Левак

05.05.2013 11:06
Левак

За денешните обични луѓе левакот е оној „кој обично се служи со лева рака“ во ситуации каде што мнозинството се служи со десна. Таквата дефиниција изгледа јасна и често е доволна за да се означи како „левак“ секој поединец што помалку или повеќе отстапува од општествениот модел што се подразбира за деснаците. Меѓутоа, кога подетално посматраме, нештата се компликуваат. Тоа „спротивно“ однесување на тн. леваци ретко се докажува во конкретните ситуации. Од друга страна, модерната наука покажува дека нивниот мозок не функционира како огледало на мозокот на деснаците.

Левакот по дефиниција е различен од деснакот, но исто така, генерално, е различен и од останатите леваци. Кај нив не се наоѓа прототипот којшто се појавува кај деснаците. Значи, тешко е да се доведе група леваци во едноставна категорија што би можела да ги претставува. Кога истражувачите во невролошките науки ќе ги вклучат леваците во групата испитаници за експерименти, кај нив променливоста на резултатите е значително поголема отколку кај деснаците. Поради тоа леваците се главно исклучени за да се олесни статистичката обработка на податоци.

Во делата што го обработуваат латералитетот, особено мануелниот, прифатени се два вида стратегии за да се дојде до дефиниција на леваците: или со едноставно повикување на атрибутите што им се препишуваат, или со потпирање врз критериумите или тестовите што ги споредуваат способностите на левите или десните краци. Што се однесува до причините за леворакоста, иако често хипотетички, тоа е домен за којшто сè уште многу се дискутира, а генетиката и понатаму е далеку од обезбедување уверливи докази.

Одликите што им се припишуваат на леваците не се поштедени од етимолошките капацитети на јазикот при поврзувањето на термините како што се, од една страна, лев, несмасен, што носи лоша среќа, и од друга страна, десен, правилен, умешен итн. Во Библијата исто така се наоѓа цела социорелигиска симболика често илустрирана со двојниот потег на Господ кој со десната рака го покажува небото, а со левата пеколот. Конечно, бројни студии покажаа дека илјадници години во најголемиот дел од културите се одржувал светиот поларитет со цел да се спротивстават два принципа: силен-машки-надмоќен-десна рака versus слаб-женски-потчинет-лева рака.

Пред педесеттина години на леворакоста ѝ се припишуваа разни психомоторни нарушувања како што е дислексијата, пелтечењето или некои недостатоци во моторната координација. Денес специјалистите прифаќаат нијансирање на гледиштата во однос на ова. Меѓутоа, едно неодамнешно истражување дојде до заклучок дека кај леваците се очекува покус животен век, но тој податок не е потврден. Би можело да се работи за погрешен заклучок до којашто доведе методот на анкета што премногу се потпира врз фактот дека леваците се идентификуваат според пишувањето со лева рака.

Ако се земат предвид различните вообичаени потези, се покажува дека постојат околу 10% левораци во сите области во светот, и тоа изгледа дека постоеле уште од праисториското време, врз основа на некои студии за одредени траги. Тој процент се менува ако се земе предвид дека пишувањето подлежи на едукативните критериуми што зависат од местото и епохата. Изборот на рака со која се пишува често е подложен на силен притисок во корист на употребата на десна рака, така што изборот на левата во такви околности би можел да биде застапен кај помалку од 5% од поединците. Спротивно на ова, во нашето време, особено во англосаксонските земји, солидарноста со леваците може да ги наведе неодлучните млади деснаци да пишуваат со лева рака, со што бројот на леваци се искачува на 15%.

Индивидуалниот латералитет може уште пообјективно да се истражува така што ќе се разликуваат повеќе нивоа каде што функционално ќе се употребат парните органи: рацете, стопалата, очите, дури и ушите. Релативно едноставните тестови овозможуваат да се споредат двете страни врз основа на резултатите на секој тестиран субјект. Во лабораториите се додаваат ограничувања во просторот и времето коишто ги симулираат ситуациите од секојдневниот живот, каде што латералитетот на некој субјект може да се тестира на критички или конфликтен начин.

Таквите конфликтни ситуации очигледно се јавуваат во поединечни спортски натпревари кога натпреварувачите се поставени едни наспроти други, и тоа на мало растојание. На пример, во мечувањето, боксот, пинг-понгот и тенисот. Но, тоа се спортови каде што леваците често се прославуваат на највисоките нивоа. За тие дуели е карактеристичен високиот степен неизвесност во времето, просторот и резултатот што секој од протагонистите се стреми да го сврти во своја ползаза да го надитри противникот. Вториов мора да ја намали таа неизвесност најдобро што може, за со брза и соодветна реакција да ја преземе иницијативата за противдејство.

Истражувањата во овој домен покажуваат дека левораките што имаат десна очна надмоќ имаат повисок потенцијал да успеат во услови на изразена неизвесност. Оваа предиспозиција се потпира на функцијата на десната мозочна хемисфера, директно задолжена за контрола на левата рака и, од друга страна, специјализирана за управување со реакциите прилагодени на визуелните сигнали во просторот на акција.

Ако е познато дека левораките можат да биде попречени во извршувањето на задачите подложни на одредени социокултурни ограничувања, сега се покажува дека тие располагаат со завиден потенцијал да успеат во понеизвесните ситуации каде што може да се прослават со нивните способности за реагирање, нивната вештина, дури и инвентивност.

Извор: Le dictionnaire du corps

Слични содржини

Психологија / Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Уживање / Теорија
Живот / Култура / Теорија
Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Технологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото