Со феминизам до општествени промени (2)

05.05.2013 14:39
Со феминизам до општествени промени (2)

Специфичните ефекти од мерките за штедење

Многу истражувања, вклучувајќи го и вашето, укажуваат на фактот дека мерките за штедење не влијаат во иста мера на мажите и на жените. Кои се клучните разлики според вас?

Феминистичката политичка економија укажа на значајните различни ефекти од мерките за штедење врз мажите и жените. Мораме да бидеме внимателни во однос на ова прашање бидејќи не сакаме премногу да генерализираме, а и поради тоа што родово условените мерки за штедење се разликуваат од држава до држава. Треба да се земе предвид и дека скратувањата на одредени облици на социјални трошоци можат повеќе да влијаат врз специфични групи жени, како на пример, врз сиромашните, инвалидите, имигрантките, отколку на на сите жени како замислен хомоген збир. Меѓутоа на едно погенерално ниво, во рамки на некои од родно специфичните ефекти од штедењето се вбројуваат следните последици:

Сиромаштијата: во онаа мера во која штедењето го зголемува нивото на сиромаштија, поголема е веројатноста дека тоа потешко ќе ги погоди жените отколку мажите, бидејќи вкупниот број на жени кои живеат во сиромаштија е поголем во однос на оној на мажите (ова важи за повеќето земји, односно на глобално ниво).

Невработеностa: преку различните облици на невработеноста предизвикани од финансиската криза, а потоа и од мерките за штедење исто така може да се утврди родовиот аспект на политиките на штедење. Иако најголем дел од секторите кои се најмногу погодени од кризата се оние во кои мажите го претставуваат најголемиот процент од вработените (при што стекнуваме впечаток дека се наоѓаме сред „машка рецесија“), долготрајното ширење на кризата во јавниот сектор има јасни импликации за жените кои во голем број се поврзани со овој сектор како работнички и како кориснички на јавните и социјалните услуги. Жените сочинуваат 72% од работната сила во јавниот сектор во Ирска, 54% во Шпанија, 63% во Латвија, 53% во Романија и 65% во Обединетото Кралство. Па така, пред кризата, па и на нејзиниот почеток, бројот на невработените жени беше поголем од бројот на невработени мажи. Исто така, при тешки околности веројатно е дека жените први ќе ја изгубат својата работа. Според една неодамнешна студија на Европското женско лоби и OXFAM, процентот на невработени жени во 22 земји повторно се наоѓа на нивото од 2005 година.

Заработкатa: за разлика од оние кои заработуваат за живот од профитот, финансиските инвестиции и рентите, работниците во голема мера ги трпат последиците од штедењето. Но со оглед на тоа дека жените заработуваат помалку од мажите, поголема е веројатноста дека сеопфатното штедење ќе има поголемо влијание врз нив. Освен тоа, жените претставуваат голем дел од вработените во јавниот сектор, во кој доаѓа до бројни отпуштања, замрзнувања на платите и ограничувања на средствата. На пример, се проценува дека во Обединетото Кралство жените сочинуваат 73% од работната сила на која ѝ се замрзнати платите (според завршниот извештај на Симпозиумот за родово одредените последици на штедењето во Обединетото Кралство). Претходно споменатата студија на PSIRU утврдува дека во повеќе земји, меѓу кои и во Чешка, Естонија, Франција, Ирска, Литванија, Малта, Полска, Португалија и Словенија, се зголемила родовата несразмерност во однос на платите.

Социјалнатa грижа и помош: како што беше наведено и погоре, кратењата на средствата на социјалните служби и на програмите за социјална помош многу повеќе ги погодуваат жените кои почесто ги користат овие служби, па оттука тие се принудени да преземаат повеќе платена и неплатена работа за да ги надокнадат намалувањата на трошоците во јавниот сектор. Некои побогати семејства можеби и можат да си дозволат да ги платат негувателките во приватниот сектор, па затоа и вработуваат личности кои оваа работа ја извршуваат и при тоа живеат во истото домаќинство како и нивните работодавци. Овие работници се најчесто жени кои емигрирале од глобалниот Југ за да помогнат во издржувањето на сопствените семејства. Домашните помошнички најчесто се значително помалку платени од работниците во другите индустрии, па често работат во крајно нехумани работни услови. Оттука и на глобално ниво ваквите приватизирани решенија исто така ја перпетуираат експлоатацијата на жените, репродуцирајќи ја родово заснованата глобална поделба на трудот.

Долгорочно планирање: во многу земји мерките за штедење помогнаа во забрзувањето на процесот кој веќе беше во тек – присилувањето на поединците да се потпрат на своите приватни извори на приход и на заштедите кои биле планирани како средства за осигурување на долгорочната сигурност за време на пензијата (како приватните пензиски планови и другите облици на сигурност засновани на имотните средства). Но со оглед на тоа дека собирањето на вакви приватни форми на богатство зависи од способностите за заработка на пари на пазарот за труд, овие тенденции имаат сериозни последици за жените, кои обично работат во нестандардни облици на вработеност. Овие трендови се уште понагласени со оглед на тоа дека годините на работен стаж кои им се потребни на луѓето за стекнување на правото на старосна пензија постојано се зголемуваат.

Семејното насилство: во текот на последните неколку децении општествените конструкти на мажественоста и женственоста, заедно со неолибералните реструктуирања кои го поткопуваат идеализираниот модел на машкиот хранител и на машката релативно привилигирана позиција на пазарот на трудот помогнаа да се перпетуира и нормализира насилството кон жените. Истовремено, во контекст на мерките за штедење, во многу земји се намалуваат средствата за помош на жртвите од семејно насилство и сексуално злоставување. Во Обединетото Кралство, средствата кои локалните власти ги одделуваат за овие служби се намалија за 30% од 2010/2011 до 2011/2012 година. Во Шпанија владата ги намали средствата за поттикнување родова еднаквост за 24%, додека во истиот период ги зголеми цените на судските трошоци, зголемувајќи ги препреките за жртвите од семејно насилство (се проценува дека 64% од претепаните жени не пријавуваат семејно насилство од финансиски причини). Во Канада, владата ги намали средствата за програмите кои се занимаваат со широко распространетото злоставување на автохтоното население во интернатите, како и финансирањето на истражувачкиот проект Sister in Spirit, кој разоткри повеќе од стотина случаи на исчезнати и убиени жени од домородното население. Истото им се случи и на финансиите за проектите кои ги поттикнуваат женските права и родовата еднаквост. 




Позицијата на жените во академската заедница

Кое е вашето мислење за позицијата на жените кои се занимаваат со филозофија и политичка теорија во рамки на академијата, особено ако го разгледуваме ова прашање во контекст на марсикстичката теорија за универзитетите?

Мислам дека е добро познато дека иако сè повеќе жени се дел од академската заедница, тие стануваат сè помалку видливи, особено како што се качуваат по хиерархиската скала. Во земјите во кои работев во рамки на високото образование (Канада и Велика Британија) тоа е делумно така бидејќи уште не се земаат предвид односите и обврските кои жените (и многу мажи) ги преземаат кога стануваат родители. Исто така, во голема мера недостасува поддршка за оние кои на прво место ги ставаат активностите и аспектите на животот кои се надвор од оние кои традиционално се сметаат за индикатори на академскиот успех и влијание. На пример, во Обединетото Кралство, Одборот за проценка на квалитетите на истражувачите (Reasearch Excellence Framework, REF, на кои научниците мораат да им предадат четири публикации според кои ќе бидат рангирани), им допушта на жените кои биле на „исклучително долго“ породилно отсуство да предадат три, а не четири научни студии. Сè уште постојат расправи за тоа како точно да се дефинира „исклучително долгото“ отсуство. Пред 2012 година тоа значеше дека само жените кои земале 14 месеци породилно отсуство можат да предадат три научни публикации. Новите правила во „посебни случаи“ дозволуваат и жените кои не го искористиле целосно породилното отсуство да предадат три студии, иако одлуката се донесува ad hoc. Исто така, не постојат јасни правила за прашањето на привилегиите во однос на породилното отсуство кое го земаат таковците. Со оглед на тоа дека мислењето на универзитетскиот REF има голема улога при напредувањето во кариерата, ваквите практики имаат важни импликации. Интерните истражувањата на REF откриле поголема присутност на институционален сексизам бидејќи 64% од мажите и само 46% од жените ги предале своите истражувања.

Ако ја погледнеме генералната положба на жените во академијата, ќе заклучиме дека феминистичката општесвена мисла и понатаму се наоѓа во тешка ситуација. Некои од главните обележја на феминистичките истражувања се прифаќањето на методолошкиот плурализам, избегнувањето на апсолутните тврдења (за разлика од многуте позитивистички истражувања), односно прифаќањето на рефлексивноста на сопственото позиционирање во склоп на истражувачкиот процес и производите на знаењето. Во подрачјето на политичките науки, феминистичкото истражување е значајно и поради прашањата кои ги поставува за односите за кои обично се мисли дека се „надвор“ од т.н. јавна политичка сфера.


Замката на кензијанството

Бидејќи универзитетите сè повеќе се изедначуваат со приватниот сектор, а научниците сè почесто се принудени да бараат приватни извори за финансирање на нивните истражувања, на феминистичиот пристап кој не ги следи позитивистичките методи – коишто се фокусирани на решавање на проблемите поврзани со конкретни политики – му се заканува укинување. По минатогодишното воведување на повисоки школарини, британските институции сè почесто се занимаваат со „зголемувањето на стапката на вработеност“, што исто така може да им предизвика проблеми на феминистките во академијата. Меѓутоа, ваквите широки промени влијаат врз многу критички ориентирани истражувачи (вклучувајќи ги и многуте марксисти), а не само на феминистките.

Постојат ли конкретни феминистички одговори и стратегии кои би можеле да се земат предвид при артикулацијата на реакцијата на економската криза?

Феминистичките академици и активист(к)и развија низа конкретни предлози кои се однесуваат на начините според кои би требало да се реструктуираат владините политики, што би довело кон стимулирање на економијата и кон унапредување на родовата еднаквост. Некои од предлозите се: вклучување на неплатениот труд на жените кои работат како негувателки и домашни помошнички во рамки на пензискиот и социјалниот состав; инвестирање во здравството и образованието кои се сметаат за клучни фактори при подобрувањето на родовата еднаквост и положбата на жените; инвестирање во јавниот превоз (кој почесто го користат жените) и одржување или зголемување на јавните средства наменети за женските организации и здруженија. Не треба да се применува практиката на давање големи заеми на земјите коишто се соочуваат со сериозни финансиски проблеми, како што се правеше во 2008 година, бидејќи на тој начин богатството се префрла во рацете на мал број елитни финансиски актери. Овие заеми исто така претставуваат и еден вид „морална опасност“, не само затоа што го нарушуваат дисциплинскиот притисок на пазарот, туку и затоа што креираат ситуација при која женскиот неплатен труд служи за санација на државата која ги применува политиките на штедење.

Исто така, жените не се доволно застапени во креирањето на политиките, па оттука и поголем број на жени (и женски организации) би требало да биде вклучен во пронаоѓањето на решението за кризата на сите нивоа. Формирањето на пресметките врз основа на родовите одлики се чини како добар почеток. Моментално постојат иницијативи во десетина земји кои се обидуваат да го препознаат јазот помеѓу основните тврдења на кои се потпираат одредени политички иницијативи и количините на средства кои навистина се издвојуваат за остварување на реалните цели. Треба да ги поддржуваме и да ги шириме ваквите инцијативи.
Но при ширењето на овие иницијативи, важно е и да не паднеме во замката на повторното навраќање кон идеализираната кензијанска ера, која беше изразено родово определена и која ги перпетуираше облиците на класна и расна нееднаквост, како и облиците на експлоатација на земјите од глобалниот Југ од страна на доминантните капиталистички сили. Колку и да е неопходно феминистките да се мобилизираат за поголема родова еднаквост, мора секогаш да имаат предвид дека своите цели мора да ги постигнат во рамки на внимателно артикулираните критики на патријархалниот и колонијалниот капиталистички состав којшто се репродуцира токму врз основа на експлоатацијата на мнозинството од страна (и во корист) на малцинството. Ова треба да придонесе за надградбата и ширењето на сфаќањето според кое економијата повеќе не се одредува како природна и деполитизирана сфера која само „експертите“ ја разбираат и одржуваат, туку како темел врз чија основа се организира животот (и тука мислам на сите секојдневни активности со коишто се репродуцираат заедниците и луѓето), заради потребата за поголема демократизација.

Едриен Робертс е професорка на Катедрата за меѓународни студии на Универзитетот во Манчестер. Се занимава со феминистичка и меѓународна политичка економија. Докоторирала во 2010 година на Универзитетот Јорк на тема: Управување со општествената маргиналност: од аспект на феминистичката политичка економија за сиромаштијата, злосторствата и казните. 

Извор: zarez.hr

Кон првиот дел

 

ОкоБоли главаВицФото