“ од оние кои издаваат кредитни картички и од претпријатијата за наплатување на долговите и другите слични организации, за потоа да го отпише. Нивниот слоган е „намалување на долгот за 99%“. Во Канада и во САД, каде што многу студенти мораат да подигнат големи заеми за да го финансираат своето образование, исто така се појавија различни движења против парализирачките кредити.

Феминизмот во склоп на поширокото поле за борба

Како гледате на позиционирањето на феминистичката теорија и пракса во рамки на левицата?

Почнувајќи од 60-тите години, феминизмот и женските движења го даваат главниот поттик за прогресивните општествени промени. При тоа, со проширувањето на полето на делување на општествените движења кои се фокусирани на прашањата поврзани со работните места, се создаваат нови простори во кои феминистките можат да ги изразат своите грижи во однос на разновидните облици на опресија и експлоатација кои се одвиваат надвор од работното место. Тука можат да се вклучат прашањата кои се поврзани со насилството кон жените, нееднаквите односи на моќ во домот, приватизацијата и/или индивидуализацијата на социјалните услуги, дискриминаторските имиграциски правила за жените кои работат како домашни помошнички и негувателки, апропријацијата на земјата во земјоделството итн. Ќе се навратам уште еднаш на примерот со движењето Idle No More, токму поради тоа што жените и младите луѓе беа во првите редови, а штрајкот со глад на Тереза Спенсер, која го предводеше домородниот народ Атавапискат ѝ ја приближи оваа кампања на јавноста.

Со оглед на специфичното историско позиционирање на жените помеѓу производството и општествената репродукција, феминистичките и женските групи се осoбено погодни за мобилизација на прашања од овој контекст. Навистина, најголемата сила на феминизмот е неговиот фокус на секојдневните општествени односи и пракси кои другите обично ги игнорираат, како во теориска (преку методологијата која ја користи и нејзиниот критички пристап кон епистемологијата), така и во практична смисла (тука пред сé мислам на борбите кои ги започнаа феминистките). На пример, неплатениот работен труд и т.н. неформални работни облици веќе долго време се во центарот на феминистичките истражувања и активизам. Исто така, феминистичките теории и активизмот експлицитно се занимаваат со идентификација и борба против интерферирачките односи на опресија и нееднаквост, вклучувајќи ги тука оние коишто се засновани на класата, расата, етничката припадност, способностите, сексуалноста, возраста итн, поради што може да се каже дека се добро подготвени за основање коалиција втемелена на пошироко поле за борба.

Можат ли да се критикуваат мерките за штедење од материјалистичко-феминситичка перспектива?

Од аспект на феминистичката историско-материјалистичка перспектива еден од најголемите проблеми поврзани со мерките за штедење е фактот дека тие обично имаат големо влијание врз програмите за социјална грижа и врз другите социјални програми коишто во поголема мера ги користат жените. Со воведувањето на мерките за штедење овие програми најчесто се реструктуираат, па стануваат сé поиндивидуално насочени, и се разбира, порестриктивни. Со оглед на тоа дека државата преку овие мерки за штедење ги укинува (и/или ограничува) ваквите услуги, жените најчесто се принудени да вршат допoлнителна работа, за да го надокнадат повлекувањето на социјалните активности од страна на државата, а тука најчесто се вклучуваат допoлнителната грижа за децата, за постарите или за болните членови од семејството. Во оваа смисла, неплатениот труд на жените останува невидлив, додека истовремено им служи како нужна потпора на владите кои се обидуваат да ги ограничат државните трошоци. На пример, според една неодамнешна студија за родово-специфичните последици на мерките за штедење спроведена од страна на Public Services International Research Unit (PSIRU) во Арменија, Бугарија и Црна Гора, жените сé поретко ги практикуваат здравствените услуги, здравствeната нега пропаѓа, а сé поретко се припишуваат лекови. Поради родовата заснованост на поделбата на трудот која е длабоко вкоренета во историјата на капитализмот, овие практики најмногу влијаат врз жените, но овој аспект ретко се зема предвид при носењето на значајни политичко-екомонски одлуки на државно и регионално ниво.

Неплатениот работен труд и последиците од него

Со оглед на тоа дека жените најчесто го преземаат најголемиот дел од неплатениот труд, истражувањата за време на претходните кризи ја потврдија тезата дека во текот на кризите жените обично во поголема мера се согласуваат на неформална работа, па работат повеќе прекувремени часови на работното место. За да ги остварат условите за добивање социјална помош, многу жени токму тогаш излегуваат на пазарот за труд. Во отсуство на соодветна јавна потпора за социјалната репродукција, се перпетуира женската двојна опресија, како и разликите во платите за еднаква работа. На пример, последиците од политиките на штедење во Велика Британија доведоа до препознавње на значењето на важноста на веќе присутната програма за долгорочно вработување на невработените, преку која се остварува поголема партиципација на жените на пазарот за труд. Ваквите програми се проблематични од повеќе причини, и тоа не само поради тоа што не успеваат да ги откријат причните поради кои расте бројот на слабо платените, слабо ценетите работни места, па и на оние места со половина работно време поради екомонското преструктуирање. Овие програми се дополнителен предизвик за жените, а особено за мајките кои на пазарот за труд имаат нееднакви почетни позиции и обично се вработуваат во секторот за услуги и другите слабо платени индустрии, па го преземаат несразмерно поголемиот дел од неплатените работни места како негователки и домашни помошнички. Ваквите реформи на составот на социјалната грижа ги принудуваат жените да станат делумно платени продуктивни работни сили, со што секако се репродуцира родовата нееднаквост, особено со оглед на отсуството на социјална основа за грижа на децата. Додека некои земји во Европската унија, како на пример Грција, планираат да воведат субвенции, кои ќе се однесуваат и на нивото на приватните установи задолжени за грижа на децата, идеите за отварање јавни установи од овој вид се навистина ретки. Феминистичките организации и женските групи одговорија на овие новости со многубројни разновидни предлози, како и со барање за повторно обопштествување на односите за социјална репродукција во рамки на самата заедница, а не на државата. Организациите на заедничките кујни и селските банки (овие стратегии беа користени од многу заедници во Латинска Америка по наметнувањето на SAP во 90-тите) функционираат како пример за обопштествување на трудот, кој е дел од социјалната репродукција. Меѓутоа исто така е важно да се истакне значењето на макроекономските фактори кои ја одредуваат родовата нееднаквост, па да се продолжи со истакнување на тезата дека економијата не е неутрална сфера која може објективно да се проучува и која најдобро се регулира преку технократско и деполитизирано донесување на одлуки. Токму спротивното: економијата ја сочинуваат односите на моќ, вклучувајќи ги тука и општествените односи на родот и класата, а современата политичка екомонија е така уредена што најмногу добивки им носи на богатите мажи, во најголем број припадници на белата раса.

Извор: zarez.hr

(продолжува)

ОкоБоли главаВицФото